Also available in: Serbian

Поет на жедта за живот

Самиот наслов на збирката Слеј се со тишината – дејствува донекаде како акцент на усаменост, на затвореност; некако: премногу заклучено во себе. Но, каква е таа усаменост, кон што води таа: – никако не води кон себеизолираност. Најсубјективните песни во збирката и особено циклусот „Убавината“ со кој почнува збирката – се потврда, најсилна потврда за тоа.

Ќе треба ли да бидеме поодредени, ќе најдеме дека е овде Шопов не толку поет на животот колку поет на жедта за живот.

Пред сè, останувањето во тишина и разговорите во тишина и со тишината се само паузи во текот на едно бујно, на едно импулсивно, виталистички преокупирано трагање по животот и живеењето. Па: осаменост што е поскоро починка меѓу две патувања, меѓу два похода кон непознатото. Осаменост за која најадекватна ознака ќе бидат стиховите на друг еден и не помалу изрзит суптилен лиричар – Стеван Раичковиќ: „Ко зна лутања, тај зна мир шта је тиха стаза кроз плавило“. И не помалу адекватен за збирката би бил насловот означен со стихот: „Судир со непознатото“, што е завршна поента на песната „Кон галебот што кружи над мојата глава“.

А тоа со ништо не ја намалува животноста на таа поезија. Поет, и тоа: на жедта за непознатото во животот, на она што уште не било вклучено во поетовиот полетен животен регистар. И уште поодредено: жед не за било што и не љубов за било што – за убавото, за вистинитото, ослободени од секакви условности, за најотворен показ на необичното и несекојдневното. А се знае зашто: и авторот на таа поезија, како и ние: секојдневно сме здосадени од најнеквалитетни, не само сиви и безбројни, но и безбојни – секојдневности, па затоа:

Она личи на измама тешка.
Безобзирно, дрско во крвта заронува,
Денес што е за подбив и смешка
со утрешна смисла в миг го озаконува.

Игро мудра, само таква биди,
разгорни се сета богато надарена,
и секогаш во животот иди
од несекидневноста чиста и озарена.

Сѐ што гасне сѐ в зеница сјае.
Преминот е тихо, светло насмевнуванње.
Дај, природо, мојот живот да е
далеку од секое штуро примирување.
(„Промената“)

И природно е што ќе се открие овде, како кај секоја суптилна лирика, и едно враќање, и еден однос кон природата и природното што е витализиран низ чистиот патос на една бујна жизнерадосност:

Не, не треба починка, не треба смирување,
сето поле пукнало од здравина,
па крвта е моја светло разделување
од таа разгаленост, од таа убавина.
(,,Ах таа убавина“)

или:

Па со поглед што блика и зрачи,
потонувам до дно во модрината,
и кликнувам пак на убавината:
прострелај ме со своите лачи!
(„Убавината“)

Па ќе биде досегот со убавото во природата и природното и пак: како својственост на секоја длабоко човечна лирика – ослободување од душевни тешкотии и душевни немири:

Кога ти е најтешко, кога ти се чини
дека гласот ти е крик, а погледот – молење,
загледај се, нурни се во водите сини,
ај, во таа свежина, во тоа шумолење.

Ќе сетиш со длабок здив.
сила и смирување.
Погледот ќе блесне жив,
жив од подмладување.
(„Кога ти е најтешко“)

И не е реченото овде – празна екскламација, не е – пуст вербалитет. И не се тоа – истргнати стихови, блиски до нивната емотивна свежост, родствени на нивните виталистички компоненти (па: стихови кои фиксираат вистини и состојби што можат да бидат сопатници и на нашата душевност и на нашиот емотивен свет ) – ќе сретнеме и во „Младост“, и во „Ноќта“, и во „Лист“. (Толку посугестивно е тоа кога се знае малубројноста на песните што ја сочинуваат оваа збирка на Шопов).

Најубавиот општочовечки лирски миг во нашата лирика

Па и кога не би биле виталистичките вибрирања во таа – и нова и значајна – стихозбирка така јасни и така интензивни, кога миговите на тишината не би доаѓале како паузи и починки кон нови средби со непознатото, со убавото и вистинитото, со несекојдневното, кога би биле тие мигови и една статичка зафиксирана состојба на душевното и емотивното, како што се чини тоа при песната „Во тишина“, сигурен сум дека и најпреднамерениот скептик спрема животниот простор на интимата ќе се најде разуверен и разоружен, ако спрема друго, сосем сигурно – спрема отсуството на интима што е скована и скаменета во солипсизам и солипсистичка затвореност. И не само тоа и многу повеќе од тоа.

