Нови сознанија за Ацо Шопов и работата на литературната дружина во штипската гимназија*

(Повод „Кон најраното поетско творештво на Ацо Шопов“ − Некои нови сознанија за животот и делото на овој наш поет објавени во Дело 74/бр. 5-1985 год. Штип)

Трајко Донев

Сакам уште во почетокот на ова свое излагање да нагласам дека кон делото на Ацо Шопов се понесувам со голем пиетет. Ацо Шопов е мој другар, соученик и пример. Неговите достигања се на ниво на него самиот и на нашиот народ.

Во написот мислам дека се поткраднале грешки и пропусти и сакам со своето учество само да помогнам одредени состојби подобро и поадекватно да се расчистат и ускладат со времето.

Што се однесува до првите поетски објави на Ацо Шопов, тешко ми е да зборувам, бидејќи суштествено не сум имал такви можности ниту сум навлегувал во, за мене, така тешката македонска историографија која се однесува на поетското делување на Ацо Шопов.

Сепак како негов соучесник и современик, добар пријател и другар од ученичките денови и нашиот престој во интернатот на Штипската државна реална гимназија сакам да кажам, дека обврска на сите нас е да помогнеме и на нашата историографија, за да се дојде до вистина дали или не Ацо Шопов твори и пред 1938 година. Мене ми се чини дека тој твори, и обврската за ова тврдење треба да нѐ ангажра сите.

Колку што ми е познато, песната − поезијата на Ацо Шопов му беше својствена и животна компонента и повеќе на него и на средината за која тој толку рано започнува да пее. Според тоа, останувам со мислење, дека Ацо Шопов твори знатно порано од цитираната година, па можеби неговите први напишани песни треба да се побараат негде во учебната 1935/36 година. Мислам дека еден ден ова мое тврдење ќе биде оправдано.

Тоа го тврдам зашто мислам дека поетското творење на Ацо Шопов не би требало да се врзува за работата и делувањето на Ученичката литературна дружина „Напредок“ во гр. Штип, иако таа била едно од тие која придонесувала за тоа своите творечки способности на овој план, во тоа време, Ацо Шопов да ги мери и докажува пред овој аудиториум.

Ова е и заради тоа, што искажувањата на младите литерати во тоа време можеше да се искажува и манифестира и на часовите по српскохрватски јазик и литература, преку ѕидните весници кои исто така се применуваат како форма во класовите и гимназија како целина.

Ако се прифати претпоставката дека неговото делување се врзува за делувањето на Литературната ученичка дружина „Напредок“, тогаш, според нејзината организациона поставеност, не се дозволуваше учество на помлади ученици во работата на истата, тогаш почетоците на поетското делување на Ацо Шопов би требало да се бараат знатно покасно, некаде во учебната 1938/39 година, што во случајот, врз основа на новопронајдените песни не би било точно. Затоа oправдани се настојувањата неговите први поетски создавања да се бараат и порано од 1938 година.

Веднаш сакам да констатирам, дека тврдењето на професорот во пензија Александар Апостолов од Скопjе, дека таа била формирана „не порано од 1939 година“ (стр. 440 − Дело 74/85 год.) апсолутно не е точно. Ваквото изнесување треба да се сфати како многу произволно и недоволно аргументирано.

Ученичката литературна дружина „Напредок“ во Државната реална гимназија во гр. Штип датира знатно порано. Таа е формирана уште на 21 јануари 1921 година кога и фактички била организирана под името − културна ђачка литературна дружина „Напредак“ во гр. Штип“. (Годишен извештај на Државната реална гимназија во гр. Штип за учебната 1933/34 година − стр. 15 − VI − ђачке дружине − 1. Културна ђачка дружина „Напредак“).

Можеби во овој период на постоење и работење таа немала своја посилно осмислена содржина на делување, но таа постоела.

Ова, на одреден начин, како да го поткрепува и другарот Љупчо Арсов во својата книга Сведоштва кога вели:

„Во гимназијата, (а тој учел во Штипската гимназијa) од време на време ќе прочитав нешто и ќе сознаев некои работи и за нашето минато и за прогресивното во светот. Се разбира откинато и недоволно, но секогаш укажуваше на нашата вистинска историја.

