Ацо Шопов: Мал портрет *

Думитру М. Јон

1. Скалило кон Мал портрет: Ацо Шопов

Во замислата да изградиме еден „Мал портрет: Ацо Шопов“ (20 декември 1923 – 20 април 1982) имавме предвид неколку тековни цели, како и финалната цел, имено:
1) Прочит на добар дел од стотиците страници посветени на човекот и поет Ацо Шопов (сведоштва, литерарни хроники, истражувачки и вреднувачки книги за неговото творештво). Кратки коментари;
2) Составување слика, имајќи ја предвид ситуацијата на македонската поезија во годината-меѓник 1963 (година на објавувањето на ремек-делото на Ацо Шопов – Небиднина) или околу односната година. Кратки коментари;
3) Лична прочит на книгата Небиднина, седмото скалило на угорницата од лирското достигнување на Ацо Шопов. Кратки коментари;
4) Склопување на „Малиот портрет: Ацо Шопов“, составен од наметнатите заклучоци од првите три цели што си ги поставивме.
Критичката девиза одбрана од нас си останува секогаш истата: „продлабочување на восхитот“; низ тоа разбирајќи: еднаква нација меѓу поривот на интуицијата и постепено расудување на вредностите, со цел да се изгради синтетизирачка визија.

Што се однесува до методот на работа, се определивме за критичко видување од импресионистички тип, единствениот кој е во можност да ни понуди поголема слобода за:
– изнаоѓање личен начин за приод кон делото на Ацо Шопов;
– да ризикуваме претпоставки и „да форсираме хипотези“;
– да се биде „творец“ врз маргините на прочитаните текстови.

2. Првата цел: прочит на сведоштва, есеи, литерарни хроники, книги посветени на животот и делото на Ацо Шопов

Признавам дека (летото 2003, во Охрид, време од десет дена) прелистав со нескриена љубопитност неколку стотици страници сведоштва, есеи, литерарни хроники, книги посветени на животот и делото на Ацо Шопов; на работната маса имав страници од: Димитар Митрев, Јован Бошковски, Милан Ѓурчинов, Димитар Солев, Богомил Ѓузел, Душко Наневски, Миодраг Друговац, Георги Старделов, Петар Ширилов, Алдо Климан, Зоран Константиновиќ, Христо Ѓеоргиевски, Ѓорѓи Сталев, Блаже Ристевски, Ефтим Клетников, Данило Коцески, Борис Павловски, Ката Ќулавкова, Матеја Матевски, Сретен Перовиќ, Слободан Мицковиќ, Атанас Вангелов, Радомир Ивановиќ, Раде Силјан, Милош Линдро, Бранко Цветкоски, Гане Тодоровски.
Сите тие страници се – сведоштво како за лирските етапи поминати од поетот Ацо Шопов (револуционерната и патриотската етапа, лирско-рефлексивната етапа, рефлексивно-филозофската етапа итн.), така и за општествено-политичките етапи и за македонската литерарна клима по Втората светска војна. Меѓутоа, сите тие страници се и сведоштво на погоре цитираниот интерес за време на животот, но и потоа, за делото на Ацо Шопов.
Ги прочитавме тие страници како реалистички роман за еден творец и неговото време; на крајот на краиштата: за нашето време, на сите ние кои ја надминавме возраста од 50 години. Останавме со помислата, од една страна, кај тоа возбудно време како политичко така и литерарно; но, ја реконструиравме, од десетиците помали и поголеми парчиња, и сликата на творецот и етапите на неговиот лирски растеж.
Значи стотици ситници и детали за еден човек и едно дело, покрај страста со која тие беа фиксирани во едно конкретно време, како пеперутки во инсектариум, почувствуваме некој вид немоќ. Меѓутоа, треба да си го признаам фактот дека, од сите критички елементи во поглед на делото на Ацо Шопов, сепак, не успеав премногу лесно да ја стекнам и сликата на лирскиот печат на Шопов. Ја открив и причината: од речиси сите тие критички сведоштва изодени од мене, отсуствуваа – во најголем број случаи – врсниците на Шопов, приказите и споредбите со други македонски, српски, хрватски, словенечки, босански, пошироко европски поети.
Нешто од сложениот механизам, кој со самото функционирање води кон проектирањето на лирскиот портрет (со сите свои психо-физички, метафизички и креативни страни), не функционираше. Некои од претерано документираните критички анализи, како да немаа за цел ништо друго освен да го претрупаат авторот во леглото на Прокуст, утврдувајќи му го де во 2-те, де во 3-те или 4-те временски кругови, поетското творештво.
Доколку ја немав можноста, барем донекаде, да ги запознаам и лично, како човекот така и поетскиот модел Шопов, ќе ми останеа на некој начин туѓи (сигурно, не и индиферентни). Од таа лавина информации, од овде-онде, меѓутоа, јасно извлеков една линија на перцепција на поезијата на Шопов во македонскиот и југословенскиот општествено-политички и културен контекст во последната половина на ХХ век.

