In perpetuam rei memoriam

Георги Старделов

Последниве години, месеци и дни во кои тлееше и се гаснеше животот на Ацо Шопов — чие големо поетско дело се вградува во фондот на најкапиталните вредности во историјата на македонската култура — ги помина тој во жестока самопресметка со смртта.

Долго, предолго, смртта-небидница, која од Небиднина и Гледач во пепелта до Песна на црната жена и Дрво на ридот, навираше речиси од секој негов стих, му чукаше морничаво напорти. Беше тоа варварска, одмазничка игра на смртта со неговиот живот, безочен danse macabrе со онаа смрт која му се закануваше со своето копито темно, која му се закануваше незасито, а која неговата поезија како ништотност, како небитие длабоко ја одрече и раскринка. Смртта затоа како да бараше освета. Риеше како крт во неговото изнемоштено тело, одземајќи му ја сета духовна и физичка сила. Ја гледаше Ацо Шопов како му се приближува катаден, катаноќ, катачас. Водеше немушт двобој со неа, со таа бездушна гостинка која се насели во него и која така подло и толку неумитно се нафрли на него за да го однесе како поплава, како матица од подземни места, како црна вода … Сам и осамен во болесничката соба која му стана негов дом, Ацо Шопов, се си думам, морал да си ги повторувал во себе никој да не го сети, своите стихови од „Небиднина“ и да го доживувал на тој начин трагичното чудо на самоисполнувањето на неговата поезија врз него и преку него самиот:

Кој тоа невидлив во мене седи
и пали таен оган,
кој ѝ го руши на крвта ѕидот,
кој ми го краде слухот,
кој одзема видот,
кој пласт врз пласје неуморен реди,
кој тоа невидлив во мене седи?

Не можеше повеќе да ѝ се спротивстави зашто зборот, тоа негово најмоќно оружје, смртта, пред да го објави крајот, беше претходно му го одзела. Не можеше да рече: својот гроб со прокуда го копам, зашто гробот беше веќе ископан. Не можеше да рече: О ти што постоиш зашто не постоиш, бидејќи сега тоа повеќе не се однесуваше само на зборот, туку и на него самиот. Не можеше да рече: Галебе мој, не слетувај на моите очи, зашто галебот беше веќе слетал. Можеше само да рече: Си отидов песно стара, песно невина.

На тој начин, трагизмот на негоата поезија, метафизичкиот трагизам стана физички трагизам на неговата eгзистенција. Поетската и егзистенцијалната драма на Ацо Шопов се изедначија. Ако само макар уште еднаш некаде го сретнам ќе го прашам дали се увери во оние задни безумни дни и ноќи од своето постоење дека не смртта, туку траењето е најстрашно кога се дотрајува само како материја, а не и како дух, т.е. како поезија, заради што и вреди толку писателската дејност во нашиов крвав порив да се победи бездушниот молк на материјата и сивилото на недуховната егзистенција.

Смртта истрча, дојде предвреме. Дојде во примерот на Ацо Шопов во оној, всушност, час кога го осуди на молчење, кога тој повеќе немаше сили да ѝ се спротивстави, кога, најпрвин, го замолча, кога му ја одзеде, во човечки релации, најголемата човечка енергија и најчовечката сила – зборот, претворајќи го во Орфеј без збор, во Орфеј без глас, во Орфеј без песна, претворајќи го дури сега, и дури сега веќе дефинитивно, во лотка осудена на судир со непознатото.

Но и овој пат, и не знам веќе по кој знае кој пат, смртта се излажа. Сите што сега ме слушате знаете дека Ацо Шопов е мртов, но дека не е умрен. Ова, другари, не е крај, ова е почеток, почеток на една единствена, навистина болна, но и возвишена и херојска повест за судбината на човекот, за судбината на поезијата која ќе трае се дури трае јазикот на кој пееше Ацо Шопов, коjа  ќе трае во срцата и умот на идните поколенија кои, како и ние денес, ќе бидат горди на големиот поетски подвиг на Ацо Шопов и на македонскиот јазик воопшто. Дотолку повеќе што Ацо Шопов како поет на Револуцијата од 1941-та, како поет на непрекинливата човечка револуција, изразена во оној познат рефрен од неговата поезија – Треба да бидеме подобри. Треба да бидеме подобри – живееше и пеееше делувајќи и делуваше живеејќи и пеејќи – во името на градителските сили на човекот и тогаш кога пееше за човекот како празнина што сама се пали и за земјата пустелија од мртов плач израсната. Метафизичката и моралната јанѕа во поезијата на Ацо Шопов доаѓаше од оние навистина капитални прашалници кои неговата поезија, особено во Гледач во пепелта, на поетски, метафорички, придушен, а не на директен начин ги постави, а пред кои сме денес сите исправни, и од кои ни доаѓа не само морничавоста, туку и онаа речиси космичка трема што ја живееме денес пред неизвесностите на современата историја, пред апокалиптичните слики што толку констернирано ни ги сугерира, на пример, поемата „Долго доаѓање на огнот“:

