Поезијата на Ацо Шопов*

Љубиша Ташковски

Издавачкото претпријатие „Форум“ од Нови Сад годинава ќе објави избор од поезијата на македонскиот поет Ацо Шопов. Ова интересирање за поезијата на Ацо Шопов сведочи за трајните вредности на неговата поетска реч и за високите уметнички квалитети што се содржани во неговиот поетски опус. Пред извесно време, на словенечки во Љубљана е објавена книга поезија на Ацо Шопов, а минатата година во СССР е печатен избор од неговата поезија на руски јазик, во посебна збирка.

Поетскиот опус на Ацо Шопов е крвно сврзна со татковинската војна, од една страна, а од друга, со најнежните емоции на човечкото битие. Тоа најизворно се согледува од неговата збирка Песни печатена во Крагуевац непосредно по ослободувањето, која што поддишува со бескрајна љубов кон роднината, а со огнена омраза кон оние што живеат го правеа бесончев и нерадосен. Потоа неговата поезија, што е свртена кон социјалистичката изградба на нашата земја, ги покажува жизнерадосните црти на Шоповото поетско дело. За илустрација на ова ќе ги наведам стихозбирките: Со наши раце и заедничката збирка песни Пруга на младоста со основоположникот на македонскиот роман, поетот Славко Јаневски.

Човечката интима, филозофско-естетско становиште спрема животот и неговите многубројни пори, најизворно се одржуваат во стихозбирките: Стихови за маката и радоста, Слеј се со тишината, и Небиднина.

Јупот, со сета макотрпност и трагика, одекнува во неговиот романтичен еп : „На Грамос“, кој по Константин Миладинов прв ја донесе оваа емотивна и до болка почувствувана миризба на тоа јужно тело.

Од поезијата на Ацо Шопов избива убавината на човечката крв, свежината на родниот хоризонт, питомоста на земјата расцутена како ружа и е разбранета од зелените овчеполски жита, напоен и со изгревот на македонската љубов во мајските зори. А сето тоа е предадено со еден колоритен јазик, проникнат во сонцељубиви портрети, слеан во прекрасната архитектоника на родните пејсажи.

Неговиот поетски глас, мек како свила, заводлив како убавица, вдахнат во стих – звучи како најдлабока исповед на крвта.

Лежи она и рие како крт.
Оди од праг до праг, рие низ свеста.
Непогрешно и неизбежно како смрт
ги исполнува сите празнини и места.
(„Има долу една крв“)

А таа поезија, насобрана во стихозбирката Небиднина со својата автентичност и стопроцентно художество, може спокојно да се спореди со некои значајни поетски остварувања на Франција, (Жак Превер, Бодлер, Рембо и други).

Има во таа поезија – поезија што окрилува и понесува кон радосните извори на животот. И кога навлегуваме во нејзиниот амбиент, чувствуваме како срцето ни се слева со нејзината музика, со нејзиното топло како љубов небо, со нејзината свежа како бакнеж младост.

Има во таа поезија поетско достоинство што во себе ги апсорбира златестите бранови на нашите езера, шепотот на бистроводните реки, тагата на јужната како море пенлива месечина и виножитото на вечно замислениот хоризонт.

Поезијата на Ацо Шопов е сестра на Лоркината гитара, најубавата песна на Шпанија. Сета проникната со здравје и убавина, Шоповата музика ги буди и најтемните птици што во бездните на човечките срца ја сокриваат волшебната моќ на својот уметнички лет, а потоа зазвонува сребрено и светлосно како најсладострасниот глас на новото македонско утро, спрострено над непрегледната пигмина на таа стара ровка земја.

Тоа е поезија што ја облагородува човечката крв, што ги проширува хоризонтите на нашето човештво кон убавото и нѐ внесува во царството на трајното, уметничкото во литературата.

Консенквентен на убавата поезија, тој, поетот Ацо Шопов, перманетно се движи по златната врвица на прогресивната поезија и за нас претставува посебна љубов.

______________________
*Текстот е објавен во Нова Македонија, бр. 6830, Скопје, 19.07.1964, стр. 7