Песната „Во тишина“ со која е означен еден од најчистите лирски тонови на авторот (не е никаква смелост да се тврди тоа) е еден задлабочен, еден целосно интроспективен пробив во светот на интимата.

Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече
закопај го во длабока тишина
тишината сама ќе го рече“.

Да се почувствува тишината – спокојна, тешка, самотна, музички доживеана – колку пати поетите ни говореле за тоа… И не е случајно што така често и така чисто говореле за тоа. Секоја богата и внатрешно раздвижена душевност не еднаш го барала говорот на тишината. И најчесто – кога говорот наш одекнувал навистина во тишина, кога битките наши ни изгледаат глуви, како што убаво го беше рекол тоа и убаво за беше означил таа состојба еден друг наш поет.

Така осамотен, човек чувствува дека не е самотен. Самотното оставање во тишина што било кај секој од нас не е атрофирање на слухот спрема Говорот на околното, а една внатрешна потреба за катарзата на молчењето, за да биде потоа појасен гласот на говорењето за другите и со другите. Па привидна е таквата самотност. А се јавува таа и како длабок говор низ молчењето, како што и поезијата сама понекогаш една потреба за молчење. Невозможно е без молчење, како сите длабоки говори. Па привидна е и статичноста на изразената состојба. Длабокото и интроспективното е интензитет, а интензитетот е – движење.

И бидејќи такви состојби биле и кај нас, песната за тишината го натфрлува значењето на субјективна исповед, добивајќи ја тежината и рамерите на нешто општо и фрла мост меѓу поетовиот и нашиот субјективен свет. Затоа е таа песна и еден прекрасен лирски медалјон, најкраткиот, но и најубавиот општочовечки лирски миг во кратката поема на нашата лирика.

Лирска сугестивност

И она што е најново во Слеј се со тишината е потсилената интроспективност на лирскиот пробив и заостреноста на грижите за емотивна сконцентрисаност и единственост. А спроведени се тие две јасно видливи нагорни тенденции во постапката при еден показ на наједноставното како тематски предмет.

Па толку позначајно се открива и постигнатото: од најситното да се постигне неретко максимална лирска сугестивност, при задржувањето на еден детал и од еден детал да се создаде – песна, да се пронајде во обичното и секојдневното необични и несекојдневни лирски димензии, да се постави како лирска идеја една подробност и да се постави со целосна и задлабочена емотивна единственост.

Ознаки се тоа на една извонредна творечка сконцентрисаност, тоа е моќ на еден внатрешен интензитет, па затоа се јавува веќе како никогаш до сега кај Шопов – и како моќ на лирска згуснатост и синтезираност – кон суптилни, па и церебрални експресии и опсервации.

Неколку примери:

Го барам својот глас во молкот див на морето,
оно се скаменува.
Во жолтата пустина на есента го барам,
она зазеленува.
Моите раце не се мои раце
(моите раце со прсти на месечина).
Моите раце не се мои раце
(моите очи, очи за далеична).
Мојот збор е тврда вилица на времето
што ‘рти по нивјето со заби на семето.
(„Го барам својот глас“)

или:

Мојата улица нема куќи високи,
ни липи, ни маслини, ни багреми зелени.
Она понекогаш на мртво дрво личи
кај случајно ќе слетаат птиците иселени.

Мојата улица е мала и безимена,
со обични радости и обични грижи,
и да нема зеници од сонцето подгорени
не ќе може ништо со светот да ја зближи.

Низ мојата улица само јас поминувам
и само навечер штом се успие тишината
она се буди плашлива и измамена,
измамена од гласот на далечината“.
(„Обична улица“)

Околното и она што е во природата не е сликарски пејзаж, не е декоративно свежување на лирскиот звук, не е самоцелно помошно сретство, а едно вплетување на човечкиот немир во динамиката на обичното и природното, на минијатурното и едноставното. И тоа ја чини таа лирика – лирика со посебна изразита температура, лирика која и од најситното знае да создаде еден целосно сугестивен лирски штимунг:

Се откина од гранката сам, полека и несетено
и остана во воздухот да лебдее така.
Мислејќи дека е жолта пеперуга, детено
пружи по него рака.

