Шопчето*

Фируз Демир (1923-1988), македонски политичар

Фируз Демир

Ацо Шопов е роден на 20 декември 1923 година во Штип. Татко му беше занаетчија – берберин. Ацо завршува основно училиште и гимназија во својот роден град, а по ослободувањето дипломира на Филозофскиот факултет во Скопје и на Високата политичка школа „Ѓуро Ѓаковиќ“ во Белград.

Во младешките години пред војната, Ацо се здружува со прогресивни младинци во Штипската гимназија. Се среќава со Ванчо Прке, Славчо Стојменски, Димче Беловски и други. Постојано чита од напредната литература од писателите М. Горки, У. Синклер, П. Бак, В. Игo, E. Толер, и многумина други. Истовремено страсно чита и прогресивна научна литература од Филиповиќ, дела од Маркс, Енгелс, Ленин, Фоербах и други.

Како прогресивен младинец набргу се вклучува во воспитна група во 1939-40 година. Под влијанието на прогресивната литература и здружувањето со напредни младинци, кои имаа политички оформени погледи, Ацо беше наполно национално и социјално свесен и политички оформен. Тој знаеше дека македонскиот народ може да ја добие својата национална, политичка и економска слобода само во борбата против тогашната српска буржоазија, само под раководството на Комунистичката партија на Југославија.

Инаку, Ацо Шопов беше изразито скромен младич, повлечен во себе, а следеше сѐ што се збиднува околу него и вон од него. Во времето на гимназиските години Ацо беше склон кон книгата и беше неразделен од секоја убава литература – проза или поезија. Знам од моето долгогодишно познанство со него дека, тој го обожаваше Рацина. Ние ги добивме Рациновите Бели мугри истата 1939 година по нивното излегување и тие секогаш ни беа најсакана лектира. Тоа се препознаваше и во неговото однесување спрема другарите, спрема познатите и роднините, неговото однесување спрема мајка му, која, инаку, беше со нежно здравје. Ацо ја чуваше мајка си, многу ја сакаше, ја негуваше. Тој беше срамежлив, се стеснуваше нешто да побара или да се наметнува. Беше и многу добар ученик, и се истакнуваше со своите писмени задачи во Гимназијата.

Ацо Шопов, значи, беше склон кон пишување и таа своја љубов ја изразуваше уште во своите најрани години. Се сеќавам како во 1940 година на Видовден, на крајот на учебната година кога се објавуваа резултатите од учењето, некои ученици читаа свои творби пред целиот собир во Гимназијата, пред родителите, наставниците и учениците. Таа година Ацо Шопов читаше една своја патриотска песна која имаше наслов „Устани сине, отаџбина те зове“. Основната идеја на оваа негова песна, иако тоа не беше со зборови искажано, беше борбата на Македонија за слобода. Ацо имаше и други песни кои остануваа по разни тетратки, а кои по содржина беа со национален, социјален и политички карактер, и секогаш револуционерни, со повици за борба, за човештина, за правдина.

За време на бугарската фашистичка окупација Ацо Шопов е веќе позрел и политички многу пооформен. Станува член на СКОЈ и член на Гимназискиот актив на СКОЈ, каде што соработува најмногу со Димче Беловски, тогашен секретар на Гимназискиот актив на СКОЈ во Штип, а надвор од Гимназијата често се среќава и со Ванчо Прке и Славчо Стојменски, како и со други другарки и другари. Во тоа време Ацо почнува да организира младинки и младинци во воспитни групи и во СКОЈ. Станува еден од политички најактивните младинци во Штипската гимназија. Раководи со неколку воспитни и СКОЕВСКИ групи. Иако беше карактеристично скромен младинец, сепак тој беше и масовик, од сите почитуван, мил и драг. Секогаш беше со својата страмежлива скромна насмевка на устата. Секогаш, кога нешто ќе соопштуваше, ќе побараше или ќе дискутираше, мислиш дека однапред сака првин да се извини. Човекот кој со него ќе зборуваше не можеше а веднаш да не изјави дека тој (Ацо) има право и дека со него веќе претходно се сложува.

Ацо „Шопчето“, како што ние тогаш си го викавме, беше срцеговорливо момче, сите бевме убедени и свесни дека кога Шопчето ќе каже нешто, се знае дека е тоа од душа и од срце речено како од човек роден за вистински поет.

