Поезијата на Ацо Шопов во Словенија*

Намита Субиото, словенечка македонистка и преведувачка

Намита Субиото

Ацо Шопов е еден од најпреведените македонски литературни творци на словенечки јазик. Освен несомнителниот естетски квалитет на неговите творби, причини за тоа треба да се бараат и во малку поповолните времиња  за културните врски помеѓу Македонија и Словенија, бидејќи во негово време двете републики биле дел од една иста држава.

Според прегледот на преводите на современата македонска поезија на словенечки јазик (Liljana Žavcer, Irena Novak-Popov 2000**), до сега на словенечки се преведени и објавени околу петнаесет книги од македонската поезија, но во последните дваесет години словенечките преводи од современата македонска поезија се многу ретки, особено во облик на печатена книга. Ситуацијата малку се подобрува со повеќејазичните зборници од поетската манифестација Виленица, со преводи од современите македонски поети објавени во периодиката (списание Apokalipsa) и со електронскиот проект Вавилонија.

Во овој текст ќе наведеме општи информации за објавувања на словенечките преводи на поезијата на Ацо Шопов и за рецепцијата на неговата поезија во Словенија, и ќе се обидеме да анализираме неколку преводи на четворица словенечки преведувачи и поети: Богомил Фатур, Иван Минати, Северин Шали и Јоже Шмит.

Шопов пред словенечката публика

Поетското творештво на Ацо Шопов на словенечката публика ѝ е претставено во три антологии на македонската поезија, а во целост е преведена и неговата стихозбирка Слеј се со тишината (Zlij se s tišino, 1957)

Словенечкиот читател за првпат можел поконкретно и на свој јазик да се запознае со современата македонска поезија во антологијата Makedonska poezija (1948) во избор и со предговор на Фран Петре. Во оваа книга, од Ацо Шопов се објавени песните „Очи“ и „Истранка“, во превод на словенечкиот поет Богомил Фатур (стр. 91-96). Во поезијата на Фатур можат да се препознаат некои симболистички и експресионистички искуства, па би можеле да речеме дека тој ја преведувал поезијата на Шопов според личните афинитети на планот на поетското искуство.

Поезијата на Шопов во Словенија за првпат самостално е претставена со стихозбирката Zlij se s tišino, целосно преведена од словенечкиот поет Иван Минати. Тоа е и прва стихозбирка на македонски поет печатена на словенечкиот јазик. Како автор на предговорот повторни се јавува Фран Петре. Освен преводите на сите песни од оригиналната стихозбирка Слеј се со тишината, оваа збирка на словенечки јазик вклучува и осум песни од поранешните збирки на Шопов¹.

Во втората антологија на современата македонска поезија на словенечкиот јазик, со наслов Sodobna makedonska poezija (1963), во избор на Александар Спасов, се наоѓаат следниве песни од Ацо Шопов: „Промената“, „Ах таа убавина“, „Го барам својот глас“, „На езеро“, „Лов на езеро“ од стихозбирката Слеј се со тишината и уште пет песни од поранешните збирки.

Во третата антологија Бlaže Koneski, Aco Šopov, Ante Popovski, Jovan Koteski: Pesmi (Ljubljana: Mladinska knjiga, 1976) составена од Георги Сталев, се појавуваат три преведувачи на поезијата на Ацо Шопов: Иван Минати со петнаесет, Северин Шали со десет и Јоже Шмит со пет преведени песни. Од песните што ги препеал Иван Минати, шест се преземени од стихозбирката Zlij se s tiѕino (1957): четири се неизменети², додека во „Galebu, ki mi krozi nad glavo“³ и „О, ta lepota“⁴ има неколку промени.

Одгласи во словенечката критика

Преводот на збирката Слеј се со тишината на Шопов добила одлични оценки и пофалби од страна на словенечката критика во печат, во следниве весници и списанија: Ljudska pravica („Традиција и современост”, критика од словенечкиот поет Јанез Менарт), Večer (Јагода Флорјанчич), Knjiga (Рапа Шукље), Naša sodobnost (Марјан Брезовар) и Naši razgledi (Лојзе Кракар), Delo (Цирил Злобец). Марјан Брезовар во својата критика се обидел и да ја оцени адекватноста на преводите на Минати. Добро биле прифатени и сите три споменети антологии⁵.