Во гимназијата во учебната 1925/26 година, поединци ученици почнаа да се занимаваат со слободни литературни состави. Низ состави се обработуваа и теми од историјата. Во една од таквите теми неколку ученици, меѓу кои и јас, расправавме за историскиот лик на Крали Марко. Ликот на овој историски јунак се јавуваше во нашата претстава како јунак на сите народи на Балканот, лик што ја персонифицира заедничката борба против Отоманското ропство, па во нашите писмени работи се осмеливме да тврдиме дека Крали Марко не бил јунак само на српскиот народ, туку, тој за нас беше балкански јунак, а наедно и македонски народен јунак. Сето тоа, во тоа време беше ерес. Училишната управа го сфати како наша демонстрација.“ (Љупчо Арсов − Сведоштва − стр. 37-38 издание на Комунист, Скопје − 1984 год.).

Меѓутоа, за постоењето и работата на ученичката литературна дружина „Напредок“, зборува и Извештајот на Државната реална гимназија во гр. Штип за учебната 1933/34 година. На страница 15 под дел VI став 1. Културна ђачка дружина „Напредак“ стои: „Ученичката литературна дружина „Напредок“ основана е во месец јануари 1921 година, и оттогаш таа работела со мали прекини сѐ до денеска. Дружината брои 134 членови. Во текот на оваа година одржала 10 редовни седници и три матинеа на кои читале свои работи… Покрај работата на седниците биле застапени рецитации и одбрани песни од познати поети“. (стр. 15−16 на Извештајот).

Во учебната 1934/35 година, во дел VII − ђачке дружине − под став 1, поместена е работата на Културната ученичка дружина „Напредок“, во која одново децидно се нагласува нејзиното настојување во јануари месец 1921 година и нејзината работа со мали прекини до 1938 година, за да се констатира дека таа од 1933 година работи континуирано и систематски.

Во Извештајот се нагласува, дека нејзината работа е реорганизирана и е приспособена на учениците од нижите класови. Во оваа учебна година таа брои 130 членови, има одржано 8 редовни седници на кои биле прочитани 15 работи. Нејзин претседател бил Александар Фиданчев ученик во IV клас.

Во склоп на истата е и библиотеката која дала во опток за читање 1976 книги.

Во учебната 1935/36 година таа го менува своето име од Културна ђачка дружина „Напредак“ во Литературна ђачка дружина „Напредак“.

Во оценките за нејзината работа се оценува, дека нејзината работа во однос на минатата била знатно подобра и дека бележи успех. Ова се оправдувало со тоа, што Штипската државна реална гимназија во оваа учебна година прераснала во „Потполна“ со што учеството во работата на истата со учениците од петтите класови се зголемило (Указ Њ. В. Краља Сн. бр. 37371/30. IX. 1935 година − Извештај за работа на Гимназијата за 1935/36 година стр. 8 дел II − Школски летопис).

Литературната ученичка дружина во оваа учебна година одржала 13 редовни седници на кои се прочитани 31 труд од кои 11 критики, 11 песни, а другото отпаѓало на куси приказни − прозни состави, патописи, белешки и друго. Бројот на членовите бил зголемен на 300.

Во состав на Литературната ученичка дружина работи библиотека која има 1146 книги, а во читање биле 7.582.

Претседател на Дружината е Блаже Брзев, а одговорен професор е Александар Богдановиќ, професор по српскохрватски јазик.

Во учебната 1936/37 година надзорните работи во Литературната ученичка дружина „Напредок“ ги врши Љубица Љумовиќ, професор по српскохрватски јазик.

Литературната дружина ја доусовршува својата организациона поставеност, бидејќи, покрај литературното делување − делување на литературен план, таа воведува и забава. Одржува 10 седници на кои се разгледани 32 ученички творби од кои 10 критики, 7 песни, а другото приказни, патописи, белешки и реферати.

Во делувањето на Литературната ученичка дружина во оваа година одржани се и 4 (четири) попладневни читања.

Започнува со излегувањето и ѕидниот весник во кој се печатат ученички творби.

Претседател на Литературната дружина е Блаже Брзев ученик во VI клас. Со библиотеката на литературната дружина раководи проф. Александар Богдановиќ, а таа брои преку 1500 книги од кои во опток на читање биле 4.335 книги.

Во учебната 1937/38 година литературната ученическа дружина „Напредок“ веќе поблиску ја утврдува својата содржина на работа. Покрај претседателството на истата, работи и Книжевен одбор и Надзорен одбор.

Задачата на литературната дружина „Напредок“ се сведува на „Кај учениците на гимназијата да се развива што поголем интерес за убавата книжевност, самостојна книжевна работа, самокритика и заедничка работа“ (Извештај за работата на гимназијата за 1937/38 година стр. 25).

