Also available in: French
Сенгор - Шопов: Паралели со допирни точки - поетски перформанс
Поетскиот перформанс „Сенгор – Шопов: паралели со допирни точки“, во изведба на двајца првенеци на Македонскиот народен театар, актерите Никола Ристановски и Игор Џамбазов, со музичка придружба на Петар Ренџов, го заокружува свеченото отворање на второто издание на Деновите на поезијата, на 19 мај 2025 год.
Перформансот е во чест на Леополд Седар Сенгор, сенегалски франкофон поет кој пред 50 години го доби Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, и на Ацо Шопов, неговиот препејувач и пријател, кој пред 70 години ја објави збирката Слеј се со тишината со која беше одбележан историски пресврт во развојот на македонската поезија.
Сценариото на Јасмина Шопова е инспирирано од книгата Сенгор – Шопов: Паралели, Скопје, Сигмапрес, 2006, објавена по повод одбележувањето на Годината Сенгор во Македонија.
Сценарио на перформасот
СЕНГОР
Беше тоа последната ноќ на детството, густа како смола.
Стравот ни ги свиваше плеќите додека рикаа лавовите
Ги свиваше високите треви подмолниот молк на таа страшна ноќ.
Огну во пенушките ти огну на надежта! бледа слико на Сонцето што ме бодреше во младоста –
Дојде часот на смртта. Грлото ми се суши, пред неа треперам вџашен ко девица.
Дојде часот на смртта во убавината на песната – cè нешто заталкува по нејзините патишта.
При ова зајдисонце со грло на гугутка, гукаат сини гривиците
И кричат жално галебите на сонот.
ШОПОВ
Песно, те откинав од клунот на птица во крвта што ми лета,
од црвеното небо на запалените вени,
од тие далноводи на два непомирливи света,
тие изгрејсонца со неодгатнати мени.
СЕНГОР
Умира детството, нека умре песната и распрсне стихот, нека потонат сите ништовни зборови.
ШОПОВ
Изгасни песно во огнот што го запали сама.
Прска зборот и исчезнува во пепел од кремен.
Гледачу во пепелта, ја препозна ли во неа исконската драма
што доаѓа од дното на овој извор темен.
СЕНГОР
Главару на ритуалот, ми треба твојата мудрост, знам, за да ја одгатнам шифрата на нештата (...)
Песната не е само восхит (...)
Песната – змијолика птица – е венчавка на мракот со светлината в зори
Се вивнува Феникс! со раширени крилја пее над бојното поле на зборовите.
ШОПОВ
Сега сме два света, два врага, две завојувани страни,
сега сме војна без излез и кама против кама.
Кој е победен? Кој победник? Кој со изгрев на осмислени рани?
СЕНГОР
Врач ќе го прогласи победникот!
Ова е час на исконскиот страв што брзга од прародителски утроби.
Да ве нема! јалови чудовишта на мракот со злокобни муцки и злокобен здив.
Ве шибаат палмови гранки и млазови вода, ве гони гласот на Оној-што-ги-кажува-најтаинствените-нешта!
Грозен ѕвер чмае во калта кај врие од комарци жаби
Змии со триаглести глави це-це муви пајаци полни со отрови и кајмани со ками.
Во страшен трескот кременот се ломи
ШОПОВ
Сениште ѕвездено, ѕвездо на студена мора, –
исчезни со сите наречници со сите митови падни.
Под ова стебло од зборови зараснати во столетна кора
се пали страшен оган и горат корени гладни.
СЕНГОР
Во страшен трескот кременот се ломи. Каков крах а ни искра страст!
Нозете на тешкиот човек џбуркаат по лукавоста, силата му е заринкана до колена.
Коров му ги врзува стапалата. Мислите му се вијат во премрежја.
Молк над бојното поле без искра од кремен...
ШОПОВ
Кој си ти што идеш со лузни од правта на векот дален,
со едно дамна во неврат отшумено време,
и место лика на некој очајник жален
носиш суров закон за себе и своето племе?
СЕНГОР
Молскави канџи го дерат метежното небо на неговите плеќи (...)
Силен е тешкиот човек со нозе заринкани во плодната мочвара!
Силен е човекот со нозе во трските што сакаат да му ја заробат силата!
Го грее топлината на мајчинска праутроба. Силен е човекот
Опиен од топлите вина на ѕверовата крв што се пени во неговото срце
Ќе наздрави Осветениот, еј, со пиво од просо!
Sвезден крик ја распорува ноќта, се шири пискотница во беспогрешен такт.
Човекот го згромува ѕверот со магискиот јазик на песната и танцот.
ШОПОВ
Гласи сe со виј од молк, проговори со поглед нем,
засводен во својот говор со јазли семоќно власни,
и како ненужен воин со очи од црнозем
обѕрни се во кругот златен и победоносен згасни.
