This post is also available in: French

Клошарска песна на поетот 

Ha мојата caкана C. 

Струполен паднав и лежам под ѕидините на градот
и не можам ни чекор напред ниту пак назад дa cторам.
Ѕидините дишат со здивот на мојот разурнат дом,
а мојата небиднина извалкана од врвиците на рајот и на адот
одненадеж ме удира и заслепува како некој штотуку пробуден гром.
Како да станам и да се борам? Треба да станам и да се борам … 

Станав ли, не ли? — Не знам. Но знам како се разденив во градот на проколнатите поети.
Беше тоа час и време на ден долго смируван и скротуван ѕвер,

клошapcки што лунѕа низ пространите чекални и сали
и ги бара и собира последните отпушоци како реликвии стари

за кои може единствено и искрено да се жали
овде или во кој и да е Салпетриер на светот. 

Љубов моја, мое од најчиста роса исковано име,
ти секој ден доаѓаш да ја смируваш твојата неодминлива болка
додека сета утроба и целото тело во пожар на океанот ти гори,
земи ме, мила, изведи ме,
изведи ме под својата широка и смирувачка стреа,
изведи ја оваа птица низ леглата на пожарите,
низ леглата на пожарите од кои зеленило пука
и едно чудесно дрво разлистува и расне и живот од небиднината смука.
Изведи ме низ леглата на пожарите
да ми испопукаат дамарите,
а јас во твојот преграб да се распрснувам како црн балон смеа,
и животот во овој град полека да ми се гаси
за живот на она дрво небиднината што ќе го спаси. 

Париз, февруари 1978 год. болница Салпетриер

Ацо Шопов, Дрво на ридот, 1980
Песната за првпат е објавена во списанието Развиток, XVII, бр, 2, март-април, 1979
Оригиналниот автограф и прочистен машинопис се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ: АШ К1 АЕ34. Оригиналниот машинопис со автографски дополнувања се наоѓа во архивската граѓа на Фондацијата Ацо Шопов – Поезија.