Толкувачки круг: Tолкување на песната “Раѓање на зборот” од Ацо Шопов*

Катица Ќулавкова, македонска писателка, есеистка и литературен критичар

Катица Ќулавкова, македонска писателка, есеистка и литературен критичар

Катица Ќулавкова

Песната „Раѓање на зборот” од Ацо Шопов е првпат објавена во списанието Современост, год. XIII, бр. 4, 1963 година, инаку нешто подоцна е објавена како составен дел од неговата збирка Небиднина (Скопје, 1963). Во верзијата на оваа песна објавена во книгата има само две мали измени: наместо стихот „зборот се двои од темнината”, стои само „зборот се двои од темнина” и наместо глаголот „ги руши” во книгата стои „ги крши” (сите слепоочници).

Првата од единаесетте Молитви не е молитва до телото, туку „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор”. „Вистинскиот збор” за којшто моли телото е оној обичен збор на „раѓање”, на „лелекање”, збор кој „личи на обично дрво / што личи на дланки јагленосани и прародителски голи…”

Тие се исто така и референци на коишто се повикува поетот Ацо Шопов и во втората песна, која го сочинува основниот семантички комплекс на раѓањето на зборот, песната „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор”, како и во исказите од едно интервју на Ацо Шопов, во коешто тој вели: „Зборот мора да соответствува со рефлексијата на поетот, тој мора да го одрази она што го чувствува поетот. Ако не го најде тој обичен збор, збор на раѓање, поетот не може да воспостави контакт со читателот. Но ‘обичниот збор’ не може да се пронајде еднаш за секогаш. Поетот ќе го најде, потоа зборот ќе се изгуби и повторно ќе се роди во еден нов вид. Таа потрага по зборот е потреба на поетот да се зближи со своето време. Оттука искрснуваат сите тешкотии и сите убавини на поетското творење.” (цитирано според, По-трагите на Ацо Шопов од Јасмина Шопова, 2003, 125). Патот до „вистинскиот” збор и вистинската песна е обележан со „искуството, и доживувањето, и рефлексијата”, вели Ацо Шопов во разговорот со Тамара Арсовска (1968).

Впрочем, некои читања на песната се поттици за пишување нови песни, за создавање слики, цртежи, визуелни и музички творби.

Зоран Анчевски, во неговото толкување на песната „Раѓање на зборот” од Ацо Шопов, исто така ги доведува во тесна врска двете песни „Раѓање на зборот” и „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор”. Неговиот интерпретативен ракурс, или како обично се вели, стратегија, е деконструктивистички. Од тој ракурс, песната „Раѓање на зборот” ја „деконструира догмата на логосот кој не може да издржи многузначност, разлика и повторливост (…) Она што му останува на зборот, е постојано да се раѓа од разликите и инкременталните повторувања, ана поетот – како орел да колва, да кине, да се храни од прометејскиот збор-џигер што преку ноќ се возобновува, се повторува и пак и пак и пак се раѓа” (Зоран Анчевски, „Раѓањето на зборот…”, 1993, цит. според Шопова, 2003, 126).

Радомир Ивановиќ пак го истакнува постоењето на тн. флуидни значења во песната, пред коишто и теоријата замолкнува, и толкувањето на песната се растревожува, затоа што тоа е средба на два различни јазика, поетскиот, флуидниот, таинствениот, непреводливиот и теорискиот, чијашто доминанта одредба е систематичноста, когнитивноста, поимноста, категоријалниот систем, схематизмот, метајазичноста… Тој вели: „Поетската супстанца на Шопов полесно може да се насети, отколку да се именува. Тоа значи дека во неа постојат оние флуидни значења кои им се измолкнуваат на напорите за аналитичко дешифрирање и категоријално дефинирање. Токму во тие флуидни значења се крие суштината на она што се наречува поетско нешто и што ја отежнува комуникацијата меѓу поезијата и теоријата на поезијата.” (Радомир Ивановиќ, Збор за зборот: поетиката на Ацо Шопов, 1986).