За време на окупацијата меѓу другите форми на средби и работа со младината беа и вечеринките, излетите, журевите и друго. На тие средби, каде што се вршеше партиска агитација и пропаганда за борбата на македонскиот народ против окупаторот, и за национална и социјална слобода, имаше и специјални програми. Во тие програми имаше точка „Врапче“. Во содржината на „Врапчето“ на хумористичен начин се изнесуваа состојбите во градот, во Гимназијата или во целата земја. Остриците на овие сатирични состави беа посебно насочени против окупаторските злосторства. Најактивниот учесник во составите на „Врапчето“ во стихови беше Ацо Шопов. На тие излети или вечеринки тој создаваше посебен штимунг. Тој свиреше на прим и кога ќе почнеше да свири не знаеше за пауза, посебно, пак, сакаше да ја свири и пее својата омилена „Тета Ана“.

Треба веднаш да се подвлече и тоа дека, Ацо Шопов меѓу првите кон крајот на 1941 година беше готов да стапи во редовите на партизанските одреди како вооружен борец на Партијата.

Својот победоносен и резултатен поетски поход Шопов го почна во своите млади ученички години, во гимназиските години. И уште со почетокот на НОБ и Револуцијата, уште од 1941 година, тој своевидно настапи, навлезе во најдраматичните денови од нашата Револуција. На тој начин, на оваа своја родна почва Ацо Шопов вцрвене национална македонска нишка во духовната култура на својата средина, пројавувајќи се во континуитетот на духовната борба и преродба, што се протега непрекинато од минатото кон иднината за да бидат остварени целите и идеалите на македонскиот народ.

На Ацо Шопов му падна во чест, а нам, на штипјаните и на целиот македонски народ, во гордост, што својата прва збирка поезија овој наш поет му ја подари на својот намачен, но борбен, народ уште во 1941 година. Тоа беше ракопис, една тетратка со дебели корици и со наслов „Песни за Штип“. Но, за жал тие стихови тогаш не можеа да бидат печатени. Беа тоа инспирирани, прочувствувани, прекрасни песни, со мотиви од Штип и Штипско, со национално-патриотска, социјално-политичка и друга содржина.

Јас ја имав таа прилика и посебна чест, ете, токму оваа збирка „Песни за Штип“ да ја имам в раце. Имено, Шопов мене ми го предаде овој свој ракопис, кон крајот на 1941 година, за јас да му го предадам на Ванчо Прке (кој беше илегалец кај мене дома), со цел, Ванчо да ги прочита песните и да се произнесе за нив, да даде писмена критика, зашто Ванчо важеше меѓу нас и како познавач на литература. Со оглед на тоа што младиот Шопов веќе сите го знаевме како „наш, комунистички поет“, може да се претпостави, со какво интересирање и нетрпение Ванчо чекаше, да ја добие и да ја прочита тетратката со Ацови песни.

Содржина на збирката

Сеќавајќи се на оваа тетратка сега најпрвин би ги спомнал песните за чии што наслови јас, заедно со Ацо додека уште беше жив, успеав да се сетам. Еве ги:

1. „Анови“
2. „Афионџии“
3. „Еснафи“
4. „Жетвари“
5. „Чаршијата“
6. “Леблебиџии“
7. „Песна за Сталина“
8. „Гројзебрање“
9. „Ашчијата“
10. „Ќепенците“ и други.

За другите сега не се сеќавам, а ги имаше над дваесетина песни.

Ванчо Прке со денови ги читаше и проучуваше овие песни, а за нив многу долго, до доцна навечер, дискутираше со Славчо Стојменски. Славчо беше тогаш уште легален, на слобода, а скоро секој втор ден го посетуваше Ванча кај мене. За Славчо во нашата средина, исто така, како и за Ванчо се знаеше дека, многу познава и чита и самиот пишува литература, поради што и го викаа Сократ.

Ванчо Прке скоро сите Ацови песни ги научи напамет, самиот ги рецитираше. И при тоа велеше: еве, тој е нашиот поет на иднината! По извесно време на листовите во продолжение на тетратката, во која беа изнапишани песните, Ванчо напиша критика за Ацовите песни. Сѐ поболно сваќам колку ми е жал што не се зачува таа тетратка!

