Избор од поезијата на Шопов на летонски јазик*

Александар К. Нејман

Aco Šopov: Uguns-Milestiba. Dzeja. (Sakartojis Aleksandrs Romanenko. No makedoniešu valodas atzejojis Knuts Skujenieks. Makslinies Aleksejs Lipins).
Riga. Izdevnieciba „Liesma“. 1974. 160. 103 pag. Metiens 8.000 eks.

Во издание на издавачкото претпријатие „Лиесма“ од Рига неодамна излезе од печат, на летонски јазик, избор од поезијата на македонскиот поет Ацо Шопов под наслов Љубовта на огнот Избор, според истоимената песна во неговата стихозбирка Гледач во пепелта (1970).

Песните ги препеја на летонски јазик поетот Кнутс Скујениекс, осведочен пријател на југословенските литератури и народи, преведувач на нашата народна поезија и на нашите современи поети. (Особено внимание привлекоа неговите препеви на книгите од Отон Жупанчич Стихови (Рига, „Лиесма“, 1971) и од Десанка Максимовиќ Барам помилување („Лиесма“, 1972).

Книгата се појави во извонредно чиста и убава графичка опрема (нацрт на корицата од ликовниот уметник Алексеј Липинс), а во тираж од 8.000 примероци.

Инаку, ова книгоиздателство, освен стихозбирките од О. Жупанчич, Д. Максимовиќ и А. Шопов, од областа на југословенските литератури ги издаде уште и книгите од Јожа Хорват Ни сон, ни јаве (во превод на Андрис Савицкис, 1972), Ахмет Хромациќ Скаменети волци (во превод на Е. Јухневич, 1972), Мирослав Крлежа Враќањето на Филип Латиновиќ (во превод на Виеcтyрс Грантс, 1972) и Меша Селимовиќ Дервиш и смрт (во превод на X. Вејдеманис, 1974).

Овој избор всушност претставува извесен пресек низ поетскиот опус на авторот на „Партизанска пролет“, „Очи“ и „Небиднина“, особено што се однесува на неговото поново творештво, сметано од 1955 заклучно 1970 година, со исклучок на песната „Очи“ (1950), која е дадена во уводниот дел на стихозбиркава и фигурира самостојно. Така, во ова издание, освен веќе посочената, се вклучени уште 70 песни од 4 негови стихозбирки и тоа: Слеј се со тишината 1955 („Убавината“, „Во тишина“, „Промената“, „Ах таа убавина“, „Младост“, „Го барам својот глас“, „Кон галебот што кружи над мојата глава“, „Јас и мојот пријател“, „Hoќта“, „Лист“, „Штрк“, „Облак“, „На езеро“, „Залажување“, „Лов на езеро“, „Обична улица“), Ветрот носи убаво време, 1957 („Прелудиум“, „Бела тага на изворот“, „Утеха“, „Чудак“, „Добра ноќ“, „Илузија“, „Љубов“, „Песна“, „Допри се полека до моето рамо“, „Кажи ми Небо“, „Во секој град“, „Будење“, „Добро утро летање“, „Треба да бидеме подобри“, „Ветрот носи убаво време“) Небиднина, 1963 (,,Paѓaње на зборот“, „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“, „Втора молитва на моето тело“, „Трета молитва на моето тело“, „Четврта молитва на моето тело“, „Петта молитва на моето тело“, „Шеста молитва на моето тело“. „Седма молитва на моето тело“, „Осма молитва на моето тело, или кој ќе ја смисли таа љубов“, „Деветта молитва на моето тело“, „Десетта молитва на моето тело“, „Последна молитва на моето тело“, „Старо купувам“, „Лузна“, „Долго живеам на ова место“, „Има долу една крв“, „Квечерина“, „Очај пред тврдината“, „Небиднина“ и „Песната и годините“) и Гледач во пепелта, 1970 („Грозомор“, „Август“, „Повлекување на огнот“, „Златен круг на времето“. „Езеро“, „Љубовта на огнот“, „Ноќта на огнот“, „Езеро крај манастирот“, „Ноќ на езерото крај манастирот“, „Долго доаѓање на огнот“, „Тажачка од онаа страна на животот“, „Ако ти недостасува светлина“, „Невреме“, „Ноќен извор“, „Гледач во пепелта“, „Црно сонце“, „Пак црно сонце“ и „И уште еднаш црно сонце“).

Песните се распределени во 4 циклуси и тоа: „Слеј се со тишината“, „Ветрот носи убаво време“, „Небиднина“ и „Ноќта на огнот“, така што нивната презентација е предадена креативно, хеуристички систематизирана што на одреден начин пружа можност за согледување на поетското зреење на авторот.

Изборот го изврши и го проследи со предговор познатиот руски писател и преведувач Александар Романенко, автор на изборот и на предговорот и на издадениот на руски јазик избор од поезијата на Ацо Шопов под наслов Ветрот носи убаво време (Москва, „Прогрес“, 1964), како и на повеќе зборници и антологии на југословенските литератури издадени на јазиците на народите во Советскиот Сојуз и на преводи на руски јазик на дела од Иво Андриќ, Михаило Лалиќ, Меша Селимовиќ и на многу други југословенски писатели.