Освен Марјан Брезовар, словенечките преводи на поезијата на Ацо Шопов ги коментирале уште Бистрица Миркуловска (1993), која пишувала за римата и метриката во словенечките преводи на песните од збирката Слеј се со тишината и за прозодиските разлики во системите на двата јазика, како и Ирена Новак-Попов (2000), која ги споредила преводите на песната „Очи“ од Фатур и од Минати⁶.

Од богатиот поетски опус на Ацо Шопов на словенечки се преведени и (во книги) објавени 59 песни: 43 во превод на Иван Минати, 10 од Северин Шали, 5 од Јоже Шмит и 2 од Богомил Фатур.

За препевите на Минати

Во кратка анализа на словенечките преводи на поезијата на Ацо Шопов би можеле најпрвин да направиме една споредба помеѓу оригиналите и преводите во рамките на семантичкото ниво на песните од циклусот „Убавината“ и на тој начин да ја провериме констатацијата на Ирена Новак-Попов (2000: 265) дека Минати го преведувал Шопов така што конгениално го дополнувал и објаснувал, веројатно од аспект на својата поетика⁷.

Првиот циклус во збирката Слеј се со тишината со наслов „Убавината“ се состои од девет песни: „Убавината“, „Во тишина“, „Промената“, „Ах таа убавина“, „Кога ти е најтешко“, „Младост“, „Го барам својот глас“, „Кон галебот што кружи над мојата глава“ и „Нотр Дам“.

Ако првин ги споредиме насловите на песните од овој циклус, можеме да видиме дека тие скоро сите се преведени без некои особености, значи семантички сосема се прекриваат. Некои разлики има само во насловите „Ах таа убавина“ – во превод „О kakšna radost“ (овој наслов Минати подоцна го заменил со понеутрално „О, ta lepota“). Насловот „Кога ти е најтешко“ Минати го превел како “Kadar ti je težko“; суперлативот „најтешко“ го заменил со позитивот „težko“, со што попрецизното значење станува поопшто, односно порелативно: наместо значењето „(само) кога ти е најтешко“ добиваме значење „(секогаш) кога ти е тешко“.

Од друга страна, попрецизноста (на поетската слика или пораката на песната) во преводот може да се види во песната „Во тишина“. Веќе првиот стих „ако носиш нешто неизречено“ Минати го преведува со додаток „če nosis u sebi“. А синтагмата „нешто неизречено“ ја заменува со „zamolčana beseda“, со што нејзиното значењето станува попрецизно. Но, песната истовремено губи некои конотации, бидејќи „нешто неизречено“ претставува едно поенигматично, помистериозно значење отколку „zamolčana beѕеdа“ (премолчаниот збор). Освен тоа, синтагмата „zamolčana beѕеdа“ носи и значење на „нешто што некој не сака да го каже“, а не „нешто што некој не може да го каже“.

Минати останува верен на својот избор сè до последниот стих, којшто завршува „tisina jо („zamolčano besedo“) samo bo izdаlа“. Значи, премолчаниот збор, што поетот, односно лирскиот субјект го носи во себе, тишината сама ќе го „предаде“ (а не „рече“ односно „каже“). Токму во оваа песна (најмногу) доаѓа до израз констатацијата на Блаже Китанов (1998: 95) дека тишината кај Шопов е симбол на плодноста, а посебно дека таа имплицира говор и претставува еден внатрешен крик на битието.

Анализата на преводите од циклусот „Убавината“ покажа дека Минати одлично го разбрал поетскиот израз на Ацо Шопов, дека влегол во подлабоки слоеви на неговата поезија и дека од таа длабочина и интерпретирал, односно го прецизирал едноставниот и концизниот поетски израз на авторот. Од ваквите интерпретативни преводи понекогаш може да се загуби некоја од останатите можности за разбирање на оригиналот, но Минати со помош на сопственото поетско искуство никогаш не ја нарушува внатрешната логика (односно порака) на оригиналната песна, а со своето интерпретативно нијансирање на оригиналните песни на Шопов на словенечкиот читател понекогаш дури и му го олеснува читањето.