Добро се сеќавам дека, Ванчо со неколку реченици уште на почетокот го искажуваше својот восхит од овие песни. Со задоволство велеше: „нашето ‘Шопче’ почнува сериозно и по содржина и по форма уметнички да пишува поезија. И по тој пат треба да продолжи“…

Јас тогаш не сум бил дораснат, а и сега не би си допуштил да давам литерарна оценка за првите песни на Ацо Шопов. Ќе се обидам само да изнесам нешто од содржините на некои песни, толку колку што тоа сега ми го овозможува моето паметење.

1. Песната „Анови“ се однесуваше на пазарџиитеселани, кои доаѓаа на пазар во Штип, кои носеа свои производи, тука ги растоваруваа, а потоа ги продаваа на пазар. Донесуваа тие масло, јајца, жито, кожа, жива стока, сено, слама и друго. Поетот нагласуваше дека тие својата пот многу ефтино ја продаваат, а со парите што ќе ги добијат, одвај ли ќе можат да си го купат најнужното т.е. газије, сол, некој алат за земјоделие и слично.

Во песната беше присутен говорот на тие селани. нивните извикувања при пазарењето, расправиите, а се опишуваше и атмосферата во ановите.

2. Песната „Афионџии“ се однесуваше на граѓаните штипјани кои одеа на село кај имотни селани за таканаречено сечење на афион, за собирање на катранот, а потоа и за берба на чушките од афионот.

3. Песната „Еснафи“ се однесуваше на занаетчиите во Штип и на ситните трговци, од една, и на граѓаните – потрошувачи, купувачи, од друга страна. Беше опишан начинот на пазарење и меѓусебните односи, со потенцирање на нивниот жаргон во говорот.

4. Песната „Жетвари“ се однесуваше на штипските жетвари и на оние кои по жетвата одеа на вршидба на ожнеаните жита, сопственост на имотните чифлик-сајбии. Треба при ова да се истакне дека Штип беше сиромашен град и во однос на другите градови од нашиот крај – Кочани, Струмица и други. Летно време граѓаните од Штип, во тоа се вклучуваа и занаетчии, одеа на село како аргати на работа кај побогати селани. Со таквото аргатување тие си обезбедуваа како-така, во натура 10-15 шиника жито за леб преку зимата.

5 и 6. Во „Чаршијата“ и „Леблебиџии“ Шопов го опишуваше амбиентот на штипската чаршија и односот меѓу луѓето таму. Овие песни зборуваа за човекот, сиромашниот наш човек кој, кога ќе поминеше покрај ашчија ќе сетеше миризба на „манџа“, ќе видеше добри јадења, разни алви и сутлијаши, а самиот остануваше на тоа гледање. Додека, пак, од друга страна, децата на офицери, чиновници и жандари секогаш имаа можност да влезат во тие слаткарници и да се најадат и напијат. Децата на аргатите ја сугерираа во овие песни таа безмилосна вистина: беа секогаш гладни, боси, во налани, поминуваа низ чаршијата тажни и парталави, отуѓени, сиромашни.

Во таа смисла Шопов ги опишуваше и леблебиџиите, како работници, двајца, глава до глава, цврсти, печени, четири раце вртат на тава од кал и печат леблебија, пак за богаташите, а сиромасите јадат „уфак” („уфак“ е ситна леблебија, но како отпад кој се продаваше поефтино).

7. „Песната за Сталина“ го величаше „арслан Сталина со широки гради“, како што тогаш, во тоа време, сите го замислувавме советскиот водач.

8. „Гројзебрање“. Во Штип како и на други места во тоа време гроздоберот беше настан од „општонародно значење“. Тој ден се определуваше посебно и од власта и сите граѓани кои имаа лозје во еден ист ден одеа на берење на грозјето по лозјата. Тоа беше како празник. Ете тие слики Ацо ги опејуваше во оваа своја песна. Турканици, со магариња, со кошови, запрежни коли, крбли, пазарење при продавањето на грозјето, а некои си тураа вино или ракија, па се опијануваа до бесвест.

9. „Ашчијата“. Како и некои претходни песни оваа песна се однесуваше на убаво наредените тенџериња со јадења, со разни изобилства и миризби, за едни достапни а за други не. Поетот Ацо Шопов во оваа песна мечтаеше за времето кога вакво јадење ќе има со казани и кога целиот народ ќе биде сит и задоволен.

10. „Ќепенците“ имаше посебна убавина како песна. Во неа се опишуваа утрата, кога со жагорлива радост се пречекува денот, се отвораат ќепенците и соседите еден на друг си пожелуваат среќен пазар. Навечер, пак, истите тие луѓе веќе изморени од работата, тажно ги затвораат ќепенците, носејќи си под мишка сув лебец без „кат’к“, т.е. без друга храна придружна на тој насушен леб.

