Српската критика за поезијата на Ацо Шопов*

Љубиша Станковиќ

Крупното име на македонската поетска реч Ацо Шопов првпат поцелосно на читателите од српскохрватското јазично подрачје им бил претставен со збирката Предвечерје 1966 година во избор и препев на Сретен Перовиќ.

Српските критичари, кои Шопова го читале во оригинал, на Предвечерје му посветуваат посебно внимание и се обидуваат во оваа збирка да ја доловат комплетната поетска физиoнoмија на Aцо Шопов. Меѓутоа некои од критичарите истакнуваат дека Предвечерје го претставува Шопова онаков каков што го гледа преведувачот, а не каков што тие го познаваат од неговото целокупно поетско дело. Во ова е најкатегоричен Богдан Поповиќ, кој не се согласува и со некои квалификативи за поезијата на Шопов кои потекнуваат од впечатоците на Перовиќ дека Шопов пред сѐ е романтичен поет, при тоа не согледувајќи се и со одделни критичари кои таквата определба ја прифаќаат или ја потенцираат, како на пример Тимченко, чиј осврт дури и го носи заглавието „Еден романтичарски поет“. За Поповиќ, Шопов, пред сѐ, е модерен поет, од едноставни причини што Шопов ги согледува и во својата поезија ги регистрира промените кои во современиот човек настануваат под влијание на новото време.

Интересни се размислувањата за Шопов и неговата поезија. Гледајќи го овој поет од сопствените агли, критичарите доаѓаат до интересни заклучоци. Така Тимченко ќе рече: „Во прашање е поет чие дело ја изразува драмата на неговата личност“. Идентификувајќи ја поезијата со личноста на нејзиниот творец, тој ќе додаде: „Неговата поезија ја возвишува поетовата личност до рангот и значењето на космичкиот објект“. Поповиќ, од своја страна ќе истакне дека Предвечерје ни овозможило „ …да ѝ се доближиме на една комплексна поетска личност“. Задржувајќи се на тематиката на збирката песни на Ацо Шопов, [Миодраг] Рацковиќ ќе подвлече дека Предвечерје го означува „…поетовиот страв од минливоста“ и додава дека според Шопов „Песната треба да ја воспева болката на човекот“.

По повод оваа збирка, критичарите истакнуваат дека поетот почесто му се обраќа на срцето, одошто на разумот. Можеби затоа Харпањ во својот оглед за оваа поезија подвлекува: „Искрите на филозофиската ориентација во неа сосема се осамени и со поетовата творечка постапка сведена во второстепена положба“. Истовремено истакнува дека песните на Шопов се обоени со темните бои на душевните немири, „Нивните валери“, додава тој, „се плод на поетовото нурнување во најтемните човекови внатрешни пространства, обременети со животните неспокојства, исполнети со противречностите помеѓу човекот и космосот“.

Зборувајќи за интимата на Предвечерје, Рацковиќ подвлекува дека Шопов: „…настојува да ја долови променливоста на внатрешниот пејзаж, кон кој не може да биде индиферентен; сменување на оптимизмот или очајот кои чудесно се проектираат врз неговата поезија“.

Зборувајќи за еден друг вид поезија на Шопов, за т.н. опис на поезијата, еден од критичарите истакнува дека Шопов овдека прави прелом во однос на класичната поезија во која човекот е опкружен со природата која е надвор од него. „Природата“, вели тој критичар, „онаа најширска човекова животна рамка, во песните е дел на човековото суштество, таа се наоѓа во него. Таа е проектирана во поетовиот интимен свет“. Како непосреден повод да ги напише овие редови послужила антологиската песна „Лов на езеро“.

Зборувајќи за преокупациите на Шопов, Милисав Мирковиќ истакнува: „Две су велике чежње и две лирске енергије које брује лириком Аце Шопова: чежња за телом и чежња за речима“. [Два големи копнежи, две лирски енергии шумолат во стиховите на Ацо Шопов: копнежот по телото и копнежот по зборот.]