И не се измени ни со прелив мал
на есента божилото.
Само гранката задржа скриена жал,
жал за зеленилото“,
(„Лист“)

или:

Паднат на ридот, еден штрк
сонува брегови зелени.
Му се привидува дека е пак
со јатата иселени.

Во летот долг се срушил он
и никој не го закрилува.
Sемне… и мисли дека е сон
првата снегулка што го милува“.
(„Штрк“)

Лириката без чувство е вино кое не опијанува

Ќе се забележи и едно поразнострано изнесување на емотивното: од спонтани изливи до луцидно-екстазни констатации низ раздвижена, низ динамизирана импресионистичност. И тоа, и тогаш кога мотивите се чинат еднообразни и монотони, го ослободува лирското дејство од еднообразие и монотоност. И во сето тоа: искреноста – тоа најорганско обележје на таа лирика – го врши своето ослободувачко и обновувачко дејство, чинејќи го спонтано сигурен и внатрешниот и надворешниот ритам на таа поезија.

И навистина радосен миг е средбата со тие песни и кога ќе се почувствува лирската чистота и лирската сила на зборот, музикалноста, течноста на стихот, единственоста на лирското дејство, јасноста на метафориката, јасноста и придоноста и на она што е асоцијативно, радосен миг, зашто при онаа обратна средба со распространетите во последно време феномени на безасоцијативна асоцијативност, на метафорично безредие, на беззвучност и бесмисленост на стихот чувствуваме како таквата квазимодерност рекордира да ја сруши верата и довербата во егзистенцијата и дејството на поезијата во наше време, радосен миг и затоа, што покажува дека и во тоа наше време, – најчистата лирска радост доаѓа од оној стих што не заборава дека музиката е ембрион на поезијата и дека лирика без чувство ќе биде вино кое не опијанува.

И сепак: во она што е редок квалитет на лирика на Ацо Шопов – она од најситното, од најобичното и наједноставното да се создаде поезија – го согледуваме најнеотпорното и најнеодржливото во таа збирка. И не е ни чудно тоа: она со кое се постигнало најмногу ќе биде и најмногу форсирано од авторот. Но, тоа е и најопасното, зашто може да го ослаби критериумот за она што е значајно и за она што е незначајно во обичното и едноставното. А се чувствува кај Шопов дека, понесен во непосредното и спонтаното, склон е да направи понекогаш поезија и од она што е негово и едноставно, но е незначајно ни како негово, ни како едноставно.

И најкарактеристичното во тој однос е изразено во песната „Notre Dame“. Таа песна е и најсумарниот показ за слични неодржливости во сета збирка. А реализирана е со песната една стопроцентна чувствена наивност, една екскламација – подигната и сликовита, но – празна и пуста. Па постои и за понатаму: проблем за контрола и дисциплинираност на искреното и инспирираното; затоа, постои проблем за култивирање на она без кое лириката не е лирика.

А тоа пак никако не е укажување и изискување ни за потценување, ни за потискување на непосредно-спонтаната компонента, а која е – така богата и така знаачјна во лириката на Ацо Шопов.

И не само тоа: како што ја респектираме кај некои мисловно-рефлексивната компонента, ќе ја респектираме кај други: спонтано непосредната. А со неа, со таа втората: поезијата во Слеј се со тишината е отворена за емотивноста на мнозинскиот читателски круг. И не само на тој круг, но и срцата на тие што ја имаат умешноста непосредно да се одушевуваат од поезијата се отворени понекогаш токму за неа. Токму за таква лирика. И треба ли да се заклучува дека една таква лирика ќе стои секогаш суверено во видеокругот на секој, па и на најригорозниот, антологичар на нашата лирика.

Димитар Митрев (1919-1976), македонски теоретичар на книжевноста

Димитар Митрев (1919-1976), македонски универзитетски професор и теоретичар на книжевноста

Македонска верзија на текст објавен на српскохтватски во белградското списание Савременик бр. 9, 1956, стр. 300-304, под наслов: „Ацо Шопов: Слеј се со тишината, Кочо Рацин, Скопје, 1955“.

Овој текст на македонски е составен дел на студијата „Поезија на трајни вредности“, објавена како предговор на второто издание на Златен круг на времето, Скопје, Мисла, 1969.

Поднасловите се од редакцијата на Лирскиот дом.

Други студии и критики на Димитар Митрев за творештвото на Ацо Шопов