***

Песната „Раѓање на зборот” подолго време ја работам со студентите кои го слушаат преметот „Книжевна херменевтика”, а понекогаш и во склоп на предметот „Теорија на книжевноста”, во оној дел кој се однесува на теоријата на поезијата, досега со студентите од трет и четврт семестар на Катедрата за општа и компаративна книжевност.

Таа песна секогаш ми била парадигматична за претставата и дефиницијата на лирската поезија. Секогаш ми се вклопувала во некои општоприфатени теориски концепции на поетскиот дискурс. Секогаш ми била атрактивна за толкување, токму затоа што, од една страна е еден вид образец на лириката и на модерната лирика, а од друга, е доволно енигматична за да биде недофатлива, лизгава, „флуидна”, доволно повеќезначна и двосмислена за да одбива да се сведе на едно догматизирано толкување. Така, во таа мамка на релативизмот или на апсолутниот релативизам, кај мене од време на време се јавува потребата да покажам дека една песна, кога е совршена, ги содржи во себе главните ориентири кон коишто би требало да се движи толкувањето, односно допушта да биде сфатена и да биде доживеана во нејзиното совршенство, со сиот ризик да се ограничи или да се загрози слободата на нејзиното натамошно толкување.

Не е ни малку едноставно, значи, да се постигне рамнотежа меѓу магијата која се состои во енигматичноста, флуидот, прекогнитивноста, двосмисленоста и неизвесноста на значењето на една песна, од една страна, и  – од друга – потребата да се даде знак дека комуникацијата со таа песна не е след од недоразбирања и опструкции, туку дијалог во којшто, барем на моменти, се воспоставува взаемно разбирање. Тоа разбирање може да се објасни и да се артикулира во едно толкување, кое пак, не е само интимен чин на разбирање и доживување на една песна, туку и јавен чин на толкување кој ја проширува комуникацијата со песната преку нови поврзувања со читателите, критичарите и можните толкувачи на истата песна.

Овој есеј е во буквална смисла на зборот таков обид за воспоставување рамнотежа меѓу недоловливоста или поточно несводливоста на значењето и дијалогот со него како матрица на толкувањето на песната „Раѓање на зборот”.

Не оптоварувајќи се да бидам верна на одредена толкувачка стратегија, ќе се обидам да ја протолкувам песната „Раѓање на зборот”, едновремено поаѓајќи од самата песна и индициите што поетот ги впишал во неа, како и од индициите што поетот ги посочил во еден поширок творечки поетски контекст (интервјуа, други песни и циклуси, писма и сл.). Станува збор, во случајов, за неопходната корелација на песната „Раѓање на зборот” со песната „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор”, како и со неговите искази соопштени во интервјуата, кои се во релевантен, и исто така симптоматичен, сооднос со песната која е предмет на толкување.  Контекстот на толкување е, според тоа, комбиниран: иманентен; книжевно контекстуализиран и културно контекстуализиран.

Ќе почнам, значи, од основното прашање: Што му нуди самата песна „Раѓање на зборот” на толкувањето?

Одговорот бара комбинација од описни искази, аргументација и илустративни примери, увид во фазата на разбирање на песната која и’ претходи на фазата на толкување на песната, која е во извесна мера предјазична или гранична фаза, па која следствено и соодветсвува на состојбите кои се предмет на опишување на даденава песна „Раѓање на зборот” и би можеле да ни појаснат одредени имагинарни структури на самата песна.

Песната „Раѓање на зборот” ни ги дава следните назнаки:

• Во насловот на песната не е членуван зборот раѓање, не се вели „раѓањето на зборот”, туку „раѓање на зборот”. Се опишува нешто кое не е познат чин од којшто поетот се дистанцирал, туку нешто кое се случува не само во моментот на пишувањето туку, аналогно и во моментот на читањето на песната. Општоста на исказот го доведува раѓањето на зборот во врска со самиот феномен на раѓање на зборот (речта, говорот, песната), со онтологијата на речта како таква, не со некоја конкретна реч, со алузија дека во моментот на пишувањето на дадената песна се одигрува или се збива самото Раѓање.