3. Историско време и Поетско време

Меѓутоа, сепак, дојдов и до заклучокот дека, независно од тоа дали станува збор за Шопов, како во нашиот случај, или за кој било друг голем поет (независно од времето), претерано направените периодизации во врска со неговото дело стануваат анахрони, затоа што попомали или поголеми временски периоди, физичкото време на настанувањето на едно дело не му се наметнува на времето на вонсегашноста на истото тоа дело, со други зборови, на вечното поетско време на творештвото. Отаде стриктната сегашност на пишувањето на делото, со детални периодизирања ќе се занимаваат уште, во најсреќен случај, само литерарните историчари и школските професори. Историското/физичкото време на едно литературно дело е како камилата која, минувајќи ја пустината, го носи сиот товар на авторот; поетското време е како чистокрвен коњ кој си го носи јавачот кон вечноста. Поетското време го памети само тоа што воопшто го нарекуваме Поезија и тоа, веќе, си спомнува само многу малку или речиси воопшто за Историското време, на раѓањето на поезијата. На Историското време му се драги периодизирањата, етапите на поетскиот развој. На Поетското време му е својствена Вечноста.
Во контакт со критиката и литерарната историја се чувствуваш поблизу до историското време на едно дело; во непосредниот контакт со делото, со Поетското време, се раѓа и тоа време на восхитот, кое е во постојан лов на тоа суштество кое носи безброј имиња, како: Неискажливо, Автентично, Единствено, Врховно, Сублимирачко, Поезија итн.
Од тој куп страници и критички извадоци ќе спомнам само три цитати; и покрај чудноста на самиот факт, тие им припаѓаат на македонски поети со врвна големина, кои имаат и теоретско и естетско творештво. Првиот цитат (едноставен, концизен) му припаѓа на Матеја Матевски и се сведува на една едноставна реченица која содржи стотици страници посветени на периодизацијата на творештвото на Ацо Шопов: „Првата е линија на патриотска поезија, врз чиишто антологиски песни (‘Љубов’ и ‘Очи’) се восхитуваа цели генерации, втората е линија која се движи од ‘лирско-медитативни до рефлексивно-филозофски преокупации…’“ (Матеја Матевски, „Реч на Комеморативната седница одржана на 22 април 1982 г. во МАНУ“ (Современиците на МАНУ, Ацо Шопов 1923-1982, Скопје, 1983 г.).
Тие два цитата им припаѓаат на поетите, литерарните теоретичари и есеистите Ката Ќулавкова и Милош Линдро; истите ќе бидат изнесени низ следните чекори на нашето истражување.
Што се однесува до нас, заради поедноставување на работите, ќе кажеме дека поезијата на Шопов помина низ две етапи: двете многу важни, двете преземени врз себе од авторот и двете животоспособни; првата етапа (на творештво, која му припаѓа на Историското време), започна со револуционерниот елан, минувајќи низ искуствата на интимистичката поезија, сѐ до небесните висини на Поезијата од Небиднина (1963); втората етапа, на Поетското време, почнува со спомнатата книга, кога поезијата на Шопов го достигнува „седмото небо“, на скалилото на поетската среќа.
Небиднина е токму седмата книга на поетот (доколку се апстрахираме од Пруга на младоста, книгата со лирски репортажи потпишана заедно со Славко Јаневски). Другите книги што ги објави по Небиднина  Јус-универзум (1968), Гледач во пепелта (1970), Песна на црната жена (1976) и Дрво на ридот (1980) се само продолжување на летот на птицата кон небесните екватори.
Небиднина, сметам дека е книгата на мудроста на Ацо Шопов, врв на лирското јато, птицата-темелник на Поетското време.