И на крајот, ова мноштво од искажувањата за Шопов и неговата лирика, да го завршиме со мислата на Мирковиќ дека можеби сѐ уште во македонската поезија живее онаа етапа од нејзиот развој на чие чело стои името на Aцо Шопов, или со искажувањето на Рацковиќ по повод прочуената песна „Небиднина“ дека оваа песна, како малу некоја друга веќе сега може да се вгради во мозаикот на нашето повоено поетско искуство“.

Наместо заклучокот, Богдан Поповиќ во својот есеј под заглавие „Прво поцелосно запознавање“ истакнува дека Ацо Шопов без сомнете е извонреден поет, „…еден од најдобрите што денес ги имаме“. Оваа констатација е потврдена и со изборот на поезијата на Шопов. Не согласувајќи се делумно со критериумте при изборот, Поповиќ истакнува дека творечките димензии и амбиции на Шопов се простираат далеку над изборот што е направен во оваа книга. Со овој избор во центарот на вниманието се поставува творечката драма на поетот, неговиот став кон чинот на творењето, кон поезијата. Истовремено се настојувало да се покаже и широкиот спектар на поетовото интересирање и неговите литературни постапки. Од сето ова испаѓа дека Шопов би можел да се третира како романтичен поет, како што Перовиќ сугерира, а Поповиќ категорички отфрлува, иако во својата поезија Шопов емоционално го доживува светот. За да ја докаже својата теза, Поповиќ го споредува циклусот песни „Молитви“ на Шопов, со циклусот песни „Критиката на поезијата“ на Миљковиќ и „Врати ми моје крпице“ на Васко Попа, за да заклучи дека во сите три циклуси предметот, па дури и односот на поетите кон него е идентичен. Во сите три случаи станува збор за творечката драма. Разликата е единствено во постапката. Кај Попа симболичка, кај Миљковиќ онтолошка, кај Шопов cликовита. „Постапката во полна мера фигуративна, семантички посредна, но емоционално непосредна, метафорична“. Доколку некои од поетите и можат да се сметат за романтичари, Миљковиќ и Попа не можат, Шопов исто така не е романтичар. Единствено нешто за кое кај Шопов би можело да се рече дека е романтично, тоа донекаде е декорот во кој Шопов ги лоцира своите песни. „Инспирацијата е изразито модерна, поправо карактеристична за духовната и психолошката структура на една модерна личност“, вели Поповиќ.

Давајќи ја карактеристиката за овој поет, тој истакнува дека многу од лирските песни на Шопов нѐ уверуваат дека „…ништо наизглед традиционално, кога е во прашање суптилен поет кој знае да ги фиксира неминливите мигови на човековата интима, не мора да биде застарено и надминато“. За самата книга ќе рече дека таа ни овозможила да ѝ „…се доближиме на една комплетна поетска личност“, додавајќи притоа дека сме се запознале со поетот,  „…чиј фигуративен поетски јазик и склоноста кон фикцијата што сугерира конкретни и актуелни проблеми, можат да нѐ поддржат во мислата дека имаме извонредни поети, чија постака е совршено различна, а достигањето подеднакво високо“.

Зборувајќи за Предвечерје Мирко Милорадовиќ ќе го нapeче Шопова „бард нa современата македонска поезија“, а своите впечатоци за книгата ќе ги подведе под заглавието „Мир и немир једног барда“, означувајќи ги со тоа координатите во кои се движи изборот на поезијата на Ацо Шопов. Кај овој поет критичарот како да пронаоѓа дека е пресудна девизата: сето што поминува низ мојата мисла важно е и сето што остава трaги во поетот, треба да им се подари на другите преку песната. Со оваа девиза Шопов се среќава во првите свои песни во кои доста често се сретнува зборот крв, како симбол на немирот и неспокојството. Подоцна, Шопов ќе дојде до нови, модерни, постабилни симболи: камен, игра, време, вода, круг.

