Also available in: French

2006, Година Сенгор во Македонија

Од март до октомври 2006 год., во Македонија беа организирани повеќе настани со кои се одбележа Годината Сенгор, прогласена од страна на Меѓународната организација на Франкофонијата, по повод сто години од раѓањето на сенегалскиот поет. Настаните беа во знакот на пријателството помеѓу Леополд Седар Сенгор, претседател на Сенегал, и Ацо Шопов, амбасадор на СФРЈ во Сенегал (1971-1975).

Oтворање на оваа Меѓународна година се одржа во Скопје на 20 и 21 март 2006 година, односно на Меѓународниот ден на Франкофонијата и Светскиот ден на поезијата.

Главните моменти од овие два дена ќе ги видите во видеото реализирано од страна на Студио Јон  и Леонардо Џони-Шопов.

Во исто време, Снежана Фидановска ја реализираше ТВ емисијата „Франкофонијата на врвот на културата“, продукција Евромак, март 2006.

На 20 март, на меѓународниот симпозиум посветен на Сенгор, мислења и ставови разменија петнаесетина учесници од Македонија, Франција и Африка, во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Колоквиумот свечено го отворија Ректорот Георги Мартиновски и Министерката за надворешни работи и професорка по француска книжевност, Илинка Митрева.

На 21 март, Светскиот ден на поезијата, министерот за култура, Благоја Стефановски,  отвори изложба посветена на големиот поет на Негритидата и на неговото присуство во Македонија. По отворањето следуваше вечер на омаж кон Сенгор и Шопов, со учество на Меѓународната организација на Франкофонијата (ОИФ), УНЕСКО и личности од македонската и меѓународната културна сцена. На овој настан во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје присуствуваа повеќе од триста посетители.

Кон крајот на август, во рамките на меѓународниот фестивал на поезијата во Струга се одржа чествување на Сенгор, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 1975 година. Настанот го водеа поетите Жан Портант (Луксембург) и Влада Урошевиќ (Македонија), како и Јасмина Шопова, претседателка на Националниот комитет за одбележување на Годината Сенгор во Македонија. Во настанот учествуваа поети од различни земји, меѓу кои и добитничката на Златниот венец во 2006 година, кубанската поетеса Ненси Морехон. Песната „Црна жена” од Сенгор одекна во салата на десетина јазици.

На 23 октомври, во Музејот на град Скопје, издавачот Сигмапрес организираше промоција на книгата Сенгор – Шопов: Паралели од Јасмина Шопова, објавена по повод Годината Сенгор.

Дваесетина години подоцна, од оваа книга произлезе поетскиот перформанс Сенгор – Шопов: Паралели со допирни точки со кој се докажа трајноста на присуството на Сенгор во Македонија.