Обична улица
Мојата улица нема куќи високи,
ни липи, ни маслини, ни багреми зелени.
Она понекогаш на мртво дрво личи
кај случајно ќе слетаат птиците иселени.
Мојата улица е мала и безимена,
со обични радости и обични грижи,
и да нема зеница од сонцето подгорена
не ќе може ништо со светот да ја зближи.
Низ мојата улица само јас поминувам
и само навечер штом се успие тишината
она се буди плашлива и измамена,
измамена од гласот на далечината.
Ацо Шопов, Слеј се со тишината, 1955
Јасмина Шопова, ќерка на поетот, се присеќава на некои момети од животот и ја чита „Обична улица”