Старинска ѕвездо, ѕвездо на пророци и чуда, –
распрсни се во стихот, потони во најдлабок збор,
додека трае во крвта оваа светлина луда
овој подземен оган, овој непрегор.
СЕНГОР
Чујте го тој див виј на пците во црниот честар на мојата утроба.
Крвта моја одвај ја додржувам на долгиот ланец од цинобер
Јас сум син на Синот на Лавот што рика по долините
и пали стотици села наоколу со својот мажествен глас на пустински ветер.
Со џиновски скокови ќе го прерипам ридјето, гонејќи го стравот од ветриштата.
Ќе им пркосам на сите реки и мориња кај се дават девствени тела во плитките заливи на нивната мора.
Па ќе се искачам по мекиот стомак на песочните дуни и по румените слабини на денот
Cè до најцрните грла, за в еден замав да го убијам малото ригесто еленче на сонот.
ШОПОВ
Најсудбоносно пеат рибите со неми грла,
Тие што вечно кружат ко воден сончоглед.
Слези долу по скалите на оваа кула,
распретај ја жарта под крилата на водната птица
бранот на најмалиот цвет сите векови таму ги лула
и талка огромни сеништа од некои дамнешни лица.
СЕНГОР
Ветриште го шиба по бедрата, го налегнува класјето врз неговиот пол
Корењето на кралските дрвја се грчат од возбуда и болка
Но човекот го зарива громовното копје во златестото месечево срце предоцна.
Златниот хоризонт ги скротува облаците низ кои кружат сјајни орли,
Мисла-синоличка му го престега челото! Змиска глава му е Трето око.
Бојот е долг, предолг! се протегнува под сенката на трите доба на стоилјадагодишна ноќ.
ШОПОВ
Рика утробата, ко густо небо секавица ја кине,
светот се корне, пукаат старите оски,
и сè се урива, сè пропаѓа и гине
пред срните на бранот како пред расцутени боски.
Плачи водо, завивај утробо, завивај кугло запалена.
Времето невреме вистинско е време.
Под тебе земјата лежи од умора премалена
и црн коњаник иде плодот да си го земе.
СЕНГОР
Молк молк молк врз темнината…
Глув там-там… спор там-там…
тап там-там, црн там-там…
ШОПОВ
Молчи, молчи, молчи во млада боровина.
Оган и горовина. Оган и горовина.
ПЕТАР РЕНЏОВ - музичко интермецо
СЕНГОР
Сам сум во рамнината
И во ноќта
Со дрвјата стуткани од студ
Што со стиснати лакти се припиваат едни до други.
Сам сум во рамнината
И во ноќта
Со безнадежно возбудливите движења на дрвјата
По лисјето што ги напуштија и одлетаа кон други острови.
Сам сум во рамнината
И во ноќта.
Самотност на телеграфски столбови
Долж патиштата
Опустени.
ШОПОВ
Ноќ. Во ноќта крлушки месечина.
Слева од планината безгласна далечина.
Сам во ноќта стасав до планината.
Еден свет е зад мене, една мака мината.
Глеј нешто во ветките шепоти притаено:
Сè што си присакувал сè е осознаено.
И овде, под планина, во оваа низина
дише далечината со дофатна близина.
Миг… и сè исчезнува. Сон и пат. Далечина.
Сам сум. Над врвицата крлушки месечина.
СЕНГОР
Спие и се одмара на песочната белина.
Кумба Там спие. Зелена палма со превез ѝ ја прекрива морничавоста на косата, бакар ѝ го извива челото,
Очните капаци сведнати, двоен пехар и извори залемени. (...)
Тасовите на образите и линијата на брадата пеат нема складност.
Лице на маска затворено пред минливоста, без очи, без крв и месо,
Совршенство излеано во бронза со патина на времето,
Неизвалкано ни од црвило, ни од брчки, ни од траги на солзи и бакнежи.
О лику, господ што те создаде од памтивека
Лику на муграта на светот, не разголувај се и не дразни ја мојата врела крв.
Те обожувам, о убавино, со моето едноструно око!
ШОПОВ
Еве го тоа место, таа заробена убавина,
таа чудесна смрт од сино и бело,
од сино и бело во очите на ветрот,
еве го тој непрокопсаник, тоа тело.
Еве го тоа место, таа свенлива убавина,
пред сите сегашности и пред сите дамнини,
пред твоето исконско темно неспокојство –
тие неизодливи нерамнини.
СЕНГОР
И сега, со поглед нурнат во тебе, зграпчен за твоите колкови
Се искачувам по тебе, мила, по моите небесни скали
да ги наберам плодовите на мојата градина.
А кога во преграб ќе ме земеш и ме замeлуши твојот здив со мирис на зрело овошје
Тогаш ќе се роди песна: нов свет во пасхална среќа.
