Денови на поезијата
Од 2024 година, Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија ги организира Деновите на поезијата со цел да ѝ ја претстават македонската современа поезија на најшироката публика, поврзувајќи ги, преку ликот на Шопов, сите генерации поети, од основоположниците, преку афирмираните поети, па сè до оние кои допрва почнуваат да ја градат нејзината иднина.
Со тоа сакаат да го потврдат и илустрираат оној „нужен историски континуитет, во допирот со сегашните генерации“, за кој говореше Ацо Шопов, осврнувајќи се на Зборникот на браќата Миладиновци, во шеесеттите години на дваесеттиот век.
Затоа Деновите по дефиниција почнуваат со одбележување на јубилеи а завршуваат со поети дебитанти.
Во програмата се вклучени голем број партнери како: Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за литература, Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност, Македонскиот ПЕН Центар, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, како и ПНВ Публикации, Култура Бета, Литература.мк и киното „Синеплекс“ во Скопје Сити Мол.
Деновите се одвиваат секоја година околу 21 март, Светски ден на поезијата, во Скопје Сити Мол кој ја обезбедува логистичката поддршка.
Идејата на ваков начин да се одбележи Светскиот ден на поезијата, 21 март, се роди по повод 80 години од првата книга објавена легално на македонски јазик во слободна и суверена Македонија, во 1944 година: Песни од Ацо Шопов.
Поезијата е, и отсекогаш била, производ на духот наменет за „широка протрошувачка“. Во еден таков простор типичен за широката потрошувачка посетителите имаат можност да се дружат со неа, неколку дена во годината.