Also available in:
Сонце
Сонцето огнена топка, струполена над вжареното море.
По работ на дивина и бездна, залутувам по лавиринт од патеки.
Таа ме следи, гордата миризба што ми ги надразнува ноздрите
Прекрасно. Таа ме следи и ти ме следиш, сенко моја.
Сонцето се нурка во морничавост
Во раскош од светлости, трепети од бои, крикови и лутби.
Една пирога, тенка како стрелка во неподвижното огромно море
Еден веслач и неговата сенка.
Крвари песочникот на гребенот Наз кога се запалува светилникот на Мамел
Во далечина. Иста тага ме прободува при помислата на тебе.
Мислам на тебе кога одам, кога пливам,
Кога стојам или седам, мислам на тебе наутро и навечер,
Во ноќта кога плачам, или кога се смеам,
Кога зборувам и си зборувам, и кога замолчувам
Во моите радости и таги. Кога мислам и не мислам
Мила, јас мислам на тебе!
Леополд Седар Сенгор, Писма од ивернажот, 1973Препев од француски: Ацо Шопов во Поезија, 1975, и во Сенгор – Шопов: Паралели, 2006
Наз: Ненаселен остров во близината на Дакар.
Мамел: Највисокиот рид во околината на Дакар.