4. Bтората цел или Слика имајќи ја предвид ситуaциjата на македонската поезија во летото Госӣодово, 1963 и околу таа година

По четириесет години од објавувањето на Небиднина (1963–2003), книгата на Шопов се покажа дека е блескава Деница на небото со илјадници ѕвезди. Поетичната слика на односниот миг ни се чини потребна како за да го видиме контекстот во кој беше објавена оваа книга, така и кои беа лирските дострели во односниот период.
Да погледнеме поодблизу што се случуваше во македонската литература со повоената генерација (поетите кои дебитираа веќе во 40-тите и 50-тите години или кои се наоѓаа на самиот свој почеток во 60-тите години). Значи, еве ја и таа слика на мигот на објавувањето на Небиднина:
1. Славко Јаневски (р. 1920), по книгата стихови Леб и камен (1957), дури по 9 години ја објави извонредната книга Евангелие по Итар Пејо (1966);
2. Блаже Конески (р. 1921), по книгата Везилка (1955), дури по 6 години ја објави истата книга како дополнето издание (1961);
3. Ацо Шопов (р. 1923), по книгата Ветрот носи убаво време (1957), дури по 7 години ја објави Небиднина (1963);
4. Србо Ивановски (р. 1928), по книгата Бели крикови (1956), дури по повеќе од 10 години ја објави книгата Магепсан патник (1966);
5. Гане Тодоровски (р. 1929), по книгата Виножито (1960), дури по 3 години ја објави книгата Апотеоза на делникот (1964);
6. Матеја Матевски (р. 1929), по плакетата Дождови (1956), дури по 7 години ја објави книгата Рамноденица (1963);
7. Анте Поповски (р. 1931), по плакетата Вардар (1967), дури по 7 години ја објави книгата Непокор (1964), а набргу и Макови (1966);
8. Јован Стрезовски (р. 1931), по Шепоти (1958), дури по 10 години ја објави книгата Чекори во времето (1968);
9. Јован Котески (р. 1932), по книгата Земја и стpacт (1958), дури по 5 години ја објави Злодоба (1963);
10. Петре М. Андреевски (р. 1934), дебитира со Јазли (1960), а подоцна ги објавува книгите И на небо и на земја (1962) и Дениција (1968);
11. Влада Урошевиќ (р. 1934), дебитира со книгата Еден друг град (1959), подоцна ги објави Невиделица (1962) и Летен дожд (1967);
12. Миле Неделкоски (р. 1935), дебитира со книгата Јужно лето (1963), а потоа ги објави Срцето од злато (1964) и Улавиот од Преспa (1965);
13. Петар Т. Бошковски (р. 1936), дебитира со книгата Суводолица (1962);
14. Михаил Ренџов (р. 1936), дебитира со книгата Иселеник на огнот (1965), а потоа ја објави Ноќно растење на зборот (1967);
15. Радован Павловски (р. 1937), дебитира со книгата Суша, свадба и селидби (1965), а потоа ги објави Корабија (1964) и Високо пладне (1966);
16. Трајан Петровски (р. 1939), дебитира со книгата И падина и гороцвет (1964), а потоа ја објави Опаленик (1967);