На сличен начин Минати постапува и во препевите на другите песни, подоцна објавени во антологискиот избор Pesmi (1976).

Интересно е како Минати го преведува зборот „небиднина“. Во песната со истиот наслов, зборот е преведен со „brezupnost“ (што значи „безнадежност“): „Dolgo sem potoval, potoval celo večnost/ od sebe do tvoje brezuposti.“ Во песната „Песната и годините“ („Pesem in leta“) лексемата „небиднина“ во првата и последната строфа Минати го преведува како „slepa ulica“ (ќор-сокак): „Tvoja leta in moja leta – / dva bregova, / dva kamna, / dve slepi ulici.” Лексемата небиднина се појавува и на крајот на третата строфа, стиховите „Да си благословена небиднино/ во времето што не знае старење” Минати ги преведува како: „Bodi blagoslovljena brezizhodnоѕt/ v času, ki ne ve za staranje”, што значи дека тука лексeмaтa „небиднина” го заменил со „brezizhodnost“ („безизлезност“). Но, кога за разлика од Шопов кој во шестата строфа го употребува зборот „непостоење“ (“Tи си во моето непостоење,/ јас во заговорот на твоите соништа“), што всушност е синоним за „небиднина“ – тогаш Минати во својот превод го употребува зборот „nebivanje“ („не-егзистенција“): „Ti si v mojem nebivanju,/ jaz vopravičilo tvojih sanj.”

Зборот „nebivanje“ веројатно би бил најсоодветен словенечки превод на лексемата нa Шопов, но Минати (поради сочувување на ритамот и римата) решил на негово место да употреби друг семантички соодветен, но можеби попрецизен збор, во што повторно можеме да го забележиме неговото „интерпретативно нијансирање“.

За препевите на Северин Шали и Јоже Шмит

Северин Шали е преведувач на девет песни од циклусот „Молитви на моето тело“ од стихозбирката Небиднина (првата и последната песна од циклусот: „Раѓање на зборот“ и „Последна молитва на моето тело“, се преведени од Минати). Шали во своите преводи се обидува да ја сочува римата на стиховите па затоа понекогаш неговите преводи не се поклопуваат сосема со оригиналот: на пример во песната “Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“, стихот „Пронајди таков вистински збор” е преведен како „Najdi besedo, skrito v mnoštvu besed“ – со што е сочувана рима со зборот „svet“ („in vetru, ki spomladi zaveje čez svet”), додека се внесени неколку семантички разлики (не е во целост трансформирана синтагмата „вистински збор“, додека е додадена апозиција „skrito v mnoštvu besed“).

Јоже Шмит ги има преведено следниве песни од Ацо Шопов: „Има долу една крв“ („Tam spodaj je težka kri“), „Златен круг на времето“ („Zlati krog časa“), „Црно сонце“ („Crno sonce“), „Гледач во пепелта“ („Prerokovalec iz pepela“) и „Во сонот на црната жена“ („Sen o črni ženi“). Шмит одлично го употребил својот поетски талент и смисла за музикалноста на песната: со голем успех го сочува ритмот на оригиналните песни.

