Лирскиот дом на Шопов ги отвора вратите во домот на науката и знаењето*
Весна Мојсова-Чепишевска
Денес имаме убав повод – во името на 70 години од Песни (1944) да го претставиме интернет порталот Лирскиот дом на Ацо Шопов и тоа во еден негов постар дом – домот на науката и знаењето, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, домот во кој творештвото на Шопов е предизвик не само во додиплоските студии, туку и поттик за истражувачки работи од кои потоа се случуваат дипломски, магистерски и докторски трудови.
Денес овој лирски дом на Шопов ни ја отвора својата врата преку презентацијата на Јасмина Шопова: Со тоа ни се укажува неверојатна можност сите ние, и професори и студенти на овој факултет, да можеме кога сакаме да го посетиме и да поведеме убав разговор со неговите песни, со неговите фотографии, со текстовите напишани од него и за него, со спомените за него.
Искрено се надеваме дека пополека и ние ќе земеме активно учество во доградувањето, во разубавувањето на сите катчиња што го исполнуваат овој интернетски портал.
Интересно е да се спомене дека во оваа 2014 година, кога е и оваа многу значајна годишница врзана со името на великиот Шопов, се случуваат и некои други големи датуми врзани со афирмацијата на македонскиот јазик и литература, но и пошироко со афирмација на македонската култура кои му претходат на овој.
Така оваа година изминуваат:
- 220 години од првата печатена македонска книга, ако се прифати податокот на Конески и 1794 година се земе како година во која се случува излегувањето на Данииловиот Речник од четири јазика попознат како Четиријазичник;
- 200 години од првата книга на народен македонски јазик, составена од проповеди наменети за воспитување во христијански дух, „Слово исказаное заради умирание“ од Јоаким Крчовски, отпечатена во Будим 1814-та година;
- 135 години од „Македонска песнарка“ на Ѓоргија Пулевски, која се доживува како претходница на современата македонска поезија;
- 75 години од „Бели мугри“ (1939) година во Самобор близу Загреб. Иако е трета стихозбирка објавена на македонски јазик во предвоениот период, по стихозбирките на Венко Марковски, „Народни бигори“ и „Огинот“, објавени во 1938 година во Софија, таа го носи приматот на прва збирка на народен македонски јазик зашто излегува во рамките на една тогашна држава – Кралство Југославија кон која припаѓала и денешна Р. Македонија.
- 70 години од „Нова Македонија“ – првиот македонски дневен весник. Првиот број е објавен на 29 октомври 1944 година во селото Горно Врановци, Велешко, каде што денес се наоѓа првата печатница, претворена во музеј.
***
Aцо Шопов (20. 12. 1923 – 20. 04. 1982), македонски поет и преведувач, есеист и еден од основоположниците на модерната македонска поезија. Неговата збирка Песни (1944) е прва книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија. Тој е и првиот уредник на Млад борец, а потоа уредувал неколку литературни списанија и бил директор на издавачката куќа „Кочо Рацин“. Бил член на македонскиот ПЕН центар, ДПМ, МАНУ и југословенски амбасадор во Сенегал.
Период од 1944, годината на неговата прва стихозбирка, па сè до 1950 година, книжевните проследувачи и критичарите го оценуваат како прв творечки круг на Ацо Шопов. Уште во овој прв период тој се манифестира како изразит лиричар, кој со своето творење го одбележува почетокот на субјективната, интимна лирика во современата македонска книжевност.
Во раниот период на неговото поетско творештво, додека сè уште е под силно влијание на херојската борба во народноослободителната војна на македонскиот народ, неговите стихови инспирирани од страдањата на борците, смртта и победите, го искажуваат интензитетот на личните доживувања. Тие се обоени со исклучителна интимна интонација. Така херојската смрт на Оливера Вера Јоциќ, која во текот на пролетната офанзива при пробивањето низ редовите на окупаторската војска била тешко ранета кај селото Страцин, а по три дена починала, станува мотив во Шопов популарна песна „Очи“.
Шопов систематски го гради својот поетски израз, меѓутоа тој не станува жртва на ниту една литературна школа. Создава/твори со уверување дека осовременувањето на поетскиот израз претставува услов за неговиот опстанок и причината за неговото постоење.
Меѓу 1952 и 1957 година се случува вториот творечки период на Шопов одбележан со стихозбиркитe Стихови за маката и радоста и Ветрот носи убаво време. Сепак, збирката Стихови за маката и радоста (1952), излезена во годината кога се појавува и првиот роман на стандарден македонски јазик Село зад седумте јасени од Славко Јаневски, се доживува како пресвртница не само во неговото творештво туку и воопшто во македонската литература. Имено, таа, тогаш доживеана како контраверзна збирка, ја разгорува книжевната конфронтација меѓу „реалистите“ и „модернистите“/„интимистите“ околу природата на реалистичната уметност, како и за светското искуство на авангардизмот и модернизмот и нивната примена во литературата.
Интересно е што плодотворните промени од овој период кој трае некаде до средината на 60-те години, го зафаќаат и творештвото на поетите од првата генерација, како Блаже Конески (со второто дополнето издание на Везилка, 1961) и Славко Јаневски (со Евангелие по Итар Пејо, 1966) и секако Ацо Шопов кој и ги најави со Стихови за маката и радоста, а потоа и ги потврди со збирката Небиднина (1963). Инаку ова оди во прилог на тезата за остварената трансформација на поетскиот јазик и израз на еден глобален план.
Двете најзначајни стихозбирки на Шопов, Небиднина и Гледач во пепелта (1970), го одбележуваат неговиот трет творечки круг. Тоа е период на вистинското лице на поетот Шопов. Таинственоста и симболиката на поимите „небиднина“ и „црно сонце“, се` уште претставуваат предизвик за критички осврти и толкувања.
Според критичарите четвртиот творечки круг на Шопов, го одбелужуваат неговите две последни книги Песни за црната жена (1976) и Дрво на ридот (1980).
Во текот на својот животен творечки опус, Шопов има објавено тринаесет збирки поезија и речиси исто толку избори од поезијата на македонски јазик, како и петнаесетина избори препеани на други јазици, меѓу кои Гледач во пепелта е оценета како една од најдобрите книги на Шопов и една од најдобрите повоени стихозбирки во Македонија.
Тоа е Ацо Шопов во неколку реда, но вистинската душа на поетот може да се открие и со влегувањето во интернет порталот Лирскиот дом на Ацо Шопов. Па затоа само треба да посакате да кликнете и лека полека да ја започнете вашата прошетка.
__________
* Отварање на промоцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов, 8 октомври 2014, Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Весна Мојсова-Чепишевска е раководител на Катедрата за македонска книжевност и јужнословеснки книжевносоти.