17. Богомил Ѓузел (р. 1939), дебитира со Медовина (1962), а потоа ги објави Алхемиска роза (1963) и Мироносици (1965);
18. Чедо Јакимовски (р. 1940), дебитира со книгата Нарциса (1966).
(За да биде сликата што поцелосна, сигурно не треба да бидат заборавени поетите како Гого Ивановски, Цане Андреевски, Михо Атанасовски, Горе Напески, Јован Павловски, Светлана Христова-Јоциќ, Радмила Трифуновска, Гордана Михаилова-Бошнаковска, Паскал Гилевски итн., поети чиишто библиографии не ни беа, во моментот, на располагање.)
Ваквата слика на еден поетски миг може да ни даде тема за размислување. Од нашата слика многу лесно можат да се извлечат два заклучока:
1) Сликата опфаќа цела една поетска генерација – генераијата пост-Рацин, или повоена; таа ги опфаќа поетите родени меѓу 1920 и 1940, кои дебитираа во 40-тите, 50-тите и 60-тите (5, 6, 7. деценија). Во оваа слика се опфатени неколку клучни книги или книги-меѓници во македонската литература: Леб и камен (1957) и Евангелие по Итар Пејо на Славко Јаневски; Везилка (1955 и 1961) на Блаже Конески; Небиднина (1963) на Ацо Шопов; Апотеоза на делникот (1964) на Гане Тодоровски; Дождови (1956) и Рамноденица (1963) на Матеја Матевски; Непокор (1964) и Макови (1966) на Анте Поповски; Злодоба (1963) на Јован Котески; И на небо и на земја (1962) и Дениција на Петре М. Андреевски; Невиделица (1962) и Летен дожд (1967) на Влада Урошевиќ; Јужно лето (1953) и Улавиот од Преспа (1965) на Миле Неделкоски; Суводолица (1962) од Петар Т. Бошковски; Иселеник на огнот (1965) и Ноќно растење на зборот (1967) на Ренџов; Суша, свадба и селидби (1961) и Корабија (1964) од Радован Павловски; Опаленик (1967) од Трајан Петровски; Медовина (1962) и Алхемиска роза (1963) од Богомил Ѓузел и Нарциса (1966) од Чедо Јакимовски.
2) Со помош на оваа слика сфаќаме нешто: меѓу годините 1955-1965 настана хијатус. Поетите кои дебитираа во 5-тата и 6-тата деценија го преживуваат тој хијатус. Од гледна точка на историското време, хијатусот е разбирлив и ни означува емоционални состојби на општествено ниво, конфликтни политички состојби итн. Од гледна точка на Поетското време, хијатусот за кој зборувавме (и покрај целокупната идеолошка проблематика што ја содржи), всушност е несфатлив. Паузата за која зборував (5-10 години), преземена врз себе од поетите кои дебитираа до прагот на 7-та деценија, претставува огромен чекор кон поетското време.
Треба уште да се каже: поетите на сите тие 3 повоени децении на ХХ век, околу 1963-тата објавија книги со стихови кои ќе влезат меѓу редовите на книгите-меѓници на македонската литература од минатиот век.