Прегледот на словенечките преводи на поезијата на Ацо Шопов од Иван Минати, Северин Шали и Јоже Шмит покажал дека преведувачите одлично ја разбрале поетиката на Шопов и дека успеале соодветно да го трансформираат неговиот сублимен израз и на тој начин да ѝ ја приближат поезијата на еден од најзначајните македонски поети на словенечката публика.
______________________________
¹ Додадени се два циклуса: „Оčі“, со песните. „Ljubezen“, „Oči“, „Sanjarjenje ob bregu jezera“, и циклусот „Razgovor s sinom“, со песните: „Sanje, ki ne bodo umrle“, „Trepet“, „Ne ljubi me“, „Življenju naproti“ [Љубов, Очи, Мечтаење крај брегот на езерото, За мечта што нема да загине, Разговор со синот, Трепет, Не љуби ме, Во пресрет на животот].
² Неизменети, повторно објавени преводи на Минати се: „Oči“, „V tisini“, „Iščem svoj glas“, „Lov na jezeru“. [Oчи, Во тишина, Го барам својот глас, Лов на езеро] ³ Промена е минимална, во 7. стих наместо „galeb moj, jaz nimam oči” се јавува уште еден збор: „galeb moj, jaz nimam več oči”.
⁴ Минати за антологијата Pesmi го променил првиот превод на песната „Ах таа убавина“. Го променил насловот, од „О, kakšna radost“ во „О, ta lepota“ и првите два стиха: „О, kakšna radost, kolikšna slast / to burnо v krvi prelivanje.” во: „O, kakšna lepota, kolikšna slast / to burno krvi prelivanje.” Bo првиот превод именката “убавина’ Минати не ја преведува со семантички соодветен словенечки збор ‘lepota’, туку ја заменува со именката ‘radost’, со што попрецизно ја илустрира (да не речеме толкува) атмосферата на песната: зборот ‘radost’ овде го зголемува восхитот, возбудата, односно еуфоријата на лирскиот субјект.
⁵ Попрецизна анализа на рецепцијата на поезијата на Ацо Шопов кај словенечката публика во статијата на Ирена Новак-Попов: Современата македонска поезија во словенечките преводи, во Македонско-словенечки научен собир, Охриф, 22-23 август 1997. Скопје, Филилошки факултет „Блаже Конески”, 2000, 261–286.
⁶ Ирена Новак Попов констатира дека преводот на песната „Очи“ од Фатур е коректен односно соодветен со оригиналот, но авторката посочува и на изгубениот ритам во третата строфа, додека за преводот на Минати таа констатира дека се работи за креативен препев и дека Минати со успех трансформирал ритмично-еуфонично и реторично ниво.
⁷ До слични заклучоци дошол и М. Брезовар, кој кажал дека Минати надополнува едноставен и концизен израз на Шопов: Irena Novak Popov (2000: 265).
⁸ Во антологијата од Минаги се преведени уште следниве песни: „Раѓање на зборот“ („Rojstvo besede“). „Последна молитва на моето тело“ („Poslednja prošnja mojеgа tеlеѕа“), „Ветрот носи убаво време“ („Veter nosi lepo vreme“), „Ноќ на езерото кај манастирот“ (Noč ob samostanu nad jezerom), „Повлекување на огнот“ („Tleči ogenj“), „Долго живеам на ова место“ („Dolgo živim v tem kraju“), „Лузна“ („Brazgotina“), „Небиднина“ („Brezupnost“), и „Песната и годините“ („Pesem in leta“).
______________________________

* Намита Субиото: Поезијата на Ацо Шопов во Словенија,  во актите на XXX Научна конференција на XXXVI меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура (Охрид, 11-13 август 2003 г.). – Скопје : Универзитет “Св. Кирил и Методиј”, Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, 2004, стр. 585-592. Тексот е објавен и во Современост,  бр. 1, во 2003 година.

** NOVAK-POPOV, Irena: Sodobna makedonska poezija v slovenskih prevodih. Nada Petkovska in Aleksandar Spasov (ur.): Makedonsko-slovenečki naučen sobir (jazičnite, literaturnite i kulturnite relacii megju Makedonija i Slovenija, Ohrid, 22.–23. avgust 1997). Skopje: Filološka fakulteta Blaže Koneski, 2000, 261–286.
ŽAVCER, Liljana: Prevodi povojne makedonske poezije v slovenski jezik. Nada Petkovska in Aleksandar Spasov (ur.): Makedonsko-slovenečki naučen sobir (jazičnite, literaturnite i kulturnite relacii megju Makedonija i Slovenija, Ohrid, 22.–23. avgust 1997). Skopje: Filološka fakulteta Blaže Koneski, 2000, 193–200.

Поднасловите се од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов