This post is also available in: French Spanish German English Serbian Croatian Bosnian Italian
Црно сонце
1.
Ни исток имаш, црно сонце, ни имаш запад,
ни небо за молитва ни земја за напад.
И секој што ќе посака да ти се напие од сјајот
изгнаник е од пеколот и изгнаник од рајот.
Тревите се веднат, дрвјето трчаат боси
пред твојот цвет што гори и црна пепел носи.
Црно сонце, птицо преправена во ѕвезда,
кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна.
Црно сонце, црно без исток и запад,
црно сонце за жедни на брегот што ќе стапат.
2.
Од која незнајна земја, како долета тука
о црно сонце, птицо во живо дрво што клука.
Кој маѓесник те прати, со каква тајна сила
ѕуницо над триста Волги и преку триста Нила.
Каков е тој небесен појас, таа шарена лента
од сите темни галаксии па до нас – два континента.
Зар да те истрадам сега пред да знам како се страда,
пред да те видам како вселенска барикада.
О црно сонце, песно, о кој ли тоа те става
на плеќи да те носам место својата глава.
3.
Каде ме водиш сега, која ли пештера глува
сè што ќе биде наше ќе знае да го чува.
Ѕвездите гледаат во нас, а ѕвездите се слепи.
Ние сме само на светот како две сраснати крепи.
Кој тоа над нас стои, кој тоа над нас ѕида
за да нè закопа живи во мртва пирамида.
О песно, земјо, жено, о живот и смрт ведно
сè што ми носиш денес, сам ќе го испијам жедно.
Ни исток имаш, црно сонце, ни имаш запад.
Попусто те молам со молитва за напад.
Ацо Шопов, Гледач во пепелта, 1970
Песната за првпат е објавена во Современост, год XIX, бр. 2, февруари 1969, стр. 129-130