5. Третата цел или Лична прочит на книгата Небиднина од Ацо Шопов

При едно првото читање на Небиднина (1963), навистина остануваш зашеметен. Што имаме пред нас: eднa ars poetica и/или една ars vitae? Би биле ставени во искушение да се служиме со тој клуч на читање, доколку не би постоел поттикот да форсираме и хипотези.
Во својата голема студија која стои како предговор во првата јубилејна книга, Ацо Шопов, Поезија (1993) кажуваше, цитираме: „Во средиштето на поетското внимание и процес на опевање стануваат зборот и песната, небиднината, крвта и телото, годините (времето) и невремето, црното сонце, светлината, очајот и желбата, сите тие во симболична и специфично фигурирана (устроена) смисла. Физиката и метафизиката на песната се сплотуваат во една напрегната и затегната мембрана, меморија, митопоезија“. Но, Ќулавкова пак ги подложува на дискусија како поетиката на Ацо Шопов (вештината за создавањето на „синтактичкото“ – лингвистичкото ниво) така и својата поетика (процесот на „постанокот“, на самото творење, продес во грчката антика наречен tehne). За таа биполарна наука на поетскиот чин во случајот со Ацо Шопов, Ќулавкова ни кажува, цитираме: „Основната карактеристика на овој круг (третиот во периодизацијата направена од авторката за поезијата на Шопов – бел. Думитру М. Јон) е неговата артистичност и маниристичност или како веќе рековме неговата поетичност (…) песните (…) се маркирани со интензивната сосредоточеност врз јазикот во неговата „естетска функција“, односно врз знаковноста (севкупната поетска структура, загледана кон ознаката, значењето и изведените поетски вредности) на песната и нејзиниот облик и запис (поетската морфологија и граматика). Референцијалното се облагородува и лирски се шифрира, понекогаш и се херметизира во тврдината на симболите, станува пометафизично во својата трагичност, посублимно и повеќесмислено во својата спознајност и значење…“
Расветлувајќи, со овој цитат, неколку од проблемите на poetica-та и на роietica-та на Шопов (лингвистичкото и екстралингвистичкото ниво) да го сконцентрираме за миг вниманието и врз насловот на книгата, Небиднина. Небиднина е збор создаден од Шопов. Тој може да биде сфатен и како празнотија, ништо, но и како непостоење; но не како непостоење во смисла на неживеење, туку како неовоземно суштество; веруваме дека коректното толкување на зборот небиднина е: отелотворување, дух, небесно суштество, вечно. Во таа смисла релевантен е еден цитат од студијата посветена на Шопов од поетот и есеист Милош Линдро: „Поетскиот поим небиднина го определуваме како поетско-филозофска проекција на копнежот по вечност, небиднината од контекстот на својата поетска употреба сугерира безвременост, атемпоралност. Миг кога времето ќе престане да тече, но не како миг на ентропска смрт, туку миг на достигнато совршенство, како климакс на негeнтропијата: сѐ е пространство, облик, распоред, симбол“. (Шопов во светот и Шопов од светот, 1993).
Поаѓајќи одовде, ќе ги форсираме и хипотезите за кои зборувавме. Лично, верувам дека Шопов во Небиднина замислува една via sacra. Безимениот лик на оваа книга мислиме дека не е никој друг, туку Исус кој се појавува пред учениците, идните апостоли, во Емаус**. Небиднина, како што ја сфаќа и Ќулавкова, е моролог исполнет со трагичност. Значи, замислете си го тој миг на „богојавление“, на средбата на учениците со патникот со кој ќе делат храна на втората вечера, вечерата на откровението.
Поетскиот дискурс на Шопов дава детали за човековото страдање, можеби на човекот Исус. Поетот најпрво ни зборува за Зборот. Но, ние знаеме дека на почетокот беа: Бог и Зборот, а Зборот беше Бог. Низ Зборот, Синот на Бога / синот на Човекот, го спознава и овоземното искуство, на страдањето за откуп на гревовите на луѓето. Зборот го придружува Исус низ целиот живот, сѐ до Голгота. Преку Зборот тој и ќе му се обрати на Небесниот Татко со тој болен крик: „Eli Eli lаmа sabahtani“.
Доколку внимателно ја разгледаме структурата на книгата Небиднина, гледаме дека таа е составена од 3 циклуси; цифрата упатува на Тројство: еден циклус на страдањата на Синот на Бога, еден циклус на продажбата/купувањето на „старата облека“, третиот циклус на небиднината, на небесното суштество (циклус составен од 5 сфери, нешто што може да нè упати на идејата за половината на декадата, половината/на чистата бројка, на идејата на Гамос, на Убавината).
Првиот циклус, „Молитви на моето тело“, содржи 12 песни; еднаков на бројот на учениците на Исус. Преку еден интелигентен потег, видлив од насловите на песните во циклусот, Шопов возвишува само 11 химни или молитви на телото. Но, каде е поетската молитва упатена кон Јуда? Јуда станува присутен преку отсуството. Овде јас го гледам клучот кон мистериите, овде го гледам мигот на Исусовото јавление на патот кон Емаус, мигот кога учениците го имаат откровението дека јадеа со Него, со зборот кој слезе на земјата за да страда, за да посее и да го направи плодно полето на љубовта за човекот и за Бога.
Но, да застанеме овде, не пред да нагласиме дека вредносниот скок на поезијата на Шопов, од Ветрот носи убаво време (1957) до Небиднина (1963), Гледач во пепелта (1970) и Дрво на ридот (1980) е огромен, всушност како и вредносниот скок на сите негови врсници.
Шопов носи на рамо, една поетска амфора, на една via sacra. Во односниот миг во романската литература си ја почнуваше лирската авантура и Никита Станеску, неспоредливиот автор на Незборовите.

