Маргиналии за чешките преводи на Ацо Шопов*

Бранка Кубеш

Ако ја прифатиме основната мисла дека поезијата го искажува непосредно за духот самиот дух со сите негови концепции на фантазијата и умеењето со помош на јазикот во кој, всушност, се еманира духот на цел еден народ како најчувствителен, најкомпактен и најсовршен негов израз, тогаш е јасно зошто токму поетскиот збор прв го пронаоѓа патот до духот на друг народ, прв ги воспоставува врските и ги прави првите чекори во зближувањето на народите. Зашто, неоспорна е вистина дека еден народ живее и ќе живее додека живее неговиот поетски збор.

Дека националното битие на еден народ живее пред сè во неговиот јазик, а поетската реч е врвен дострел на јазикот, тогаш не е необично што Шопов се нурнува со сите свои сетива во откривањето на тајната и смислата на поетскиот збор. Свесен за историската задача што ја имаа поетите од неговата генерација и тој самиот, Шопов ги вгради своите творби во темелот на камената тврдина на националниот дух на нашиот народ, па затоа и поетскиот збор на Шопов бргу го најде својот пат како најсублимиран израз на македонскиот национален дух, до другојазични средини, и стана една од првите вериги во поврзувањето на нашиот народ со другите народи.

Одличен пример за влијанието и силата што ја има поезијата на поврзувањето меѓу народите се и преводите на песните на Шопов на чешки јазик. Запознавањето на чешката културна јавност со творештвото на југословенските, посебно на македонските автори се врши преку користење на најразлични средства, од културните рубрики на дневните весници Руде право и Ровност, преку страниците на културните неделници Творба и нејзиниот додаток за уметноста „Кмен“, преку ревиите посветени исклучиво на литературно творештво, Свјетова литература и Литерарни мјесичник, сѐ до антологиски избори и самостојни авторски книги.

Освен одделни песни од повеќе наши поети печатени во различни списанија, од Шопов, на пример, Културна творба уште во далечната 1966 година (13 октомври) ја објави песната „Лузна“ заедно со „Песната што треба да ја напишам“ од Гане Тодоровски и „Дрво во долот“ од Матеја Матевски, позначајно претставување на македонското поетско творештво е застапувањето во антологијата на современата југословенска поезија од XX век Слики од земјата на поезијата (1965) во која со по една песна се застапени Б. Конески, Сл. Јаневски, А. Шопов, Г. Тодоровски и М. Матевски, во превод на Лудјек Кубишта.

Особен настан за чешката културна јавност беше претставувањето на четворица македонски поети во книгата Зелен гостин (Zeleny Host) што во 1968 година ја објави „Млада фронта“. Во оваа книга особено место зазема поетскиот ракопис на Ацо Шопов претставен со 20 песни во превод на Пандо Колевски, со јазична соработка на Антонин Броусек. Покрај стиховите на Гане Тодоровски, Радован Павловски и Славко Јаневски ќе блеснат на чешки јазик и првите поцелосни и поамбициозни преводи и на стиховите на Шопов и ќе го почнат својот живот на друг јазик песните: „Песна”, „Раѓањето на зборот“, „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“, „Трета молитва на моето тело“, „Четврта молитва на моето тело“, „Петта молитва на моето тело“, „Осма молитва на моето тело“, „Деветта молитва на моето тело”, „Последна молитва на моето тело” „Во тишината“, „Езеро крај манастирот“, „Август“, „Тажачка од онаа страна на животот“, „Квечерина“, „Лузна“ и „Небиднина“.

Најновите преводи од творештвото на Шопов на чешки јазик поетски ги преточуваше најголемиот современ чешки поет Вилем Завада, кој подолго време работеше на пообемно претставување на македонската современа поезија и кој се трудеше кај сите македонски поети во чешкиот превод да ја зачува нивната оригинална боја и тон. Од творештвото на Шопов Завада препеа дванаесет песни, но, за жал, смртта на Завада попречи оваа задача тој да ја исполни докрај, да се појават пред чешката јавност сите генерации на македонските повоени поети и со помош на мајсторската рака на Завада нивните стихови да го најдат својот пат до срцата на чешките читатели, така што песнава што по овој повод ја објавуваме, „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор”, е всушност прво објавување на дел од тој повеќегодишен труд.

Магиската сила што поетскиот збор на Шопов ја има во себе го почна, значи, своето дејствување на чешки јазик прво од страниците на списанија и антологиски избори сѐ до препев од перото на најголемиот чешки поет, кој неминовно по објавувањето ќе стане сопственост и на чешката книжевност и култура воопшто, зашто песните на Шопов претставуваат нешто највозвишено, најдлабоко и највпечатливо што нашиот народ го има и што најсуверено го претставува нашето национално битие и самобитност.

___________________
* Текстот е објавен во Литературен збор, XXX, 1983, кн. 3, стр. 25-26