This post is also available in: French Spanish Russian English Serbian Croatian Bosnian Albanian

Втора молитва на моето тело

Ова тело што лежи како мост меѓу два брега,
oва тело што живее од мугрите на твоите желби,
ќе биде и утре како што е сега,
само со два белега повеќе од две лути стрелби,
ова тело што лежи како мост меѓу два брега.

Ова тело што лежи како мост и трпеливо одамна чека
да помине веселник некој и да го пробуди пак…
Протечи под ова тело како скротена река
за да заечи силно од нежност со секој извиен лак,
ова тело што лежи како мост и трпеливо одамна чека.

Ова тело што лежи како мост некој бран да го плени
за да го улови во него својот заборавен лик
ќе стане со сите будења и мени
на нестварни желби стварен светилник,
ова тело што лежи како мост некој бран да го плени.

Ацо ШоповНебиднина, 1963
Песната е напишана на коверт од писмо добиено од Белград, на кој стои поштенски печат со датум 02.10.1959.
Објавена е на на српско-хрватски во Антологијата на повоената македонска поезија на Димитар Митрев, во 1960 год.