This post is also available in: French
Сам со својот пламен во градите
Сам сум заробен во зелената одаја на дворот.
Нема никого: ни пријатели, ни блиски, ни непознати.
Сè е смирено. Само тишината ги дебне и ги лови
немирните шумови на лисјето и веднаш ги скаменува.
Ноќта се отвора благородно како цвет што разденува.
Пука некоја невидлива пупка на црвен трендафил
и од пукнатите лисје ѕирка пожар со црвено лице.
Пупката расте, се шири и сиот двор го ожарува,
но за миг црвениот трендафил исчезнува и пожарот згаснува.
А црвениот пламен го бара местото на моето срце
и таму полека во огромно пламено дрво израснува.
Сам сум заробен во зелената одаја на дворот.
Нема никого: ни пријатели, ни блиски, ни непознати.
Седам сам со својот пламен во градите.
Пламенот ме огрева посилно и од зборот на поетите
исчезнати во семирот и синевината
барајќи го светот на убавината,
непозната и ненадмината.
Црвениот трендафил како крв се шири, истекува
а овој пламен во градите навек тука ќе векува.
Ацо Шопов, Дрво на ридот, 1980
Песната за првпат е објавена во Современост, XXVIII, бр. 6, јуни 1978, стр 4, под наслов „Седам сам со својот пламен во градите”.
Оригиналниот машинопис со авторски дополнувања и првата верзија на машинописот се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ: АШ К1 АЕ34.