Својата последна клетва реките ќе ја речат,
и ќе секнат, ќе престанат да течат.

Небото ќе се сруши.
Ќе се стркалаат планините. Ќе завладеат суши.

Ќе се измешат ѕвезди и ѕверови, отрови и ниви,
и нема да се знае повеќе ни кои се мртви ни кои живи.

Тие прашалници имаа длабока хуманистичка отсечка. Ако се преведе од јазикот на поезијата на јазикот на филозофијата би можеле да гласат: Зошто и покрај тоа што материјалните добра и благодети брзо се шират, хоризонтите на добрината како да се стеснуваат? Зошто човечноста меѓу луѓето и народите, и покрај речиси милениумските крвави искуства и репризи наместо да се озарува низ Земјава, таа како да бледнее и избледнува:

Сега сме два света, два брега, две завојувани страни,
сега сме војна без излез и кама протиз кама.
Кој е победен? Кој победник? Кој со изгрев на осмислени рани?
Изгасни песно во огнот што го запали сама.
(„Гледач во пепелта“)

Зошто вечната и крвава загатка на тоталниот проблем на човечката егзистенција и понатаму останува без хуманистички расплет и наместо една среќна човечка Земја над нас сѐ повеќе се надвиснува она негово речиси митско црно сонце што црни истура дождови:

Кој тоа над нас стои, кој тоа над нас ѕида
за да нѐ закопа живи во мртва пирамида,
(„Црно сонце“)

Најпосле, во што е големината на човекот, зошто е човекот огромен, а океанот мал, кога на светов ништо не е постојано, кога сѐ во него завршува на еден неизменлив начин – со и во небиднина, кога само сиот живот патуваме од себеси до својата небиднина?

Одговорите на сиве овие навистина примордијални прашања, како автохтоно поетско и филозофско искуство во поезијата на Ацо Шопов, во најдлабок вид ги среќаваме во Небиднина, Гледач во пепелта и во Песна на црната жена. Сите тие поетски се артикулирани со поезијата на Ацо Шопов во прв ред како поет кој стапи, како по еден друг повод веќе истакнав, во светот на Поезијата истовремено кога и во светот на Револуцијата, која толку страсно ја приграби 1941-та, кога не само тој, туку и неговата поезија војуваше. За Ацо Шопов, драмата на човекот, а со самотот тоа и драмата на поезијата, е во човековиот фаустовски и прометејски пркос да се војува протиз силите на злото и на човечкиот злостор, во човековото спротивставување на времето, на минливоста, на исчезнувањето, на фуриите на историјата, на заборавот. Ацо Шопов длабоко веруваше, а тоа неговиот сопствен блескав пример најсугестивно го покажува дека само човекот остава трајни и неодминливи траги кои го прават него жив и кога тој си заминува од животот, дека само тој ја победува смртта и небиднината, вградувајќи го својот дух, или својата песна во големите столбови врз кои се држи, трае и одвива бескрајот на човечката историја:

Земи ме, земјо, или врати ме,
врати ме подолу од овој врв,
подолу од онаа страна на животот,
човечки сили дај ми пак.
О, земјо, на земја врати ме,
човек сум, човек да страдам,
да најдам камен жив да се вградам
во некој мост на некој лак.
(„Тажачка од онаа страна на животот“)