Да! ме целива со бакнежи на усните свои
Црната и убава ерусалимска ќерка.
ШОПОВ
Везилка си на оваа игра, на овој домородски ритам.
Од дивина со крвта ми викаш, од далечина: „Кон твоето тело неподвижно итам, јас непозната, глув водопад од месечина.
На твоето чело високо пасат плашливи елени,
ти имаш раце силни и зараснати длабоко вземи,
во твоето грло растат треви зелени,
твоите зборови се ковчести и остри, но неми.”
Везилка си на оваа игра, на оваа домородска песна
а не знам дали си моја ноќ, дали си ден,
и оваа грутка црвеница врз која лежам е тесна
за овој пораз мој величествен.
СЕНГОР
Жено гола, жено црна
Облечена во боја што е живот, во облик што е убавина!
Раснев под твојата сенка, нежноста на твоите раце ми ги засолнуваше очите.
И еве сред Лето и Пладне те откривам Земјо ветена од врвот на еден висок и збигорен превој
И твојата убавина ми го згромува срцето како молња орелот.
ШОПОВ
Телото твое црна маслина,
најтемна бронза, најдлабок звук,
звук од там-тамите на твоите претци, од нивните старински струни.
По небото на твоето тело заорува невидлив плуг
и од црните бразди
секавично изгреваат сите потопени зори.
СЕНГОР
Жено гола, жено темна!
Овошко зрела со цврсто месо, мрачна екстазо од црно вино, усто што ми ја распејува устата
Савано во чисти хоризонти, савана што трепери под огнените милувања на Источниот ветер
Там-таму врежан во скулптура, оптегнат там-там што грми под прстите на Победникот
Твојот длабок глас од контра-алт е духовна песна на Саканата.
ШОПОВ
Телото твое неуморен ритам,
крвоток на океанот,
светлина темна што ме води по патека опасна и тeснa,
од детство што ме прогони,
од порано, уште од утробата мајчина,
од првите зачетоци, најнесвесните.
Сега разбирам зошто не успеав да ти испеам ниедна песна
зашто самата си песна над песните.
СЕНГОР
Жено гола, жено темна!
Масло што не се брчка од никаков здив, мирно масло во боковите на атлетите, во боковите на принцовите од Мали
Газело од небесни соѕвездија, бисери се ѕвездите во ноќта на твојата кожа
Наслади на играта на духот, одблесоци од црвено злато на кожата што се прелева.
Во сенката на твојата коса се осветлува мојот немир под блиското сонце на твоите очи.
Жено гола, жено црна!
Пеам за твојата убавина што поминува, за обликот што го зацврстувам во вечноста
Пред љубоморната судба да те претвори во пепел за да ги нарани корењата на животот.
ШОПОВ
Исплашен и страшен
стојам под небото на твоето тело
од твоите црни магии вџашен.
Ти ме разболуваш и ти ме лекуваш,
и ми велиш: јас сум твоја ноќ и твоја вечна луна,
биди спокоен, тука ќе векуваш,
мојот сон е пострашен и од најстрашната буна.
Луно, црна луно,
од твоите магии вџашен
немам збор да ти противречи,
немам сила да ти се спротивстави.
Луно, црна буно,
незарасната, неизлечена рано,
неусетно паѓам и тонам во твојот сон…
СЕНГОР
Одеднаш се сепнав разбуден од јасен ѕвон, од удар на меч.
Душата моја налуничава ко ноќна пеперуга вртоглаво се врти околу некој фенер.
Песната на сирена што се гласи во твоите писма ѝ ги подгорува крилјата.
Стојам растргнат, збигорен, помеѓу стравот од смртта и ужасот на животот.
А ниедна книга – ниту една – да ја пороси мојата мака.
Духот ми е попуст од Сахара. Пепелта на моето срце е горчлива како исушен цвет.
Ти само можеш да ме спасиш, надеж моја,
Ти, мое сегашно, мое трајно минато време, мое безвреме
Ти совршена моја, не твоите писма, туку твоето присуство,
твоите вечнолетни сончеви усни.
Те чекам во исчекување смртта да стане од мртвите.
ШОПОВ
Љубов моја, те сретнав на овој рид како патник во мугри што подранува
ти дадов сè што можам, а сè било јаловина.
Под дрвото се љубевме и израснавме, сушата ни беше ладовина,
сега ние си одиме, а дрвото опстојува и останува.
Дај, господи, исполни ми ја последната желба
при оваа голема делба −
да се најдеме и слееме со срцевината
на ова дрво што расте на сува рида во вишината.
СЕНГОР
Мртвите не се мртви сè дури името им се воспева. - Леополд Седар Сенгор
ШОПОВ
Мртвите ќе умрат со нас и со нашата песна. - Ацо Шопов