Шеста молитва на моето тело

Везилка си на оваа игра, на овој домородски ритам.
Од дивина со крвта ми викаш, од далечина:
„Кон твоето тело неподвижно итам
јас непозната, глув водопад од месечина.

На твоето чело високо пасат плашливи елени,
ти имаш раце силни и зараснати длабоко вземи,
во твоето грло растат треви зелени,
твоите зборови се ковчести и остри, но неми.”

Везилка си на оваа игра, на оваа домородска песна
а не знам дали си моја ноќ, дали си ден,
и оваа грутка црвеница врз која лежам е тесна
за овој пораз мој величествен.

Ацо Шопов, Небиднина, 1963
Објавена за првпат во Современост, бр 7, септември 1959, стр. 583-584.