Иако преводот на најдобар начин не ни го претставува поетскиот развој на Ацо Шопов, Милорадовиќ истакнува дека сепак е очигледен подемот на Ацо Шопов до поет кој не ги злоупотребува старите идеи, кој не се прифаќа за новото како за нешто спасувачко. Меѓутуоа, тој не ги отфрлува новините што му одговараат на неговото поетско суштество.

Милорадовиќ потсетува и на улогата на Шопов во македонската поезија, истакнувајќи дека меѓу првите по Рацина бил Шопов, кој од водечката улога не се одркува ни денес и кој оставил силно влијание зад себе. Милорадовиќ додава дека збирката Предвечерје подеднакво е богата, како со минијатурите „компактни и згуснати“ исто така и со елегиите „шармантни и распеани“. Меѓутоа, најефикасен Шопов бил во „Молитви“, потоа во класично римуваните строфи и на крајот во „Небиднина“ и „Тажачка од онаа страна на животот“.

Тргнувајќи од зборот „Небиднина“, Николај Тимченко во него како да наоѓа и дел од филозофијата на поетиката на Ацо Шопов, а можеби и поетовиот однос кон светот. Тимченко, дури и го бара зборот во речникот на македонскиот јазик и не наоѓајќи го таму смело заклучува дека зборот „небиднина“ е рожба на Ацо Шопов, и тој збор треба да означи нешто неостварливо, фантастично, невозможно. „Можеби се поетовите барања, неговото поетско искуство, неговите поетски немири останале залудни“, прашува Тимченко, покажувајќи со тоа дека зборот што би бил клуч за сите тајни, не постои, на што би упатувал зборот „небиднина“.

Според критичарот, песните на Шопов се свидетелство за антагонизмот на двата света, оној во поетот и оној надвор од него. Оваа поезија е блиска до модерниот сензибилитет, не само со начинот на искажувањето на интимниот свет, туку и со извесното критичко дистанцирање од тој свет. Затоа овдека за Шопов ќе се зборува како за романтичен поет и во неговата поезија во прв план ќе се стави поетовата интима. Таквиот суд ќе се потенцира и со констатацијата дека Шопов во своите песни сиот е нурнат во интимата, „во драмата на сопствениот живот и смислата на своето постоење“. Во поезијата на Шопов како да се чувствува болка поради неможноста песната да се идентификува со животот. Тоа се, според критичарот, искрени тонови „на еден поет кому поезијата му е единствената шанса и вистинскиот позив“.

Во својот приказ, уште во почетокот, Михаило Харпањ ќе истакне: „Шопов е еден од најистакнатите македонски поети“ кој со својата поезија многу придонесол за развојот на македонската литература. И за овој критичар Шопов, пред сѐ, е поет на интимата. Поетот се спушта во најинтимните човекови внатрешни пространства кои се обременети со животни незгоди и противречностите помеѓу човекот и космосот. Критичарот во песните на Шопов открива и некоја кошмарна игра на вистината и сонот која води битка во човекот, а самиот тој останува надвор од неа.

Според него „лирско-исповедната нишка“ може да се најде во сите песни на Шопов. Тргнувајќи од кошмарот во себе, поетот се осврнал кон оној надвор од себе и во таа војна го бара сопствениот лик. Можеби затоа песните на Шопов се негова критичка биографија, заклучува Харпањ, додавајќи ја Ибзеновата изрека: „Поетски да се дејствува, значи да му се суди на сопственото јас“.

Бидејќи презентирањето на интимата често може да премине во стереотипност, поезијата на Шопов е лишена од „баналните содржини“. Харпањ во поезијата на Шопов пронаоѓа два видa песни – „љубовни песни“ и „песни за природата“. Меѓутоа, и тој самиот подвлекува дека оваа поделба би била условна, бидејќи двата вида песнии кај Шопов се испреплетуваат, бидејќи и природата станува дел на човековото битие. За овој критичар, поезијата на Шопов останува топла, ненаметлива поезија на внатрешните душевни немири.