Се навестува имплицитно едно равенство помеѓу зборот и раѓањето, односно меѓу раѓањето и зборот. Тоа равенство песната ја доведува во корелација со библиската премиса за прапочетоците на создавањето на светот, примордијални почетоци во коишто формулата на сотворувањето и раѓањето се потпира токму врз идејата за зборот и/ли словото, врз верувањето во моќта на зборот и/ли словото. Раѓањето во песната има сакрална димензија и кореспондира со митопоетската претстава за создавањето кое, онака како што ни е предадено низ светите писма, не почнува од Ништо, туку од Словото/Зборот, оти таму се вели „На почетокот БЕШЕ Зборот”. Светлината и речта или словото, енергијата и словото, се посматраат од една перспектива од којашто меѓу нив нема битна разлика, па тие се дел од една иста онтичка целост, стопени една во друга, идентификувани една со друга.

• Според други индиции, дознаваме дека првиот збор е молитвен, а молитвениот збор е навидум монолошки, но суштински е Реч/Збор упатен Некому, дијалошки збор, збор кој претпоставува постоење на најмалку две инстанци: онаа на Зборот и на оној кој моли и онаа на Оној кому му е упатена молитвата. Може ли да се работи за автокомуникација и автореференција? Дали Зборот му претходи на човекот или човекот на Зборот? Можеби изгледа препретенциозно, но можните одговори на ова прашање ја покажуваат сета негова сериозност. Речта може да биде или од  Божја или од човечка природа. Затоа мислам дека поетската реч кај Шопов е исконски дијалогична, затоа што воспоставува, макар и оптативна варијанта на дијалогизиран монолог на релација човек – Бог.

Во неколку други искази поетот и сам упатува на тоа дека тој го има на ум раѓањето на „вистинскиот” и „обичен” збор, или метатетично и антитетично кажано, „зборот на раѓање”, кој ќе ги искаже длабоките доживувања и рефлексии на поетот и на тој начин ќе му овозможи да го воспостави преку песната неопходниот контакт со читателот. Во овој контекст зборот, поетскиот збор, ако е тој парадигма за „вистинскиот” збор, –  да повториме – е токму оној збор што „личи на обично дрво, / што личи на дланки јагленосани и прародителски голи, / што е како чедност на секое молење прво” („Молитва за еден обичен…”).

Овој поетски фрагмент од песната двојник или партнер на „Раѓање на зборот” потсетуваат на некои сфаќања на руските формалисти, и поточно на Виктор Шкловски, кој вели дека поетската реч треба да ја има моќта – кога ќе каже крв, да ја предизвика сликата на крвта, кога ќе каже камен да биде – камен, кога ќе каже дрво – да биде дрво… (В. Шкловски, Умијеќе ријечи, Загреб, 1976).

• Шопов го насочува прецизно вистинскиот збор во подрачјето на архетипските и ејдетски претстави, во просторот на примордијалната имагинација која кореспондира со архетипот на создавањето на светот и на човекот: дрвото, јагленот, прародителот, чедноста, молитвата, сè она кое му претходи на артикулираниот јазик, а фигуративно и на артикулираниот дискурс на поезијата, кој сеуште не е јазик, сеуште не е поезија, ама е на вистинскиот пат да стане тоа. Поетот во оваа песна го следи во ôд процесот на преобразување и создавање на јазикот и на поезијата, го симулира и го реконструира со помош на моќните поетски слики и со помош на иманентната моќ на мимесата.