Таа, во почетокот на годината го одржува своето редовно годишно собрание, а во текот на годината организира 12 редовни седници и 1 (една) комеморативна, посветена на писателот Дучиќ и Шантиќ.

Особено доминирале критиките што се оценуваат како „објективни“, а „расправите“ давале можности на широка усна дискусија, со што членовите на Дружината се учеле да го кажат своето слободно мислење и да укажуваат на нови патишта и хоризонти.“ (Стр. 25 на Извештајот за работа на Државната реална гимназија во гр. Штип за учебната 1937/38 година).

Особена улога во сѐ ова одиграл Книжевниот одбор кој се грижел за квалитетот на ученичките работи, што биле доставувани до Дружината за разгледување.

Ваквата содржина на дејствување на литерарната дружина „Напредок“ во оваа година било условено и од составот на нејзините тела. Најголем број на избраните во телата се напредни младинци, а некои и членови на Партија и СКОЈ. Особено, сега се истакнува со својата работа Ѓоко Митревски (член на КПЈ) претседател на Книжевниот одбор, тука е Марика Минанева, Александар Апостолов, Благоја Попов и Владимир Стаменков. Претседател на Литературната дружина е Блаже Брзев ученик во VIII клас гимназија.

Работата на Литературната ученичка дружина „Напредок“ во учебната 1938/39 година се оценува како многу интензивна, плодна и многу содржајна. Интересот на учениците за работа во истата е во постојан пораст. Таа станува место за слободно искажување на способностите и ориентацијата, иако не сосема отворено. Учеството на учениците во дискусиите на нејзините седници е бројно. Презентираните ученички работи се оценети како многу содржајни и пристапни за помладите учесници. Таа им пружала големи можности за широка усна дискусија која се одвивала во здрави и трезвени насоки.

Прочитани биле 35 ученички работи од кои 19 оригинални во проза, 6 песни и 10 критики, меѓу кои и критики на критика.

За еден ваков интерес сигурно многу придонесуваат и одговорните професори за работа на истата: Вељко Перишиќ и Божидар Нилевиќ, особено последниот, кој заради своите слободољубиви сфаќања во Штип остана на работа само една година, за да во наредната исчезне и биде оддалечен. (Божидар Нилевиќ и во учебната 1938−1939 година е примен како хонорарен наставник од час по српскохрватски јазик, германски и филозофија. Поради своите слободољубиви и прогресивни сфаќања, колку мене ми расправал како воспитач во интернатот − „ђачки дом краља Александра I ујединитеља − Штип“, никогаш ниту во една гимназија не можел да заснове редовен работен однос, или до колку таков засновувал хонорарно, властите не го трпеле повеќе од 1 година. Инаку потекнувал од многу сиромашна фамилија, а бил роден Црногорец. Ова му се случи и во Штип, а тој тоа како и да го насетуваше).

Во оваа година, особен интерес за работата на Литературната ученичка дружина „Напредок“ пројави Книжевниот одбор кој одржал 10 седници на кои вршел совесно преглед на доставените работи и на тој начин придонесувал работите што биле презентирани на разгледување да бидат на едно високо и квалитетно ниво.

Во рамките на Литературната ученичка дружина „Напредок“ во оваа учебна година работи и спортска и драмска секција. Последната ја води Сергије Михајлов и истата ги припремила и извела Зла жена, Кнез Иво од Семберија, Пут око света, Добар муштерија и други.

Претседател на Литературната ученичка дружина во оваа година е Блаже Брзев, а претседател на Книжевниот одбор е Ѓоко Митровски.

Во учебната 1939/40 година, Литературната ученичка дружина „Напредок“ е исклучиво во рацете на напредната школска младина. На годишното собрание за нејзин претседател е избран Ванчо Пркев. Ванчо Пркев во 1939 година, во својата куќа, со напредни членови на КПЈ, разработува материјали од областа на марксизмот и ленинизмот и дискутира за актуелни економски и политички прашања. Тој во тоа време се беше формирал веќе во бескомпромисен револуционер и е еден од преданите комунисти на Партијата. Тој околу себе имал формирана мошне силна и цврсто поврзана група, од која повеќето ќе станат членови на телата на Литературната ученичка дружина „Напредок“ во Штип (Властимир Митиќ, Александар Грличков, Киро Зенделов, Славко Стојменски, Ангел Пуздерлиев, Асан Керим и други), кои под негово влијание подоцна ќе се оформат како комунисти. Сите тие во 1939/40 година претставуваат доминантна организирана политичка и револуционерна сила во гимназијата со силно влијание и во работата на самата дружина.