Во предговорот под наслов „За Ацо Шопов и неговата поезија“, мошне студиозен и топол, Александар Романенко со упатеност и познавање го прикажува интересниот портрет на проминентниот македонски поет. Тој му дава мошне висока оценка на делото на Шопов, особено подвлекувајќи го неговото значење во македонската национална култура и самобитност.

Напорот на Кнуте Скујениекс што поадекватно да ги пренесе оригиналите на јазикот на Јурис Алунан, Јан Paјнис, Аспазија и Јан Судрабкалн, не се исцрпува само во коректноста во задржувањето на содржинската смисла. Забележителни се неговите стремежи да ги сочува, колку се може повеќе, исите формални, експресивни особености на оригиналот.

Стихозбирката од Ацо Шопов Љубовта на огнот на летонски јазик е втора негова книга издадена во Советскиот сојуз, а седма на друг јазик по книгите избори Слеј се со тишината (на словенечки јазик, во препев на Иван Минати: Љубљана, 1957), Ветрот носи убаво време (на руски јазик, во препев на група истакнати поети; Москва, 1964), Тој вечно што чека (на унгарски јазик, во препев на Ференц Фехер; Нови Сад, 1964), Предвечерје (на српскохрватски јазик, во препев на Сретен Перовиќ; Титоград, 1966), Зелен гостин. Од новата македонска поезија (на чешки јазик, заедно со С. Јаневски, Г. Тодоровски и Р. Павловски, во препев на Пандо Колевски и Антонин Броусек; Прага, 1969) и Песни (на српскохрватски јазик, во препев на Сретен Перовиќ и Цвета Котевска; Белград, 1974).

Последната книга во издание на „Народна књига“, во рамките на второто коло на веќе реномираната едиција „Наши видици“, што ја уредува Цвета Котевска, се појави заедно со стихозбирките на Блаже Конески, Славко Јаневски, Матеја Матевски, Радован Павловски и Јован Котевски, како и со тие на словенечките поети Едвард Коцбек, Кајетан Кович, Вено Тауфер, Грегор Стрниша, Дане Зајц и Томаж Шаламун.

Во печат се наоѓа и избор од поезијата на Ацо Шопов на словенечки јазик (втора негова книга на овој јазик), во препев на Иван Минати, што ќе се појави заедно со стиховите од Блаже Конески, Анте Поповски и Јован Котески, а во едицијата „Наша беседа“ на книгоиздателството „Младинска књига“ од Љубљана.

Во странство Ацо Шопов е застапуван во антологиите на Илја Голенишчев − Кутузов Поетите на Југославија (на руски јазик, Москва, 1957), Освалдо Раму Современа југословенска поезија (на италијански јазик; Падова, 1959), Танасие Младеновиќ, Новак Симиќ и Драго Шега Југословенска лирика (на полски јазик, Варшава, 1960), Борис Слуцки Поетите на Југославија во XIX-XX век (на руски јазик, Москва, 1963), Херберт Гочалк Современа јуословенска лирика (на германски јазик, Гитерслоу, 1964), Јанко Лаврин Антологија на современата југословенска поезија (на англиски јазик, Лондон, 1964), Евгениј Винокуров Ние од XX век. Стихови од другарите (на руски јазик, Москва, 1965), Џакомо Скоти Антологија на македонската поезија (на италијански јазик, Сиена, 1965), Цирил Злобец, Славко Михалиќ и Александар Спасов Нова југословенска поезија (на италијански јазик, Парма, 1966), Ирена Венигова и Душан Карпатски Снимци на пејсажите на поезијата. Мал избор од југословенските поети од XX век (на чешки јазик, Прага, 1966), Илхан Берк Светска поезија. Од најстарите времиња до денес (на турски јазик, Истанбул, 1969 и Анкара, 1974), Золтан Чука Раѓањето на зборот. Современи македонски поети (на унгарски јазик, Будимпешта, 1969), Неџати Зекерија Десет македонски поети (на турски јазик, Истанбул, 1971), Милан Ѓурчинов Македонска поезија. Антологија (на француски јазик, Париз, 1972), Золтан Чука Ѕвезден прав. Антологија на југословенската лирика (на унгарски јазик, Будимпешта, 1972), Бранко Микашиновиќ, Драган Миливоевиќ и Васа Д. Михаиловиќ Увод во југословенската литература. Антологија на проза и поезија (на англиски јазик, Њујорк, 1973), Ѓерѓ Бачки Каде со оние мориња. Денешни југословенски поети (на унгарски јазик, Букурешт, 1974), Петре Наковски и Зигмунт Стоберски Стихови од Охрид. Антологија на македонската поезија од XX век (на полски јазик, Краков, 1974), Алија Дукановиќ Југословени (на полски јазик, „Поезија“, бр. 2, 1975) и Ина Јун-Брода Крилест камен. Песни на современи поети од Југославија (на германски јазик, Виена-Минхен, 1976).

Поодделни песни од Ацо Шопов се објавувани и во низа периодични публикации на албански, арапски, бугарски, романски, словачки, украински и шпански јазик.

Според тоа, поезијата од Ацо Шопов досега е преведувана на албански, англиски, арапски, бугарски, германски, италијански, летонски, полски, романски, руски, словачки, српскохрватски, турски, украински, унгарски, француски, чешки и шпански јазик. Значи, на вкупно 19 јазици.
________________

*Текстот е објавен во Современост, бр. 1-2, 1978, стр. 135-138