Ацо Шопов: Раѓање на зборот
Нашите читатели добро го познаваат Шопов, не само затоа што ова списание веќе двапати објави избори од неговите песни во препев како и мошне исцрпна анализа на неговата поезија, туку и затоа што минатата година Титоградскиот „Графички завод“ го отпечати неговиот поетски избор Предвечерје, во мој превод. Книгата беше одлично прифатена од југословенската книжевна критика, а и читателите топло го поздравија нејзиното објавување.
Во рамките на една длабока самоанализа, на која се подредени и експлицитната мисла и надворешната поетска орнаментика, Шопов ја искажува својата духовна биографија во тонови на еден вид лична елегија, секогаш останувајќи на страната на хуманизацијата на животот; онаму каде што не може да проникне само со топлината на љубовта, поетот успешно проникнува со благ хумор и со прасловенска тага. И кога зборува за жената, таа најголема метафора на животот, тајна што се преобразува во секој миг; и кога им се предава на пределите на природата, со кои тој успева да ги најде најдобрите патишта што водат до разбирање; а кога медитира за смислата на постоењето, животот и смртта, за смислата на наследената крв – Шопов секогаш останува топол и питом. Посредно (преку македонската народна поезија) задоен печалбарската тага, тој печалбарството не го гледа како општествено-историска појава на нашиот народ, туку како феномен на животот воопшто, а особено како можен израз на постоењето на современиот човек. Тука започнува и тука најсилно блеснува авантурата на неговата мисла и неговите чувства. Збирката коај е пред нас ги содржи речиси сите најзначајни дела на Ацо Шопов. Да се потсетиме на неговиот циклус „Молитви на моето тело“, во кој е синтетизиран односот на поетот кон жената, страста и љубовта. Ја цитираме „Последната молитва на моето тело“:
Црн е твојот ветар, а ноќта бела
и секој дамар напнат од зрелина.
Застани како меч во овој дрворед од тела
пред да се срушиш заслепено од белина.
Но и тогаш играта ќе продолжи пак
со иста таинственост и со иста чедност.
И тие треви што ќе те покријат со мрак
ќе изгорат во пожарот на твојата жедност.
Сретен Перовиќ (1932), црногорски поет, преведувач и литературен критичар
Текстот је објавен во списанието Стварање, бр. 3, Титоград, 1967, стр. 316