Зборувајќи за Шопова и неговата збирка Предвечерје Милисав Мирковиќ за разлика од претходните, за поезијата на Шопов ќе рече, дека таа повеќе е афирмација на колективното и патриотското, одошто на длабоко личното. Тој ќе напише дека Шопов е „дискретен“ лиричар. Ја истакнува и неговата љубов кон зборот, и според него, зборовите многу му значат на овој поет. Кај него, како што вели Мирковиќ, постои „чежња за речима“. Тој како да води борба со нив, и во најдобрите песни, во кои ги вбројува и „Златниот круг на времето“ успева да го совлада нередот на зборовите.

Завршувајќи ја белешката за оваа поезија, Мирковиќ ќе истакне дека со поезијата на Шопов се поминува низ пределите и пејзажите, во кон на човекот му е добро и топло.

Во почетокот на критиката, „Симболично кажување“, Рацковиќ истакнува дека во поезијата на Ацо Шопов можат да се откријат две линии. И двете тргнуваат од индивидуалното искуство на поетот. Оттаму оваа поезија, од една страна, претставува обид да се надмине „чувството на човековата минливост“, а од друга страна е возбудлив опис на природата, врз која е фрлена чудесна светлина на човековата тага. Кај Шопов, според Рацковиќ, се чувствува желба со творечкиот чин да ѝ се доближи на реалноста, чија разноликост ја вознемирува неговата свест. Меѓутоа, Рацковиќ истакнува една друга според него, далеку позначајна особина на Шопов: на силата на индивидуалното искуство да му даде универзално значење. Предвечерје иако не го презентира целокупното творештво на Шопов, тоа ни го сугерира поетовиот страв од минливоста, и дава можности да се откријат некои од основните карактеристики на овој поет. Според Шопов, вели Рацковиќ, „песната треба да је опее болката на човекот“, па затоа поетот повеќе му се обраќа на срцето, одошто на разумот. Песната ги отстранува грижите – „и може да не исполни со храброста“.

Зборувајќи за одликите на поезијата на Шопов, Рацковиќ истакнува дека со право се истакнувало дека оваа поезија е исполнета со општоприфатеното искуство на романтичната поезија за постоењето на „трагичното несовпаѓање помеѓу поетот и светот“. Затоа овие песни ги фиксират токму оние мигови кога тие несовпаѓања триумфираат: борбата помеѓу човекот и времето кое му наметнува своите закони и норми. Рацковиќ понатаму истакнува дека кај Шопов не постои поетски опис во класичната смисла на зборот. Тој повеќе сака да ни ја долови променливоста на „внатрешниот пејзаж“, сменувањето на очајот „кои чудесно се проектираат врз неговата поезија“. Според критичарот, Шопов согорува во настојувањето да се изрази самиот себе, „со симболичкото претставување на светот, да го пронајде патот кој води кон него“.

За песната „Лов на езеро“, од која е воодушевен, Рацковиќ ќе истакне дека во неа како да е содржана сета уметност на Ацо Шопов.¹

***

Го презентиравме основното од искажувањата на српската критика за овие тројца македонски поети. Нашето беше да ја пренесеме мислата на таа критика, но не беше да судиме за неа, да ја прифатиме или не. Тоа ќе биде задача на историјата на литературата и на времето – да ги прифати оцените или да ги коригира.

На крајот, да не дојде до забуна, овдека се презентирани оние мислења и написи, искажани заклучно со 1973 година.

_________________

* Инсерт за Шопов во написот на Љубиша Станковиќ објавен под наслов „Српската критика за поезијата на Славко Јаневски, Блаже Конески и Ацо Шопов” во списанието Стремеж, 1976, XX, 9, Прилеп, стр. 847-857