• Песната „Раѓање на зборот” има своја избрана и промислена лексика и неколку свои интенционално употребени повторувања и паралелизми, свои тн. „инкрементални репетиции”, кои паѓаат во очи и се примаат како битни индиции во толкувањето на песната. Во песната „Раѓање на зборот” се впечатливи неколку такви звучно-значењски повторувања: „глужд на глужд”, „камен врз камен”, „од камен и ние обата”, „камена тврдина”, „камени плочници”, „о ти што постоиш зашто не постоиш”… Дрвото, шумата, јагленот, темнината и ноќта, смртта и гробот, прокудата и проклетијата, се имплицитни повторувања, затоа што развиваат една иста поетска слика. Во тој контекст ќе истакнеме дека дури и „изѕемнината” се надоврзува на овие симптоматични стилски и семантички паралелизми, аналогии и повторувања.

• Треба да се потсетиме на тоа дека сликата на смртноста и на темнината не може да постои независно од сликата на раѓањето и на светлината. Секоја визуелна и семантичка претстава се оформува наспроти некоја своја иманентна опозиција. Опозицијата на смртноста и на темнината со којашто е исполнет вокабуларот на песната на А. Шопов, се наоѓа назначена во самиот наслов на песната, „Раѓање на зборот”. Парадоксално, сакајќи да зборува за раѓањето и светлината, поетот зборува за смртта и темнината. И тоа не е ни малку случајно. Парадоксот е архетипска матрица на спознавањето на светот, особено на поетскиот модус на спознавање. 

• Смртта и раѓањето, раѓањето и смртта создаваат круг во којшто доминира бојата на смртта, лексемите и атрибутите на смртта, температурата на смртта, но парадоксално, таа доминација е евоцирана во песната токму за да се поентира раѓањето и кружниот или спиралниот континуум кој е создаден од раѓање и смрт, од смрт и раѓање: нема раѓање кајшто немало смрт и нема смрт кајшто немало раѓање.

Таква е дијалектичката константа на постоењето, на битието, на сè она кое се раѓа. Таква е алхемијата на создавањето и раѓањето на Зборот, таква е предиспонираноста на алхемиското нигредо („помрачување”, „црниот гавран”, „црното сонце”, „помрачениот Меркур”) од коешто се создава спиритусот и анимата, според К.Г. Јунг (Психологија и алхемија) , од коешто „излетува” светот (што подоцна А. Шопов ќе го развива и поетските слики на Црното Сонце). Не умира единствено она кое не е родено. Зборот, олицетворението на суштината на човековото битие и постоење, е во вртлогот на раѓањето и на смртта, како и самиот човек. Неговото постоење е приказна за преродбата, за постојаното повторно и ново раѓање, за обновата на лелекот својствен на раѓањето, за грчот и за породилните маки на мајката и жената, обете сфатени како персонификација на творечкиот чин и на песната. 

• Повторувањата во песната не се невини ни лишени од своја посебна семантичка, стилска и поетска функција. Тие се дел од процесот на создавање на сликата на ритамот на создавањето и на постоењето на светот, ритамот на взаемните смени на темнината со светлината и обратно, на ноќта и денот, на плимата и осеката, на звукот и тишината, на речта и безречието, на студот и топлината… Повторувањата се во функција на создавање со-звучни слики кои се движат во насока на парономастичните склопови (Роман Јакобсон), внатрешните рими и совпаѓања кои ја допираат суштината на поетската реч, живата поетска реч која треба да наликува на предметот што го опишува или го инкантира, – ако е раѓање, да биде раѓање, не на тој начин што ќе го повторува самиот збор раѓање, туку што ќе ги искаже и ќе ги навести неговите најсвојствени, иако не толку и не секогаш видливи за голо око и за сечие око, својства/особини. Токму тоа го прави песната „Раѓање на зборот”.

