Поетиките на Ацо Шопов и Михаил Ренџов*

Виолета Мартиновска

Поетите Ацо Шопов (лево) и Михаил Ренџов (десно) во атељето на скулптотот Боро Митриќески (во позадина), околу 1976 година.

Ацо Шопов е еден од најзначајните поети на интимизмот во современата македонска поезија. Според Георги Старделов поезијата на Ацо Шопов може да се подели во две фази**. Првата фаза го опфаќа периодот на творење од 1944−1955 година, а нејзина одлика е социјалната лиричност со исповеден тон, а втората фаза го опфаќа периодот од 1955−1983 година и се однесува на егзистенцијална лирика од рефлексивен вид.

Поезијата на Ацо Шопов е поезија на тишината, осаменоста, интимата, небиднината, црното сонце.

Првата поетска фаза ги опфаќа посланијата: Песни, Со наши раце, На Грамос. Мотивот на народноослободителната борба е агенсот на поетот. Сѐ e восхит од победата, визија за иднината. Уште со своите први објави Шопов се најавува како поет на длабока рефлексивност. Пеејќи за општонационалниот подвиг, тој суптилно внесува интимистички креации во поезијата. Првата песна од првото послание Песни е именувана „Борба“, а пишувана е во партизани. Таа е екскламативен повик за војување против непријателот. Антологиската песна „Очи“ е една од единаесетте песни од посланието Со наши раце. „Очи“ е напишана со доживеан баладичен тон, ламент над загинатата содругарка во борбата чиј вечен спомен е врамен во песна. Песната „Очи“ заедно со песната „Љубов“ се најуспешните поетски репрезенти на поезијата од НОБ.

Поемата „На Грамос“ го продолжува поетското темпо на јунаштвото, и трагичноста на војната. Егејската тема е предадена со изразити чувства и топла сочувствителност. Обновата на земјата и љубовта се поетските визии кои ја креираат поубавата утрешнина. Надворешниот свет се поврзува со сопствената, лична состојба и идентификување со општото страдање на луѓето од егејскиот дел на Македонија.

Лирско-исповедниот фон е присутен во Шоповата втора поетска фаза. Стихови за маката и радоста го предизвикуваат вниманието на тогашната актуелна критичарска мисла и нивното мислење е поделено: едни се за интимноста во поезијата, а други против неа. Страдањето, болките, тагите најизразно можат да се пренесат преку интимистичките тонови. А тоа Шопов смело го направил.

Песната „Во тишина“ од стихозбирката Слеј се со тишината е лирска минијатура која останува најпрепознатлив белег на Шоповата поезија воопшто:

Ако носиш нешто неизречено
нешто што те притиска и пече
закопај го во длабока тишина
тишината сама ќе го рече.

Тишината, убавината и болката се стожерните оски во посланието. Тишината кај овој поет е широко распространета со целата нејзина (не)спокојност и медитативност. Всушност, топосот тишина кај Шопов е генеративно жариште oд кое еманира висока асоцијативност. Шоповата тишина е поинаква и поразлична од преостанатите. Таа е говор-тишина, тишина-говор. Молкот е априорно милје за творечко создавање. Чудна и парадоксална дијалектика на уметноста. Молкот се поврзува со осаменоста, осаменоста со тишината, а тишината со медитацијата. Тишината е катарзисна состојба. Лирската медитација на Шопов не е апстрактно метафизичка, туку досеглива и прифатлива. Опозитните релации: збор-тишина, дрво-пепел, живот-смрт, космос-хаос, оган-вода се симболи на дијалектика низ која се движи поетот. Оваа антиномија ја дефинира поетиката на Шопов. Естетиката на молкот е тема за поетско промислување.

Небиднина донесува новина во времето на нејзиното објавување. Единаесетте „Молитви на телото“ најавуваат чист лиричар:

Телото мое те моли:
Пронајди збор од кој
– штом со крик ќе се рече –
несвесно крвта почнува да боли,
крвта што бара корито да тече.
За таков збор телото мое те моли.
(„Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“)

Молитвите на Шопов внесуваат нова свежина и нов лирско-интимен тон во современата македонска поезија. Љубовта во нејзината поетизација е суптилно испеана, рафинирана и допадлива.

Репрезентативната песна „Раѓање на зборот“ ја потврдува потребата на авторот да биде во постојана потрага по вистинскиот збор:

Зборот се двои од темнина
(…)
да изгорам во јагленот на зборот,
да се стопам.