6. Мал портрет: Ацо Шопов

Од био-библиографските податоци на Ацо Шопов (20 декември 1923 – 20 април 1982) го истакнуваме фактот дека беше/e: поет и преведувач, дека се борел во првите борбени редови во Втората светска војна и Револуцијата; дека заземал разни функции во издаваштвото (бил на чело на повеќе литерарни списанија, како и на престижната издавачка куќа „Македонска книга“); дека многу години бил амбасадор на СФР Југославија во Сенегал, а во последните години од животот претседател на Комисијата за културни врски со странство на СР Македонија; дека беше член на МАНУ и на САНУ.
Од бројните есеи, литерарни хроники и сведоштва посветени на човекот и поет Ацо Шопов, ги истакнуваме и трансформирањата на општественото, политичкото и културното живеење во СР Македонија и бившата СФР Југославија во втората половина на ХХ век. Во тие напори на литерарните хроничари на тоа време ги наоѓаме контурирани и скалилата/етапите на настанувањето на творештвото на Ацо Шопов и творештвото на своите врсници.
Поминатиот пат на Шопов од дебитирањето (Песни, 1944) сѐ до Небиднина (1963) би можел да помислиш дека бил тивок, гладок; во суштина тој пат беше колеблив, крив од уметничка гледна точка сè до седмото скалило, небесното скалило на неговото поетско творештво; не беше поинаков и поетскиот пат на другите корифеи на македонската лирика: Јаневски, Конески итн. Од мимичкото изразување на поетскиот чин, од влегувањето на безизлезниот пат на модерната поезија, сѐ до пронаоѓањето на процепот (пукнатината) кон неомодернизмот, па сѐ до полното спојување со пост-модернизмот на 60-тите и 70-тите години од XX век, напорот и лирската височина до која достигнуваат македонските поети (вклучувајќи го и Шопов) се огромни, како што гледаме и од сликата создадена од нас за да стекнеме еден појасен поглед кон авторските имиња и делата на километарскиот столб на 1963 година, годината кога беше објавена книгата Небиднина.
Преземената прочит во сакрален клуч, отвора друг еден пат кон сфаќањето на поетското дело на Шопов; а можеби ќе го отвори и патот кон засирување на друг портрет на човекот и поетот Шопов, за да се истакнат целокупната важност и вредност за македонската и европската поезија на ХХ век.
Она за што ние се обидовме, претставува – а повеќе и не се сакаше – само скица за портрет, затоа и го насловивме овој наш труд: „Мал портрет: Ацо Шопов“.

* in Животот и делото на Ацо Шопов.- Скопје: МАНУ, 2005
** Во истиот зборник, во статијата Поетиката на телото во творештвото на Ацо Шопов, Елизабета Шелева ги анализира „Молитвите” коишто според неа „не му се упатени на бога како лирско Ти на песната, туку, во улога на лирско Ти попрво разоткриваме една комплексна и слоевита предметност – почесто родово атрибуирана (со признаци кои граматички му припаѓаат на женскиот род)”.