Ваквиот состав на телата на Литературната ученичка дружина „Напредок“ условил една работа која се карактеризира со една нова содржина на работа. Одржани се повеќе седници кои со разноликоста на проблемите што биле разгледувани буделе вонреден интерес кај учениците. Особен интерес покажувале за социјалните, книжевните и научните прашања. Критиките и во оваа година биле објективни, а дискусиите на високо ниво. На седниците сега присуствува Милан Бојчевиќ професор по српскохрватски јазик, и Литературната дружина разгледала 52 ученички работи од кои 38 биле печатени во ѕидните весници.

Драмската секција одржала повеќе премиерни изведби, а на сцена биле поставени Ђаци Вильенаци, Незнани јунак у рату и миру, Аналфабета и слично.

Книжевниот одбор одржал 5 седници на кои биле разгледани сите ученички работи што биле приложени за разгледување на Литературната дружина.

Ваква работа на Литературната дружина. „Напредок“ во гимназијата во Штип можела да се постигне благодарение на упорната работа на телата на Дружината на чие чело стоел Ванчо Пркев.

Ацо Шопов своето школување во Штипската гимназија го започнал во учебната 1935/36 година и за сето време на своето школување заклучно до 1940/41 година тој е многу добар ученик, меѓу професорите многу респектиран и ценет, бидејќи беше многу работен и вреден.

Ваквиот приод на Ацо Шопов кон учењето, секако се поврзуваше со неговиот тежок живот. Тој, како и многу други ученици на Штипската гимназија од гр. Штип, материјално не беше моќен да се носи со потребите на училиштето. Посебно беше тоа кога ќе дојдеше уписот од една во друга година.

Заради ова, тој во учебната 1938/39 година е примен како ученик во Домот (интернатот) на гимназијата во Штип само на храна, додека на спиење одеше дома.

Воспитувачи во домот по времето на приемот на Ацо Шопов се Божидар Нилевиќ и Вељко Перишиќ. Вељко Перишиќ му предава српскохрватски јазик (не Миличевиќ како стои на стр. 441 − Дело 74 1985 година).

Според ова, ако се прави некој заклучок, тогаш треба да се верува дека врз поетскиот опус на Ацо Шопов тие и најмногу влијаеле врз неговиот развој и творење. Мислам, дека на него посебно влијаеше Вељко Перишиќ, кој и сам пишуваше песни во тоа време.

Професорот Божидар Нилевиќ никогаш не му предавал на Ацо Шопов, бидејќи како нагласив, тој во Штипската гимназија доаѓа во учебната 1938/39 година и во истата заминува од Штип. Во таа година Божидар Нилевиќ предава српскохрватски јазик во VI, VII, и VIII клас, германски јазик во IV-а и б клас, како и филозофија во VIII клас. Тој како специјалист има под „а“ српскохрватски јазик, и под „б“ германски јазик. Ацо Шопов е во V клас, Нилевиќ не му предава ниту еден предмет.

Според ова најмалку влијание врз Ацо Шопов пак можел да има Милан Бојчевиќ, кој во Штип доаѓа во учебната 1938/39 година од Струмица.

Не би смеело, исто така, да се прифати тврдењето на Александар Апостолов презентирано од Владимир Шопов, дека Ацо бил единственото штипско дете кое живеело во интернатот на гимназијата заедно со другите деца од околните места и градови.

Како што и порано нагласив, точно е тоа дека Ацо бил дете на интернатот и тоа уште од IV клас. Тој е многу добар ученик, а во интернатот се примаа сиромашни ученици, но многу добри или одлични со успех.

Меѓутоа, бројот на учениците од Штип кои се хранеле и живееле во интернатот е знатно поголем. Така во интернатот биле: Симо Василев ученик во III клас, учениците Ацо Шопов, Мијалче Коцев, Трајко Орушов, и други сите од V (петти) клас, Трајко Донев (Кусиќ), Ристо Буклиев од VI клас, Славко Стојменски ученик во VII клас и некои други.

Без оглед на сѐ, Ацо Шопов, тогаш и сега, со своите дела останува снажна поетска фигура, која со своето делување се издигна над сите со своето поетско творештво.

Написот нека послужи само како едно појаснување на сѐ она што се случуваше и е непосредно врзано за ликот на Ацо Шопов.
_______________________
*Текстот е објавен во Дело 74, год. XIII, бр. 1−2, 1986, стр. 73-80.