Also available in: Serbian

Извонреден поет

Ацо Шопов е, без сомнение, извонреден поет. Еден од најдобрите што ги имаме денес. Изборот на Сретен Перовиќ повеќекратно тоа го докажува.

Но, Шопов е исто така поет чии креативни димензии и амбиции се протегаат надвор и над изборот на Перовиќ, којшто, сосема разбирливо, подразбира антологиски пристап кон опусот на поетот.

Затоа, покрај сите признанија за писателот кој ги избрал, превел и препеал овие стихови и за издавачот кој го реализирал овој книжевен и културен потфат, судот за оваа книга не би можел да ја прифати одговорноста за поопфатна евалуација за поетот кој ѝ е претставен на српскохрватската читателска публика. Не може затоа што сепак тоа е Шопов, онаков каков што го гледа Перовиќ. Тоа е Шопов потчинет на Перовиќовата концепција за Шопов, на Перовиќовото убедување дека најдоброто и најрепрезентативното е токму она што го избрал и дека токму тоа може да создаде најцелосна идеја за овој поет кај читателот.

Имајќи го, значи предвид ваквото оградување, читателот има можност да се сретне со избор од многу солидна конструкција, со песни што се вклопуваат во единствена и хомогена целина, со книга во која, очигледно, концепцијата на составувачот е доследно имплементирана. И таа концепција е содржана во напорот да се доведе креативната драма на поетот во центарот на вниманието на читателот, неговиот однос кон чинот на создавањето, кон суштината на поезијата, потоа да се покаже спектарот на уметнички транспонираните интереси и дејства на поетот што ги емитува таа драма и, конечно, да се комплетира целината [...]

Не би имало што да ѝ се преговори на формалната страна на овој избор, на начинот на кој е конструиран. Забелешките се однесуваат на неговата концептуална основа изведена од позициите што Перовиќ ги презентираше во својот поговор. Имено, кога зборува за поезијата што се пишува денес, тој ги спротивставува двата најкарактеристични вида: поезија на таканаречената романтична инспирација и поезија на таканаречената класична инспирација.

Богдан А. Поповиќ, српски писател и уредник

Статијата е објавена во Књижевне новине, 19.03.1966, стр. 3-4, под наслов „Прво потпуније упознавање. Ацо Шопов: Предвечерје”.