Симболиката на небиднината е повеќезначна: проклетија, непостоење, небитие, ништожност. Во врска со темата на небиднината Шопов вели: „Небиднината ја сфаќам како остварување низ неоствареност“.

Небиднина крие во себе митски архетипови на иницијација и поетско посветување. Но, и симбиоза на философско-еротска и рефлексивна симболика. Освен „Молитви на моето тело“, Небиднина ги содржи и циклусите: „Купувачи на старо“ и „Песната и годините“.

Гледач во пепелта ги содржи разделите: „Долго доаѓање на огнот“ и „Гледач во пепелта“. Трагизмот има философска и естетска структура во поезијата на Шопов. Песната „Тажачка од онаа страна на животот“ е апотеоза на медитативноста:

Се искачив над врвот од болот.
Човек сум. А што е човек?
Од онаа страна на животот
од онаа страна на себе си…

Огнот е поврзан со црното сонце. Оган − пепел − небиднина − црно сонце е релацијата на поетската космогонија. Овие хтонски елементи се поврзани со соларниот симбол, светлината кон која тежнее лирскиот субјект. Хераклитовото вечно палење и вечниот оган на нештата е циклус кој е неуништлив. Оттука, чадот и ветерот се хтонски призраци и носители на темни пораки. Молкот на огнот е застрашувачки:

А огнот молчи. Црн. Потемнет. Земјан.
Молчи огнот со исушен пламен
Молчи огнот под бучава тмурна…
(„Повлекување на огнот“)

Космогониските елементи: воздух, вода, оган и земја се присутни и во „Молитвите“. Пепелта е праелемент на уништувањето и обновата. Од неа се раѓа нов живот.

Песната за Шопов е вечно откривање, вечна мистична таинственост.

Песна на црната жена наговестува егзотично-еротска опстојба. Според Марио Прац егзотично-еротските идели се слеани. Разоткривањето на Африка и убавината на црната жена се компарирани со родното поднебје. Оваа компарација е правена со слух за несекојдневното, необичното. Збратимени се Штип и Жоал.

Женската убавина никогаш докрај не е осознаена, но црната жена нуди провокативна мистичност за разоткривање. Африка со сите свои необичности, начин на живот поблизок до природата има поголеми можности да нѐ „хармонизира“ и врати кон древните егзистенцијални осмислувања.

На звукот на там-тамот ретко се останува рамнодушен:

Там-тамот ти е во крвта,
крвта е в тебе,
а ти — во целата земја…
Телото твое неуморен ритам,
крвоток на океанот…
(„Песна на сињарката“)

Шоповите африкански теми − баобабот, фламбоајаните, ивернажот − се импресивно испишани од авторот. Во суштината на црнечкиот сензибилитет е животната радост и љубовта. Овие носечки столбови го градат црнечкиот светоглед. Природната, чиста љубов за животот е непоматена, за разлика од фрустрациите и комплексите на „модерниот“ човек кој се оддалечува од себеси.

Во Африка речиси сѐ може да се поврзе со егзотичното и мистичното. За поетот Африка не е патепис, ниту новинарски бележник, туку раритетна и автентична универзалност. Поврзани се световите на различните цивилизации преку поетовата мисловна емотивност.

Темата на телото е присутна во Дрво на ридот. Сликата на осамено дрво на ридот е поетски амбиент. Присуството на болното тело кое треба да оздравува ги минува своите „искушенија“ низ лавиринтите на страдањето и болките:

Од тешка болест телото ми е закоравено
и на врв планина само да чамее оставено…
(„Од најстара и најчиста сончевина“)

Тишината и осаменоста се присутни како континуирани теми во поетскиот опус на Шопов и повторно, истите се мотив за „пресврт“ во песните. Импулсивните ноти се воочливи и препознатливи во пеењето.

Дрво на ридот е најблиску до Гледач во пепелта. Гледачот го согледува унивезумот низ пепелта, а болниот низ своето сопствено тело.

Во воведната песна поетот екскламира:

Сега ние си одиме, а дрвото опстојува и останува.
(„Дрво на ридот“)

Смртта наспрема траењето се поларитетни релации за поетски дилеми. Во ова послание поетот внесува автобиографски моменти со медитативна интонација:

Од тешка болест телото ми е закоравено
и на врв планина само да чамее оставено…
(„Од најстара и најчиста сончевина“)

Симболот на телото се движи од хтонска кон соларна димензија поистоветувајќи се со симболот на дрвото. Телото и дрвото се осамени и препуштени на ветровите, но ги „спасуваат“ спомените од кои сепак, по малку оживуваат.

