Also available in: English French

Отворена капија на Лирската воденица - Бургундија

Влез Лирската воденица, во 2025 година

Замислена како годишна средба меѓу културното наследство и современото творештво, со цел да поттикне дијалог меѓу културите, Отворената капија на Лирската воденица е културна манифестација основана во 2025 година, во Мец-ле-Конт, Бургундија, Франција.

Отворајќи широк простор за синергии меѓу различни културни дејци од Франција и од странство, програмата се одвива во воденицата Моризо, денес наречена „Лирска воденица“, како составен дел на Лирскиот дом на Ацо Шопов.

Таа нуди уметнички содржини, богати и по број и по квалитет, за пошироката публика, меѓу кои еден дел е наменет за најмладите, со цел да се поттикне нивната чувствителност кон културата и да се развие нивниот уметнички потенцијал.

Проектот го иницираа и го реализираат сопствениците на воденицата Моризо — Јасмина Шопова, поранешна главна уредничка на Гласникот на УНЕСКО и потпретседателка на Фондацијата Ацо Шопов – Поезија, и Никола Журне, шеф на рубриката „Книги“ во списанието Sciences humaines.

За „лирските воденичари“, валоризацијата на локалното културно наследство — особено нематеријалното — претставува императив, еднаков по значење со афирмацијата на современото уметничко творештво и со промоцијата на културната разновидност.

Оттука, првото издание на оваа културна манифестација, во 2025 година, им оддаде почит на Адам Бијо (Adam Billaut, 1602–1662), „столарот-поет од Невер“, амблематски лик во регионот; Луиш де Камоенш (Luís de Camões, 1525–1580), национален поет на Португалија за кого се одбележуваа 500 години од раѓањето; како и на модерниот македонскиот поет Ацо Шопов, душата на Лирската воденица.

Квалитетот на програмата е во сржта на пристапот на Лирската воденица и претставува одлучувачки критериум на манифестацијата.

Така, во рамките на своето прво издание, Лирската воденица меѓу другите ги пречека Жан Портант (Jean Portante), еден од најпризнатите поети од Луксембург, Никол Ик (Nicole Huc), глумица во Театарот де ла Ишет — „најмалиот од големите париски театри“, како и Бакус (Bacchus), прогласена за „култна трупа“ од страна на весникот L’Est républicain. Публиката имаше можност да ужива и во уметноста на Бевинда (Bevinda), португалска фадо-пејачка која живее во Арси-сур-Кир (недалеку од воденицата), со богата дискографија од бројни албуми, како и творештвото на Бенедикт Мубарак (Bénédicte Moubarak), ликовна уметница која живее помеѓу Париз, Му-ан-Морван (во близина на воденицата) и Либан — земја која длабоко ја испирира како уметница и како жена ангажирана во социјалните и еколошките прашања.

Ова прво издание, исто така, им даде значајно место на десетина други уметници, кои потекнуваат од локалната средина, од други региони на Франција и од странство. Едните афирмирани, другите во подем, тие сите претставуваат автентични фигури во современата уметност и во многу придонесоа за богатството и културната разновидност на проектот.

За секое издание, Отворената капија на Лирската воденица објавува веб-страници посветени на програмата, на биографиите на учесниците и на описите на настаните.

Бисер на бургундиското културно наследство

Воденицата на картата на Франција од семејството Касињи

Локалитетот каде што се одржува културната манифестација сам по себе претставува бисер на културното наследство на Бургундија: Лирската воденица е запишана под името „Воденица Берсон“ на најстарата општа карта на Кралството Франција, изработена од семејството картографи Касини во периодот меѓу 1756 и 1815 година. Архивски документи го потврдуваат нејзиното постоење уште во XVII век.

Во локалните статистики објавени во 1859 година, локалитетот е евидентиран како селце (хамлет) под името „Воденица Моризо“, составено од четири куќи во кои живееле 14 лица.

Во 1865 година, истиот е наведен во Топографскиот речник на департманот, под истото име: Моризо.

Поштеска картичка од крајот на 19. / почетокот на 20. век.

Кон крајот на XIX или почетокот на XX век, воденицата ја овековечи на разгледница издавачот и книжар Е. Гуле од Кламси. Како што се гледа на неа, тоа време воденицата била позната под името Куњо.

Берсон, Моризо, Куњо… Па како се вика оваа воденица!? Токму со „Чудната приказна на воденицата што не си го знае името“ за првпат се отвори пред широката публика Капијата на Лирската воденица, на 12 јули 2025 година.

Уште на првото издание на манифестацијата учествуваа 16 уметници и го посети публика од околу 200 лица – двапати побројна од жителите на селото!

Меѓу нив, група од десетина деца на возраст од 4 до 14 години учествуваше во работилницата „Нацртај ми воденица“, која резултираше со изложба и доделување медали за сите мали уметници во зародиш.

Зад капијата на Лирската воденица

Зад капијата на оваа Лирска воденица стара барем три века, еднаш годишно се одвива културна програма која „лирските воденичари“  ја споделуваат со жителите и посетителите на регионот.

Програмата се одржува во различни простори на градината на воденицата, и тоа: Аголот на уметниците, Малата тераса, Театарот-дрварница, Ливадата, Водопадот, Верандата, Предворјето на верандата и Летниковецот.

Со својата програма, Лирската воденица ширум ја отвара својата капија за сите – возрасни и млади – со цел да ја подигне свеста на публиката за вредностите на културното наследство, да ги отвори погледите кон современото уметничко творештво и да ја афирмира културната разновидност.