This post is also available in: Serbian Slovenian Croatian Bosnian
Очи
Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце.
Другарите беа и морни и гладни
со згорени грла и свиени плеќи
со тап бол се впија во очите ладни
и жалеа оти не ќе пламнат веќе.
Но јас знаев оти пак ќе вивнат в жарој
и борците под нив ќе цветат и раснат,
в студените утра ќе греат ко сонце
и никогаш нема да стивнат и згаснат.
Последната вечер в планинското село,
кај борците беа во дрипава дреа,
со пликови жешки на стапалки тешки,
и смрштени чела – згасени, мразни
ко нивните пушки укочени, празни,
и нечујно, глуво, ко здушена река
се точеше шепот од уво до уво:
“Утре, друже, в зори, страшен бој нè чека,
а ние сме малку – сал неколку души…”
И кога ко игла ти прободе уши –
ти растресе снага и размолска тага,
со луњени очи широки и волни
ги расече в ноќта здивените молњи!–
Ко тогаш, ко тогаш, о другарко, помниш –
в смрзнатата вечер на пролетта рана,
кај нашата младост и првата радост
ја косеше луто куршумната слана,
а ти чело збрчка, ко тигрица рипна
и летна во ноќта крвава и црна, –
со своите очи што ригаа пламен
ги растопи часкум челичните зрна…
И после! И после – в последната вечер…
Јас нејќам да мислам што потаму стана!
Сал помнам те изви крвавата рана,
прошталниот шепот ти замрзна в усни,
но гореа очи под веѓите густи!
Со нивниот пламен и со клетва света,
на заседа тргнав сред мојата чета.
А утринта кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе в редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! о видов – кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила –
ко елени брзи и лесни ко птица.
А твоите очи се искреа гневно
на нивните потни, распалени лица…
Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
a секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце.
Ацо Шопов, Со наши раце, 1950
Песната “Очи”, посветена на Вера Јоциќ, е напишана во Белград, во 1945 година. Првата верзија е објавена во списанието Нов ден, бр. 1−2, 1946, стр. 64−65, а веднаш потоа во колективната збирка Песни, во која се застапени и Блаже Конески, Славко Јаневски, Гого Ивановски и Лазо Каровски. Прочитајте ја првата верзија на „Очи” тука.
Прва збирка на Шопов во која се појавува песната „Очи” е Со наши раце (1950).
На српскохрватски првпат е објавена во Антологијата на повоената македонска поезија на Димитар Митрев, во 1960 год.
„Верувам дека сите барем еднаш сте поминале покрај нејзиниот паметник на десниот брег на Вардар пред градскиот парк. Од каменот во вас гледаат очи со цврст пробивен поглед, а над челото, како од ветар понесена, се разлева долга, густо испреплетена коса. Ако се загледате во неа, во таа коса изрежана во каменот, ќе ја сфатите наеднаш сета симболика што уметникот сакал да ја соопшти како свое доживување за вистината на едно време. Тука ќе ги насетите сите искушенија, сите занеси и подвизи на бригадата чиј борец беше Вера Јоциќ, тука се и Козјак-планина и Осогово и Плачковица, една земја изрована од несон и себенаогање.” – Вера Јоциќ во очите на Ацо Шопов
„’Очи’ се очи на храмот на револуционерната поезија, победоносно знаме. Сите духовни борби, сите физички патила на сите големи поедици од македонското минато кои се раѓале и бореле без јазик за молитва, кои се бореле за својата и за слободата на секој поробен народ, како да дошол историскиот миг во песната ‘Очи’ да прогледаат и да светкаат со молња… зашто, говорот на ‘Очи’ е светлост на врховниот симбол на поезијата и животот на Ацо Шопов − сонцето” – Пред песната „Очи“ од Ацо Шопов, Радован Павловски