Метафорите, аналогиите, компарациите, метонимиите, симболите се белег на поетскиот дискурс на Шопов. Со нив тој го гради својот свет и својот израз. Лапидарноста на формите е рефлексија на животното искуство, философското поимање на светот и човекот во него, доживеаноста на нештата.

Поетиката на Шопов е изградена врз социјални, интимни, лирски, рефлексивни, контемплативни, егзистенцијални, асоцијативи, иницијациски темели.

Поезијата на Михаил Ренџов е потрага по лапидарен, звучен израз, во кој едноставноста ѝ се доближува на искреноста на пеењето. Богататата рефлексивност е поврзана со повеќеслојната симболичност на стиховите. Звукот има суштинско значење во ова поетско писмо. Тој значи, но и зрачи, истовремено. Во песната „Тоа што нема да го речам“¹ се вели:

Тоа што нема да го речам
Звук е гол на бакарна труба
Глас е искрив од полудени бои…

Поетот трага по совршена песна во која ќе немее, ќе говори без зборови. Оваа потрага најуспешно е аплицирана во посланието Псалми во кое зборовите немеат, а создаваат громогласен звук. Тоа е величината на поезијата, да сугерира, со наметлива сугестивност:

Упати ме
Во мудроста
Совршено
Да пеам:
Кога
Немеам².

Во првата поетска фаза поетот е опседнат од мотивите на ноќта и огнот. Овие лајтмотиви егзистираат и во неговите подоцнежни посланија, што говори за тоа дека опсесивноста од темите не се исцрпува брзо. Во прилог на ова сознание ги цитираме стиховите кои тоа го оправдуваат:

Ноќното небо е налик на далечно патување…
Ноќните морнари го крадат…
Како секој ноќен патник…
Во ноќна градина од ноќни пеcоци…
И две ноќни птици да ме одречат…
Ноќта црна си ја заменив…
Ноќен пат со ноќни билки…
Ноќта со ден да му се оплоди…
Ме претвора во црн иселеник на огинот
Со шумски огин тpгнувам…
Тој огон и дождови…
Од огон погрд сум…
Како оган в грло…
Огон во главата и нож врел…
Тајни огнови во крвта ми тлеат…
Убавото е огон очи што ти гори…

Молкот, болката и тагата се мотиви кои се надоврзуваат на претходните. Со нив поетот е посигурен и поблиску до „себеси“. Болката е света и затоа ѝ достоинствува величественост:

Да си ја сакаш болката
Божествено е.³

Болката е алфа и омега во поетскиот свет на Ренџов. Без неа е невозможна поетска дијалектика:

Од болот треба да се почне
До првиот бол во песната.⁴

Значи, според авторот пишувањето поезија не е лежерност и сладосно уживање, туку долг, макотрпен, бавен процес на „издишување“ и творење.

Топонимот Нерези и манастирот Св.Пантелејмон (XII век) восхитително се опеани од авторот. Драматизмот на светипантелејмоновите фрески е присутен во антологиската песна „Симнување од крстот (Фреска)“:

Кога го симнуваа −
Плачеа.
Крстот на птица му заличи
Од раните мирта му течеше
Ангели му слетуваа
Бел босилек му цутеше.⁵

Посланието Нерези содржи стихови кои тематски се повразани со него. Всушност, целото послание е единствена и компактна целина, циклус инспириран од мистиката, убавината на пределот. Авторот како жител на ова скопско горно-нерешко подрачје му се оддложува со своите стихови:

Заборавени бои и мистрии
Заборавени ангели-мајстори
Заборавени кули и чардаци
Заборавени ѕвонци и конаци
Заборавено време…⁶

Молкот е спокојно разлеан во стиховите. Неговата тежест е поднослива и присутна како услов за ослушнување на нештата:

Едноставно: треба да се дише
И да се молчи.
Премногу реков за животот и за стравот.
И премногу тажев.⁷

Стиховите во Нерези се лирски прочистени, рефлексивни и сублиматни. Оваа своја поетска постапка авторот доследно ја применува и во следните свои посланија.

Поетското обраќање е белег на поетскиот ракопис на Ренџов. Тоа докажува дека авторот се внесува во/со темата и таквата доживеаност е видливо присутна. Поезијата на Ренџов е длабоко доживеана во лавиринтите на поетовата душа.

Патот кон духовната светлина е категоричен став на поетот. И во ноќта, и во темнината тој го пронаоѓа нејзиното присуство. Светлината со своите вечни перспективи е неуништлива. Го менува својот облик и својата форма, но не и сопствената нераспадлива суштина.

