This post is also available in: French Spanish German Russian English Albanian

Ацо Шопов: Песни, Млад борец, Белград, 1944, и Сигмапрес, Скопје, 2014

1944 Песни (2014)

Ацо Шопов: Песни, 1944. Пристап кон содржината на Книгата

Тука се наоѓаат деветте први песни од Ацо Шопов објавени во книга: „Борба”, „Карпош”, „Борба на Дренак”, „Предсмртно писмо на еден партзан”, „Пробиштип”, „Сон”, „Кратово”, „Одредот Гоце Делчев издаден” и „Љубов” посветена на Вера Јоциќ (како и песната „Очи”, напишана по Втората светска војна и објавена подоцна).

„Оваа книгичка брои сè на сè триесет страници на кои се распослани вкупно девет песни. Тоа се песни изникнати во времето на партизанствувањето на Ацо Шопов кој од есента 1943 активно се борел, прво во Шарскиот одред, а потоа во редовите на Третата македонска ударна бригада. Во таа 1943 година Ацо Шопов е дваесетгодишно момче кое претходната година ја има загубено мајка си по нејзиното долгогодишно боледување, а веќе следната година останува и без татко, кој според неговите сопствени исповеди никогаш и немал голема улога во неговото детство и момчештво”, вели Соња Стојменска-Елзесер, осврнувајќи се кон литературно-историските аспекти на Песни, во рамките на промоција на фототипското издание на збирката во Друштвото на писателите на Македонија, на 7 октомври 2014 год.

Станува збор за триесет страници поезија што се вбројуваат меѓу првите страници на македонската современа национална историја и литература. Тие сведочат за едно време во кое, според  зборовите на Шопов, „борбата (…) беше единствена можност да се најде смисла на животот, единствен начин да се сочува младоста, поточно да се даде младост на младоста“ (Млад Борец, 1973).

„Под не може поскромниот наслов Песни, се наоѓаше драгоцен материјал што му отвараше нови хоризонти на поетскиот и литературен израз, пишуван со кирилица, на македонски јазик”, вели мексиканската поетеса Аурора Марија Сааведра, четириесеттина години по објавувањето на збирката, во предговорот на изборот Lector de cenizas (Гледач во пепелта), објавена на шпански јазик во Мексико. „Тоа се песни што поетот партизан ги напишал среде ужасите на војната, меѓу реките крв што течеле при битките на антифашистичките сили. Обоен со горчливи спомени и тага по изгубените, лирскиот патос на младиот борец ќе ја обележи оваа прва фаза од творештвото на поетот, исто како и следните, суптилно врзан за најдлабокото во него.”

„Партизан во Третата македонска ударна бригада од моментот на нејзиното формирање до победата, Шопов не можеше да очекува дека уште пред крајот на војната неговите песни ќе станат прочуени меѓу партизаните и, се разбира, не ни размислуваше за можноста да бидат објавени во тоа време“, пишува рускиот поет Алксандар Романенко во 1964 година, во предговорот кон изборот Ветрот носи убаво време, пред да додаде: „Подарокот што го доби на Вториот конгрес на антифашистичката младина на Југославија беше големо изненадување за него: на Конгресот што се одржа на крајот на 1944 година во Скопје, штотуку ослободен од непријателот, српските делегати донесоа книга песни од Ацо Шопов објавена во Белград”.

Еве како се родила збирката Песни, првата книга објавена на македонски јазик во слободна Македонија.

При крајот на септември или на почетокот на октомври 1944 година, Околиски НОМСМ Куманово ги умножува песните на шапирограф, во печатницата „Георгиевски“, и испраќа примероци до македонската редакција на „Млад Борец“ којашто се наоѓа во Горно Врановци, близу до Велес, „во една просторија, како мудбак, во дворот на муслиманска куќа“ (Блаже Конески, Современост, бр. 4, 1983 год., стр. 68).

Ова издание критичатрите обично го означуваат како Песни, I (1944). Во него не фигурира песната „Љубов”, за што свој коментар дава Радомир Ивановиќ во текстот „Поетскиот првенец на Ацо Шопов и проблемот на генерирање на литературниот текст” (1987 год.)

Во тоа време, српската партизанка Брана Перовиќ е инструктор во Главниот одбор на НОМСМ, и таа ги носи песните во Белград, кајшто „Млад Борец“ ги печати во книга. На 6 јануари 1945 година, делегацијата на антифашистичката младина на Србија на Вториот Конгрес на Народно-ослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ) ги донесува печатените примероци во Скопје и ги подарува на  учесниците на  конгресот, на кој Ацо Шопов учевствува во својство на потпретседател на Главниот одбор на НОМСМ.

Ова издание критичатрите обично го означуваат како Песни, II (1944). Под Песни, III (1945) се подразбира изданието на Печатница „Илинден“, Штип, од 1945 година.

Уште во првиот број на списанието Нов ден (1945), во освртот „Песните на Ацо Шопов”, Димитар Митрев ќе забележи дека збирката Песни е „литературна новост (…) во која што се огледуе дарбата на еден надежен поет“ и дека во песната „Љубов“ „има нешто сосема ново, сосема авторско (што) зборува отворено за еден богат лиризам“.

Песната „Љубовѝ е посветена на партизанката Вера Јоциќ, којашто загинала на 23 мај 1944 год. За првпат е објавена во весникот Огин (15 јули 1944 год.), чијшто уредник е Ацо Шопов, одговорен за агитација и пропаганда (Агит-Проп) во штабот на Третата македонска ударна бригада. На Вера Јоциќ ѝ е посветена и прочуената песна „Очи“ којашто не фигурира во збирката Песни. Таа е напишана непосредно по ослободувањето, за време на еден престој во Белград и за првпат ќе биде објавена во Нов ден, бр. 1-2, во 1946 година, а потоа во колективната зборка Песни (1946) и во збирката Со наши раце, во 1950 година.

Повеќе од две и пол децении подоцна, Шопов ќе се наврати кон овие две песни во еден разговор со Гордана Бошњаковска (објавен под наслов „Љубов на езерото на животот”, Одјек, Сараево, бр. 21, 1976 год.) во којшто ќе изјави: „Да зборувам за песната ‘Очи‘, или за песната ‘Љубов‘ (…) тоа значи да зборувам за таа огромна љубов што и ден денес гори во секоја моја песна и не верувам дека некогаш ќе згасне (…) Зар и во Песна на црната жена (Мисла, 1976) не горат очите на мојата неизмерна љубов, како што гореа над изморените борци на мојата партизанска бригада и им влеваа храброст, непоколебливост, вера и самодоверба. Песната ‘Очи’ не е само навестување на моите идни поетски преокупации, таа е претскажување на сиот мој поетски живот“.

На 7 октомври 2014 год., Друштвото на писателите на Македонија ја одбележа седумдесетгодишнината од објавувањето на Песни, II (1944) со промоција на збирката во фототипско издание на Сигмапрес, од кое сите присутни добија на подарок по еден примерок. Истото ѝ беше подарено и на публиката присутна на промоцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов на Филолошкот Факултет “Блаже Конески” во Скопје, на 8 октомври 2014 год.

Пристап кон содржината на книгата

evenement_nouveauИнформации за настаните во октомври 2014 год.