Нуркајќи така до самото јадро на егзистенцијата, Ацо Шопов низ својата поезија не ја најде смислата на егзистенцијата во небиднината како таква, зашто веруваше, и тоа треба токму сега пред неговиот отворен гроб да се рече, дека човековиот свет не е царство на мртви и разурнати нешта, дека животот во својата највиша човечка пројава, токму како поезија, значи победа над смртта која својата беспомошност наспроти поезијата ја открива дури низ самата поезија во која е разголена, добива свој израз т.е. своја смисла не само како миг на престанување на животот туку и како почеток на едно негово ново одвивање кое, иако е само во паметењето, не е нешто помалку живо и животворно. Смртта, значи, не ја уништува поезијата. Само поезијата, како највиша еманација на човечкит дух, ја уништува смртта. Токму и затоа што е така, Ацо Шопов, од фактот толку неумитен – дека на секој неизбежен крај небиднината ги исполнува сите места, не остана никогаш врз позицијата на песимистичкиот егзистенцијален безизлез, туку ја воспеја големата и непрекинлива борба на човекот и на поезијата да се надмине минливоста, ништожноста, смртта. Поради тоа во неговата поезија сѐ пулсира низ еден драмски поетски набој низ кои се судираат и вкрстуваат светлината и мракот, водите и огнот, љубовта и небиднината, добрината и порочноста, минливоста и трајноста, тишината и зборот, телото и духот. На тој начин поезијата на Ацо Шопов даде маса сугестивни поетски докази дека човекот кој ја носи небиднината како свој сопствен крст е посилен и потраен од самата небиднина, од смртта и од пропаѓањето како такво, зашто човекот на светов не одминува како прашинка, туку се воспоставува во него, опредметувајќи се во определени симболи и трајни паметници кои се потрајни дури и од него самиот. Самопотврдувајќи се во нив, како што тој се само потврди во својата поезија, човекот трае и зрачи низ нив и тогаш кога ја напушта борбата во животот и животот како непрестајна борба:

Стебло што самееш на ридот,
мако во ровка земја,
кои ти ги даде моите очи,
што зреат во сонот на твоите лисја?
Погледу зелен, зелено вишнеење,
кој нѐ осуди на исто бдеење?
Стебло што самееш на ридот,
мако во ровка земја,
од каде твоите длабини во мене
од каде ти во мојата крв?
Кој ги избриша со рака лесна
сите далечини,
сите близини,
кој ни ја досуди таа небиднина
да бидам стебло, да бидеш песна?
(„Небиднина“)

И големата, трајна хуманистичка порака на поезијата и на поетското искуство на Ацо Шопов, кој е лајтмотив на севкупниот негов поетски опус од „Очи“ и „Љубов“ до познатите книги Небиднина, Гледач во пепелта, Песна на црната жена и Дрво на ридот, е токму во тоа што ништо до што се допрел човекот, дека ништо од она на кое е втисната неговата трага, човечката трага на умот и духот, не пропаѓа во ништотност, дека човекот трае длабоко и толку трајно во иднината колку што по него трае во неа неговото сопствено дело.

Ацо Шопов беше и остана еден од првите меѓу најголемите наши поети, еден од најголемите меѓу нашите најдобри поети. Оној хераклитовски оган, тој прасупстанцијален елемент на неговата поезија, во кој тој копаше од вруток до уток, од грст до крст, оној неизгаслив речиси космички и митски оган, кој светли, кој ги распламтува оние неизгасливи пожари од бунт на ружи во нас, кој не ни дава да стигнеме се дури не изгориме во него, тој и таков имено траен оган во поезијата на Ацо Шопов, чија поетска апотеза ја роди една од најубавите негови песни „Долго доаѓање на огнот“, е траен симбол за историската и духовна неодминливост на неговата поезија, за трајната светлина што ќе ја шири неговата песна пред сѐ уште не расветлените патишта на човекот на неговото патување и допатување до себеси.

Во часот на нашава разделба со поетот на небиднината, во часот кога еден возвишен поетски дух спокојно и свечено поминува од животот во историјата, јас просто лелекнувам:

Спиј кога ништо друго не ти преостанува. Твојата поезија е будна. Од денес единствено таа ќе те буди и разбудува. Од денес единствено таа наместо тебе ќе биде на стража над македонскава земја во која ќе те положиме длабоко уверени во твоите стихови:

Крстот им беше лесен, пепелта не им е лесна.
Мртвите ќе умрат тогаш кога и нивната песна.
(„Долго доаѓање на огнот“)

_______________
* Реч на комеморативната седница на Друштвото на писателите на Македонија по повод смртта на Ацо Шопов (1923—1982), објавена во Современост, 1982, XXXI, 4, стр. 3-8.

. —