Белег на житејска мудрост*

Гане Тодоровски

Почитувани присутни,
Почитуван Матеја Матевски, претседател на МАНУ,
Почитувани членови на семејството на академик Ацо Шопов,
Почитуван Благој Стефановски, министер за култура на Република Македонија,
Дами и господа,

Го започнуваме Меѓународниот научен собир по повод 80-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов (1923—2003). Имам чест од името на Организациониот одбор на Меѓународниот научен собир „Животот и делото на Ацо Шопов“ да го објавам неговото отворање.

Како што веднаш може да се констатира, одржувањето на овој наш Собир се случува временски малку порано од точната дата на роденденот на поетот (20 декември) главно од причини на практично избегнување на неповолностите на блиската зима и нејзините каприциозни карактеристики, како и поради претовареноста на календарот на МАНУ со бројни настани што го исчекуваат својот ред за реализација.

Организациониот одбор им благодари на сите институции, организации и поединци кои припоможаа во подготовките за неговото одржување, а во прв ред на Министерството за култура на РМ, на чело со актуелниот министер г-дин Благој Стефановски, за готовноста да му се излезе во пресрет на овој наш меѓународен научен собир, со материјална надомест при покривањето на трошоците; потоа на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, 2003 г., за откривање на спомен-бистата на Ацо Шопов во алејата на поетите во Струга на 28 август оваа година; потоа на г-ѓа Јасмина Шопова, авторка на книгата По-трагите на Ацо Шопов што се појави овие денови од печат во издание на издавачката куќа Сигмапрес од Скопје, а на чие чело се наоѓа грижовникот на убавата македонска книга, г-дин Коста Бојаџиевски, долгогодишен соработник на Ацо Шопов во издавачката куќа Македонска книга. Обата овие културни потфати беа финансиски потпомогнати од Министерството за култура на РМ. Посебно им благодариме на сите учесници на нашиов собир, однадвор и од земјата, коишто се одзваа на поканата за учество. Ви благодариме и на сите вам, тука присутни колеги, пријатели, гости што дојдовте денес и овде под стреата на МАНУ за да ја удостоите со своето присуство оваа наша свеченост.

Вниманието што му го издвојува МАНУ на Ацо Шопов, член на МАНУ од првиот нејзин состав, активен член на МАНУ во текот на полни петнаесет години (1967-1982), и како најистакнат писател, општественик, борец и творец, гласовит дејател на македонската култура, создавана во временскиот исечок помеѓу 1945-та и 1982-та година, години важни во нејзиното почетно и регуларно развивање, забрзано и проширено развивање, е само показ и потврда на едно повисоко признание на овој наш поистакнат национален деец!

Сеќавањата на неговиот виорен и динамичен животен пат, коментарите и критичките одгласи и вреднувања и интерпретации на неговото богато литературно дело што ќе се разгласуваат од оваа наша јавна трибина во текот на двата дена одредени за таквата намена ќе придонесат, веруваме во тоа, поодблизу да се сфати како дејствен чинител во стабилизацијата на македонската нација и македонската државна заедница, културата и нејзината мошне активна составка – литературата, како компонента на една базична цврстина, стаменитост и достоинство, без чие функционално присуство нашата историска егзистенција во сите свои димензии би била ставена под знак на големо прашање.

Ацо Шопов е дејствено име на тој апсолутен, конструктивен и гласовит влог на семакедонската трансисториска истрајба.

На ваков начин нашево здружено внимание прераснува во дел од едно сеопшто и јавно признание, а пак признанието се престорува во сознание, темелито, благовремено, наше, заедничко, семакедонско. Тријадата внимание – признание – сознание станува основа на институцијата јавно оддолжување, со овие и вакви гестови и пројави на конструктивна самопочит. Ние му ставаме во завет и аманет на потомството илустративен пример за одгледување на симпатии кон своето, оставаме драгоцен образец на доразвивање на познатата Григорпрличева идеја за интергенерациска македонска национална програма, имено на онаа негова ингениозна визија за ракување со иднината: познај се себеси, почитувај се себеси и заштитувај се себеси! Чествувајќи личности и дела од профилот и форматот на Ацо Шопов ние безупречно тоа го чиниме свесни, наполно свесни дека само така и, пак, само така можеме на нашиот опстој и на нашето значење и улога во големото семејство на народите и државите на денешниот свет да им втиснеме белег на житејска мудрост.

Ацо Шопов во македонската литература е магистрален автор. Магистрален и маестрален! Особено, тој е тоа во подоцнежните етапи на неговиот поетски развиток. Како еден од малкуте наши литерати врзани исклучиво за поезијата, оригинална и помакедончена, тој прилегаше на одбраник на музите, па така и си го живееше векот. Условно речено (а ова сум го искажувал повеќепати – чинам, првпат имав чест да го изустам на симпозиумот за него од 13 мај 1993 година) дека Ацо Шопов прилегаше на наш литерат аристократ, ја одбрал поезијата како посестрима во животот и само нејзе ѝ се доверувал, само со неа интимничeл. Чистотата на поетската реч што ја создаваше, особено во вториот период од неговата творечка кариера, потсетуваше на сублимат што може да се сретне единствено во најразвиените средноевропски литератури. Како да ги обедини во магично созвучје искуствата на класицизмот и романтизмот и преку своите прилози се вовре низ синтези со кои нашата поезија прескокна цели стадиуми на развиток. Со тоа на македонскиот поетски јазик овој наш прекрасен автор му ги разгрна крилјата за височински лет накај недостижностите на уметноста на зборот. Многу што досега е речено за него, но многу што за неговото дело ќе се дорече и овојпат низ искажувањата што ќе се разгласат овие два дена. Да им го препуштиме зборот на компетентните и квалификувани познавачи на богатиот поетски опус на Ацо Шопов.
_________________________

* Воведен збор на академик Гане Тодоровски, претседател на Организациониот одбор на Меѓународниот научен собир по повод 80-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, организиран во МАНУ на 5 и 6 ноември 2003 година. Актите се објавени во Животот и делото на Ацо Шопов. Скопје: МАНУ, 2005.
Насловот е од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов