Ацо Шопов: Јус-универзум*
Последната книга песни на Ацо Шопов претставува не мал куриозитет за нашите литературни околности: тоа е Јус-универзум, збирка сатирични песни, пишувани вдахновно и духовито, непретенциозно и со развиена смисла за критички дијалог со т.н. дневен податок, некоја човечка и сталешка девијација, со некој човечки и општествен абнормалитет… Остро бескомпромисно, етички и поетски рафинирано, Ацо Шопов, шиба по изопаченоста на човечкиот лик и, би рекол, по цели општествени организации во чии структури се намножиле разни јус-догматичари, јус-политичари, јус-новинари, јус-сценаристи, јус-рекламери, јус-дискутанти, јус-прозаисти, јус-поети, јус-критичари, итн. – како што гласат и насловите на некои од овде објавените песни.
Префинет лиричар, Ацо Шопов до сега главно ни беше познат како поет на човечката интима, бол, неизвесност, трагичност… Со неизвесност: Небиднина (1963) тој го радикализираше својот однос кон таа своја интима, на тој начин што таа ѝ го отстапи местото на сонорната лирска рефлексија, еден во основната пофилозофски третман на своите поетски и човечки осведочувања. Сега, меѓутоа, тргнал по сосема инакви поетски простори и на дело покажал дека не е само роден лиричар, туку и расен сатиричар. Во времето кога сатирата е очигледно дефицитарен жанр дури наспроти суфицитот во границите на нејзините интересирања, е вистински подвиг на јавноста и литературата да им се дадат грст сатирични осила од прва рака од Јус универзум-от на Ацо Шопов.
______________
*Д.М.: Ацо Шопов: Јус-универзум, Мисла, Скопје, 1968 год. – Современост, 1969, XIX, 10, стр. 1091
______________
За сатиричната поезија на Шопов, прочитајте ги исто така:
- интервјуто со Ацо Шопов „Како и зошто почнав да пишувам сатирична поезија“, објавено во Вечер, на 03.12.1967, стр 9;
- кратката рецензија на Сретен Перовиќ, објавена во Стварање, 1969, XXIV, 4;
- статијата Остер сатиричен збор на Друговац, објавена во Вечер, 04.01.1969;
- прегледот на песните во збирката Јус-универзум од Васил Тоциновски, објавен под наслов „Сатиричната поезија на Ацо Шопов” во Творештвото на Ацо Шопов, 1993;
- освртот на Ефтим Проевски, Тивкиот лирски музаичар, објавен во Остен, на 18.12.1993, стр. 4