Also available in: Serbian

Ацо Шопов: Границите на слободата се граници на поетското творештво, 1978

Никакви книжевни ветрови не успеаја да ме обвијат со туѓа наметка која би се косела со мојата поетска природа. Тие ветрови ме коригираа, поправаа и доведуваа до сè пополно изразување на моето поетско битие, но не ме оддалечија од патот по кој чекорам, та во една фаза да личам на еден, а во друга, на друг поет. Поетот го открива неговата песна, а не потписот што го става под неа.

Вашата поезија ја поврзуваат и со народната поетска традиција. Колку е таа вкоренета и во вашите понови книги?

Не само мојата туку и севкупната модерна македонска поезија потекнува од народна поетска традиција. И не само мојата туку и подоцнежните поетски генерации го учеа поетскиот говор од таа мошне богата народна поетска традиција.

На самиот почеток, јас бев под директно влијание на народната песна, бев буквално нејзин роб. Подоцна, колку повеќе растев како поет, толку повеќе се ослободував од тоа директно влијание и робување и станав она што сум денес, но длабоко чувствувам дека и мојата сегашна поезија е врзана со суптилни нишки за едно сознание и за еден тек на народната поезија, кој ѝ дава суштествен белег и ја прави автентична, самоникната и секогаш свежа и млада.

Така, последниве години во мене се раѓаше и се роди идејата за небиднината, која сестрано е поврзана за судбината на мојот народ и на неговото поетско творештво.

Така, моето поетско творештво постепeно се ослободуваше од директното влијание на народната песна за на крај да се стопи со неа на едно повисоко творечко ниво.

Така станав поет на Небиднината, како што и сите други талентирани поети станувале пoети на својата индивидуална посебност.

 

Познато е, другар Шопов, дека како наш амбасадор се запознавте и со други култури и поетски традиции. Дали тие Ви отворија нови хоризонти на сознанија и поетски откритија? 

Мислам дека периодот од пет години е сосема доволен еден поет подобро да го запознае ритамот на животот и обичаите во еден регион во кој живее и кога ќе се сроди со него поетски да го засака и опишува.

Оној кој еднаш го запознал и го почувствувал ритамот на Црна Африка, дивиот повик на саваната и прашумата, тој тешко може да се ослободи од тие таинствени шумови и довикувања, неговата крв го впива тој таинствен свет и тој почнува полека и поетски да го одразува.

И глеј чудо! Преку судбината и историските премежја на народите од тие далечни краеви, тој несвесно и полека почнува да ги открива судбината и неправдите што му биле наметнати на неговиот народ.

Откривајќи го светот, тој подобро ја запознава својата татковина. Стихот му станува поеластичен, поширок, поподатлив на довикот на африканските, и не само африкански, далечини и дивини.

Така и јас се вратив со збирката Песна на црната жена во која се обидувам да ги средам впечатоците од Црна Африка, а всушност ги средувам впечатоците за својата татковина.

Колку е светот голем, а така мал!

 

Македонска книжевна современост е своевиден феномен, особено на поетски план. Како го објаснувате тој голем број талентирани поети и оригиналноста на поетски израз во повоениот период?

Македонскиот литературен феномен може да се сфати и да се објасни со многу долгото, со столетија одречувано право на изразување на својот народен јазик. Еден народ со векови не смеел да ги искажува своите чувства, па сето тоа го пренесувал, од поколение на поколение, преку усмената традиција, а само ретки генијални поединци успеале да загрмат со својот поетски глас и да ги довикаат идните мугри и осамнувања.

Така во народот се насобрал огромен поетски потенцијал кој го чекал поволниот момент, денот на ослободувањето, за да изблика од срцата и устите на многу надарени луѓе, кај секого со посебна поетска арома, мирис и боја. А таа поетска полифонија се сведува со својот заеднички именител на необично богатата полифонија на народната поетска традиција.

Она што некогаш било оспорувано и оневозможувано сега слободно се разгранува и шири. Границите на слободата се и граници на поетското творештво. А тоа е мошне широк круг во коj има доволно место за сè што е човечко и хумано.

 

Постои ли некоја битна разлика помеѓу Вашите први дела и најновите, и во што таа главно би се огледала?

Јас сум од оние поети што остануваат верни на себеси од првите поетски обиди, па сè до денешното зрело творештво. Никакви книжевни ветрови не успеаја да ме обвијат со туѓа наметка која би се косела со мојата поетска природа. Тие ветрови ме коригираа, поправаа и доведуваа до сè пополно изразување на моето поетско битие, но не ме оддалечија од патот по кој чекорам, та во една фаза да личам на еден, а во друга, на друг поет. Поетот го открива неговата песна, а не потписот што го става под неа.

Моите први преокупации, љубовта и борбата, се мои постојани опсесии, но секој може да го забележи квалитетниот растеж и созревањето на поетот ако ја спореди почетната со подоцнежните фази.

Во тие квалитетни разлики се огледуваат сите мои мени и промени, од моите први дела до најновите.

 

Дали би можеле денес да се присетите на тие свои поетски почетоци, и не само на Вашите... бидејќи тие беа и почетоците на модерната македонска книжевност.

Со задоволство се присеќавам на тие денови кога како мала група поети и прозни писатели влегувавме во македонската книжевност.

Тука беше поетот и прозниот писател Славко Јаневски со песните „Цветови“ и „Песна за војникот два метра в земја“, потоа поетот и прозниот писател Блаже Конески со песните „Сончева колона“, „Тешкото“ и „Везилка“, јас со песните „Љубов“, „Очи“ и „Партизанска пролет“, Гого Ивановски со песната „Рашела“ и други.

Сите нам заедничка инспирација ни беше борбата за конечно ослободување на македонскиот народ заедно со сите други народи и народности на Југославија, а некои се обидоа да ги откријат вековните мотиви околу кои се собираше македонскиот народ за да истрае во таа борба.

Овие песни и ден-денес можат да ги трогнат читателите со својата свежина и длабочината на искрените намери.

 

Вашето дело беше своевиден летопис на повоените случувања...

Се обидував секој позначаен настан да го облечам во соодветно поетско руво. Почнувајќи од младинските работни акции или замислата за приклучување на Истра кон татковината, преку џиновската борба против идеологијата на Информбирото, па сè до израснувањето на свеста за националната и етничка неделивост на Македонија.

 

Што подготвувате сега, со што сте моментално преокупирани?

Реков дека се вратив од Црна Африка со песни во кои се обидов да го откријам тој свет, а всушност ја открив Македонија. Мојата најнова преокупација е откривајќи ја својата татковина да го откријам светот.

Колку е светот мал, а така голем!

Nenad Radanovic WEB

Интервју на Ацо Шопов со Ненад Радановиќ, објавено во Oslobođenje, Сараево, 14.10.1978, стр. 11.

Овој текст е превод на машинопис од Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, архивска единица АШ К3 АЕ87, во кој Шопов одговара на прашања што Ненад Радановиќ му ги пратил по пошта. Автографот со прашањата и писмо од Н. Радановиќ по објавувањето на интервјуто се наоѓаат во архивската граѓа на Фондацијата Ацо Шопов – Поезија.

Превод од српскохрватски: Јасмина Шопова.

Текстот е објавен во 2024 година, во книгата Автопортрет со седум прсти.

Други разговори и статии на Ацо Шопов