Also available in: French

Ураган

Ураганот корне сѐ околу мене,
Ураганот корне во мене лисје и ништовни зборови.
Вителот на страста пишти во тишина
Спокојство врз сувиот торнадо, врз бегството на ивернажот!

Ти вжарен ветру, чист ветру, ветру на убавото време, изгори го сиот цвет, секоја залудна мисла
Кога напаѓа песок врз дуните на срцето.
Слугинко, прекини го твоето движење на статуа, а вие деца, вашите игри и вашите смеи налик на слонова коска.
Нека го уништи твојот глас и твојата става, нека го исуши мирисот на твоето тело
Пламенот што ја осветлува мојата ноќ како столб, како палма.
Вжари ги моите крвави усни, Духу, дувни преку струните на мојата кора
Песната да се вивне чиста како златото на Галам.

Леополд Седар Сенгор, Песни од темнината, 1945.
Препев од француски: Ацо Шопов во Поезија, 1975, и во Сенгор – Шопов: Паралели, 2006

Ивернаж: Сезона на дождови во западна Африка.

Кора: Инструмент со струни.

Галам: Област на десниот брег од реката Сенегал, во близина на границата со Мали.