• Сега ќе укажеме на нешто навидум банално и досега неодбележано во интерпретациите на оваа песна (кои ни се достапни). Во песната „Раѓање на зборот”, имено, постои едно едноставно место кое не е забележано во досегашните коментари и толкувања, а на коешто би сакала јас да укажам. Станува збор за едно место кое има карактер на атопично место, и како такво, место кое е во средиштето на херменевтичкиот интерес. Тоа е сврзникот „зашто”. секогаш сум се прашувала дали не се работи за грешка. Дали не треба да стои „зошто”, или можеби треба да стои „затоа што”. Јасмина Шопова многу добро подвлекува дека развојот на јазикот во поезијата на Шопов од четириесеттите години до осумдесетите е проекција на развојот на македонскиот јазик. И тоа не е спорно. Така е главно од гледна точка на стандардите на македонскиот литературен и кодифициран јазик, граматичките стандарди.

Но, во ова толкување, како херменевт, јас сакам да верувам дека по однос на сврзникот „зашто” во песната „Раѓање на зборот” се работи за семантичко-стилистичка конструкција и дека поетот свесно се определил за ваков ДВОСМИСЛЕН избор. Поетот, впрочем, не би бил поет ако не бира, и ако не го одбере она кое е најмногу двосмислено, нетранспарентно, двојно или повеќекратно алузивно.

Да беше рекол „О ти што постоиш ЗОШТО не постоиш”, поетот ќе поставел релативно коректно и јасно прашање. Да рекол, „О ти што постоиш ЗАТОА ШТО не постоиш”, поетот ќе навел јасна констатација на парадокс. Но поетот вели „О ти што постоиш ЗАШТО не постоиш” и тука поетот нè фаќа и нè лови во семантичката мрежа на песната и нејзиното значење. Зашто може да биде и варијанта на ЗОШТО, како и скратена и варирана форма на ЗАТОА ШТО. Може да биде и прашање и одговор.

Песната „Раѓање на зборот” е структурирана длабоко во себе и како прашање и како одговор, никогаш само едното, и во тоа е нејзината енигматичност, во тоа е нејзината херметичност, атопичност и отвореност на разновидни толкувања.

„Грешката” во поезијата се трансцендира во нејзино стожерно семантичко и семиотичко место, во центар на поетскиот свет, во нов космос или нов ред. Тој ред во песната на Шопов „Раѓање на зборот” е ред од повисоко ниво, затоа песната е метафизичко четиво кое кружи околу егзистенцијата, а всушност зборува за есенцијата, и така во круг.

Тоа вртење во кругот на значењата, меѓу деловите и целината, „грешките” и совршенството, ја исцртува мапата на херменевтичкиот круг на толкување на самата песна. И тој не е обичен круг, туку круг „замелушен од своите смрти”, од градацијата на копнежот по смртта, по идентификацијата со зборот и неговото раѓање, кој, како што веќе навестивме, е всушност копнеж по идентификацијата со раѓањето и зборот.

Потрагата по сопствениот идентитет Ацо Шопов ја завршува во песната „Раѓање на зборот”, за одново да ја започне во другите песни. Perpetuum mobile на исцрпувачкиот процес на самоидентификација во творештвото!

Овде е дадена само битната назнака дека поетот се идентификува во зборот во мигот на неговото раѓање, затоа што се стопува во него и веќе нема разлика меѓу поетот и зборот, меѓу раѓањето и смртта. Затоа поезијата живее вечно, а со неа и поетот. Ако е тоа пак митопоетска проекција на човекот и на универзумот, тогаш и тој живее умирајќи, ги памти своите небројни смрти (и ја употребува, намерно, во песната множината „смрти” – не „смрт”) и ги опева во поезијата, таму кадешто зборот е најжив и најмоќен, таму кадешто има моќ на магија и на чиста творечка енергија.
_______________________

* Текстот е објавен во Културен живот, 2003, бр. 49, стр. 48-53 и во Животот и делото на Ацо Шопов: меѓународен научен собир по повод 80-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов.- Скопје: МАНУ, 2005.
_______________________

Прочитајте други студии на Катица Ќулавкова за творештвото на Ацо Шопов

Прочитајте го и нејзиниот осврт кон книгата Сенгор – Шопов: Паралели (2006) „Задоволство во читањето”.