Имаше и некои други наслови, како на пример „Каваклија“, „Новакова чешма“ и други, каде што Ацо ги опејуваше природните убавини и средбите на младината и народот дојден во овие излетнички места…

Ете толку можам за тоа да се сетам сега, по изминати четириесет години. И напоменувам дека до пред извесно време и самиот Ацо Шопов, кога ќе разговаравме во врска со тоа, ми помогна да се потсетам на овие факти, што ќе ми останат во подолго паметење. И сега се прашувам, дали оваа тетратка со првите Ацови песни посветени на родниот град Штип и некој друг имал прилика, некој од другарите и соборците на Ацо, да ја има кај себе и да ја прочитал? За жал, и Ванчо Прке и Славчо Стојменски веќе одамна не се меѓу нас живите. А јас досега не сум имал можност за тоа да чујам, па и Ацо, при нашите средби и разговори, не ми кажал дека некој друг, освен Ванчо и Славчо, можел да знае за оваа тетратка со првите негови стихови.

Критиката на Ванчо Прке

Кога сега се сеќавам на тоа веќе многу оддалечено време, до максимум се напрегам да се сетам, што Ванчо Прке беше напишал како свое видување на поезијата од младиот штипски револуционер и поет Ацо Шопов, како тој ги оценуваше неговите први поетски чекори. Пред сѐ, знам сигурно дека Ванчо беше воодушевен. Сметаше дека Ацовите песни имаат голема вредност и поради тоа што се пишувани на македонски јазик и поради тоа што се поетски искажани и пишувани вистини; дека Ацовите песни се создавани со чист поглед и разум, од срце, од длабочината на душата; но, и дека поетот треба да ја усовршува поетската форма, секогаш во духот на времето и неговите пораки. Му препорачуваше на поетот исклучиво да се бави со поезија и многу, многу да чита литература и посебно, што е можно повеќе, поезија, сѐ што му падне под рака. Ванчо понатаму пишуваше дека, иако знаел за тоа дека Ацо нешто пишува, сепак не претпоставувал дека ќе наиде на ваков поетски изблик, на вакво откритие. Па затоа му препорачуваше непрекинато да пишува. Пишувањето го означуваше како основна и главна задача на Ацо, како на комунист тоа треба да му биде и остане – пишувањето на песни. Подвлечуваше дека тој како Македонец треба да се чувствува задолжен да пишува патриотски песни, песни за својот народ, да го усовршува јазикот, да избира теми блиски до народот. Ако така не продолжи да пишува, тоа ќе биде најголем грев и срамота и зло за македонскиот народ. Му укажуваше на младиот комунист Ацо Шопов дека негова најголема должност и одговорност пред СКОЈ и Партијата, посебно пред народот и работничката класа, е да пишува, да пишува и пак да пишува. Негова револуционерна дејност и скоевско задолжение е единствено – пишувањето… Ете така, во тој дух, му се обраќаше на младиот штипски поет Ацо Шопов, нешто малу постариот штипски партиски активист Ванчо Прке, обајцата наши сакани другари. Се сеќавам дека последната реченица во Ванчовата порака до Ацо беше: „Немој да бидуваш мрзлив, пишувај, од тебе само тоа се бара и чека. Веројатно ќе се сретнеме набргу“.

За жал, Ванчо не се сретна со Ацо, бидејќи замина за Скопје, а оттаму за Битола, каде што ја продолжи борбата на македонскиот народ во Битолско-преспанскиот крај.

Тетратката со песните на Ацо Шопов остана во скривницата дома кај мене. Јас паднав во рацете на полицијата. По враќањето од затвор, за голема несреќа и жал, таа наша духовна скапоценост ја немаше – не ја најдовме тетратката со првите пројави на поезијата од нашиот револуционер и поет Ацо Шопов.

Но, пораките на Ванчо Прке до Ацо Шопов живееја подолго. Поетот продолжи да ги извршува нив во текот на револуцијата и по ослободувањето сѐ до својата последна можност. Па како таков и се нареди во плејадата наши поети – револуционери кои го светлеат просторот на новата македонска литература.
___________________
* Насловот е од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов. Текстот е објавен во Дело 74, 1982, год IX, бр. 5-6, под наслов „Ацо Шопов – роден и животно обусловен да биде македонски револуционерен поет”