Речиси и не постои автор во современата македонска поезија кој не ги загатнал мотивите на светлината и темнината. Тие се поетски нуклеусни теми кои концентрично се движат низ стиховите.

Божествената дијалектика на животот, апсурдите, парадоксите, се присутни во поезијата на Михаил Ренџов. Тој е галежлив кон одредени теми, но и сурово жесток кон други. Значи, афективноста на изразот е услов, но и последица на неговиот иманентен говор.

Апофтегматичноста го згуснува лирскиот пев и се доближува кон онтолошката тежина на зборот. Религиозните примеси провејуваат низ стиховите, но својата доминантна, екплицитна форма ја доживуваат во Псалми и Апокалипса.

Псамите се восклик на псалтот кој од поетската говорница упатува псалми и молитви за целото човештво:

Благо
Слови−
Слово
Благо,
Сердцу драго
Лач за врагот
Оче мој.⁸

Ренџовските псалми не се парадигматични со старозаветните Давидови псалми. Напротив. Тие се автохтони, според својата изразност и препознатливи истовремено, според авторството. Оваа религиозна фаза на авторот е логична последица на неговото претходно творештво и во овие две посланија вдахновеното, сакрално-религиозното обраќање е кулминација на авторовото животно искуство. Епифанијата е единствено кадарна да ја смести во себе потребата за совршена чистота и искристализиран, чист говор.

Поетските обраќања се вокативни и императивни форми кои ја остваруваат потребата од присност со Апсолутот:

Милостив Боже
За извесно време
Избери друг народ
Уморни сме веќе од смртти
Немаме веќе молитви…⁹

Неговата величествена и колосална димензија е сместена во човечка релација како доказ за важноста на (не)ефемерноста на човекот. Човекот излегува од својот микрокосмос и се стопува во големиот макрокосмос во кој царува хармонијата.

Поетскиот исказ е прочистен од непотребниот баласт на празнословие и бројот на словата е сведен на минимум. Таквата лапидарност овозможува широка и богата асоцијативност.

Во Псалмите има моливени обраќања, благодарници за целото човештво, но и опомена за следната човекова фаза, судниот ден. Современата македонска поезија со Ренџовските Псалми ја достигнува полнотата на религиозниот поетски израз. Псалтот Ренџов му се обраќа на Апсолутот дијалогизирајќи со него за човечките слабости и несовршености, болки и страдања, очаи и папсаности, но и за божествената милост, огромното човекољубие, божествената сеопфатност. Архаизмите и црковномакедонизмите се соодветни на библиската тематика. Псалмите се трактат за божјата човековата релација, божјиот благослов и човековото проклетство, уметничката дарба и прозаичноста, вистината и привидението, радоста и тагата, вечноста и ефемерноста, светлината и темнината. Тие се благодарност за сите нешта дарувани на човекот од Создателот:

Сполај Ти за Убавото:
Убавото што го кажувам,
Убавото што го немеам,
Убавото што го боледувам,
Најубавото: Вознесувањето.¹⁰

Во песната „Тие“ резимира:

Не знам само
Дали Господ
Благослови
Или
Проколна?¹¹

Во Псалмите се пее со јадровита, згусната прегнантост, а притоа изразот има јасна и оформена поетска слика. Драматизмот на библиските настани е прелеан во стиховите од кои еманира жестока драматичност, но и тивка спокојност. Оваа поетска мајсторија е резултат на долгогодишносто „бдеење“ над стиховите, ослушнување на сопствениот иманентен глас, поклонение пред верата, традицијата, и особено, поради искреното родољубие.

Апокалипса е тематско продолжение на Псалмите. Четирите јавачи ја најавуваат апокалипсата преку смртта, болеста, војната, гладот. Новозаветното Јованово Откровение е последна опомена до човештвото за судниот ден. Апокалиптичните симболи се активираат и неизвесноста започнува да го отчукува своето време:

Скакулци − коњи
Аждаја
Седмоглава,
Страшноока…
Во галоп
Четири коњи
Четири сенки
Четири сенки
Црно сонце
од скакулци…
Огнен ветер
Лета
Ѕвезда
Опашеста…¹²

Сè е во кулминациона полнотија и набабрено очекување на божествената Промисла. Оваа поема татни од последните „знаци на времето“, а стравот и ужасот се во кулминација. Поетската порака е луцидна:

Пеколот
Не е долу,
Пеколот е
Во нас
Тука.¹³

Целото послание е натопено со апокалиптични знаци, слики и симболи кои го најавуваат судниот ден: четирите коњи, седумте огнови, седумте чаши, печатите.

Пневматолошко-сотириолошката енергија го прави овој пев препознатлив, со убедливост на кажувањето и со стожерна верба дека човекот и покрај својата профаност, сепак е сакрално делче во божествената промисла. Делот посветен на епифанијата тоа несомнено го потврдува.

Љубовта кон сопствената земја е присутна во целокупното творештво на авторот. Патриотизмот не е екскламативна категорија, туку стожерна крепост. Без исклучок, во сите негови посланија има стихови кои се посветени на сопствената земја, сопствените корени, ненаметливо, внимателно и со одмерена суптилност. Со поетскиот возглас авторот како да се „плаши“ од обезличување кога се работи за неговата љубена и света, божествена и чудесна татковина. Свето е сè што постои во неа: флората и фауната, сите непрегледни планински масиви, миризливи и обични цвеќенца, бистри реки, пресушени речни корита.

Дел од овој долгогодишен восхит авторот реализира во посланието Врвот Реката Морето. Насловот асоцира на обединувањето на Македонија со сите нејзини (три) делови.

Поетовиот восхит е неизмерен. Неговата граница е бесконечноста:

Да си ја сакаш земјата
И над земјата светлината −
Божевно е.¹⁴

Темата на другоста, второто јас, алтер его е вообичаена појава во поезијата. Но, оваа тема е вешто аплицирана од авторот. Личните конвулзии, харибди се неизбежни во процесот на поетството, бидејќи додека авторот експлицитно е спокоен, неговото алтер его, неспокојно се бунтува во поетовата иманентност.

Овој мотив присутен е во поемата „Тој“ и „Јас Оксиморон“. Противречностите немаат само поетска природа, туку космичка и дијалектичка. Без нив е невозможно поимањето на дијалектиката. Во песната „Тие“ порачува:

Јас или Toj −
Исто:
Јас го кревам моливот
Тој ја подава хартијата
Јас пишувам: Тој
Тој издишува: Јас.¹⁵

Поетскиот израз на Михаил Ренџов е креативно-специфичен, препознатлив, синтетичен и асоцијативен. Познатата сентенца на зборовите да им биде тесно, а на мислите широко е применета во оваа поезија.

Овие специфики го збогатуваат македонското поетското милје со нови пораки, истражувања и убеденост дека вербата последна заминува. А нејзе, за среќа, ја има доволно.

Звучноста е незаобиколна карактеристика на ова писмо. Звукот има чиста продорност и какофонијата отсуствува. Алитерациите се компактно слеани со звучноста која на оваа поезија и даваат особена препознатливост.

Употребените рими, симплификации ја дообјаснуваат постската слика. А неа, читателот самостојно ја доживува, восприема и толкува. Сето тоа го прави, бидејќи песните со нивното објавување престануваат да бидат „сопственост“ на авторот и стануваат  „сопственост“ на читателот. Овој трансфер е можен токму во нејзиното височество, уметноста. Парономазијата е стилска определба на овој поетски дискурс.

Свесен за поетскиот долг авторот гордо ја чекори поетската мисија:

Сврти се и биди среќен
Во песна штом се затвораш
Во книга штом се заклучуваш…¹⁶

Зборовите болат, исцелуваат, заштитуваат. Нивната волшебност е моќна и неуништлива. А токму преку зборот како средишно величие во микрокосмост на човекот и во макрокосмосот на универзумот ги прават поетите Шопов и Ренџов универзални и колосални.

_______________________

1) Михаил Ренџов, Збор и бол, Мисла, Скопје, 1969, стр. 60.
2) Михаил Ренџов, Псалми, Табернакул, Скопје, 2000, стр. 36.
3) Исто, стр. 56.
4) 3бор… стр.92.
5) Михаил Ренџов, Нерези, Мисла, Струга, 1982, стр.21.
6) Исто, стр. 8.
7) Исто, стр. 54.
8) Псалми. стр. 1.
9) Исто… стр.95.
10) Исто, стр.28.
11) Нерези…стр. 77.
12) Михаил Ренџов, Апокалипса, Блесок, 2002, стр.20, 23, 41.
13) Исто, стр. 37.
14) Псалми… стр. 56.
15) Јас Оксиморон… стр. 17.
16) Исто, стр. 76.
___________________________
* Текстот е објавен во Современост, 2003, год. 52, бр. 1, стр. 96-104

** Зависно од текстовите, Старделов го дели творештвото на Шопов во две или три фази.