Ацо Шопов: мал портрет*

Атанас Вангелов (1946-2021), македонски литературен критичар

Атанас Вангелов

Делото на Ацо Шопов се остварува исклучиво во подрачјето на поезијата. Може да се рече дека и неговата поширока литературна активност, иако посредно, пак ја истакнува поезијата на преден план. Познат, уште, како надарен и суптилен преведувач, во таа дејност најнепосредно се изразува пак преку поезијата. Активен учесник во подготовките и во остварувањето на НОБ и нашата социјалистичка револуција, Ацо Шопов ги пишува своите први стихови во согласност со општата атмосфера на југословенското ослободително и револуционерно дело. Во која мера таа атмосфера се искажала како длабоко индивидуално доживување, сведочат одделни песни кај него кои имаат највисоки уметнички вредности. Меѓу нив се истакнува песната „Очи“, настаната во периодот на разгорената борба против окупаторот, која и денес не помалку возбудува со спонтанитетот и искреноста на длабоките хуманистички пораки, со леснината на поетската фраза како и со високиот степен на покажаната поетска вештина.

Во првите книги стихови на Шопов Песни (1944), Пруга на младоста (1946, заедно со С. Јаневски) доминираат мотиви од НОБ и повоениот полет на југословенските народи, сврзан со обновата и изградбата на разурнатата земја. Во таа фаза на поетот доаѓа до силна идентификација меѓу доживувањата на единката и доживувањата на колективот, во резултат на што ќе се отвори простор за една општа, заедничка реторика, која сепак не ќе биде во состојба да го обезличи пред сѐ лирскиот сензибилитет на авторот.

Во која мера претставува тој доминантна црта на поетската вокација на Шопов, ќе покажат неговите наредни книги, во кои доаѓа до своевидно изместување на колективните чувства и доживувања, во интерес на индивидуалните. Збирките Стихови за маката и радоста (1952) и Слеј се со тишината (1955) убаво го посведочуваат тоа и тие своевремено иницираа доста расправи околу прашањето на таканаречената интимна лирика, засегајќи го така, на посреден начин, прашањето за ангажираноста на литературата, односно проблемите на нејзината релативна или апсолутна автономност.

Но и во таа фаза кај Шопов не доаѓа до некој поочигледен раскин на поезијата со теми и мотиви кои по еден или друг начин спаѓаат во подрачјето на пошироката (политичка и општествена) актуелност, за што сведочат стиховите од неговата книга На Грамос (1950). Од денешна перспектива, таа поетска фаза на Шопов, заедно со стиховите на неколкумина современици, го означува натамошниот раст и стилска индивидуализација на македонската повоена поезија: Интимна лирика воопшто, а одделно интимна лирика на Ацо Шопов, значеше бунт против униформноста на поетската инспирација, обид да се разоткријат пределите на субјективитетот во поезијата, таа, поезијата, да се ослободи од традиционалните црно-бели и бело-црни социјални и политички шеми, значеше продир на личноста во творештвото, активираност на непосредното поетско доживување наспроти колективните чувства и спознавања (Георги Старделов).

Во поезијата од таканаречената интимна фаза на Шопов, освен што се прави свиок наспрема индивидуалните вредности на поетската реченица, се бележи и натамошно усовршување и мелодиска разновидност на неговиот исказ. Интонацијата и интонативните елементи се мошне важни за тој исказ, тие се развиваат во правец на созвучна кохерентност и по тој начин го претставуваат Шопова како еден од најзначајните поети на врзаниот стих.

Ако созвучноста и поетската музикалност стекнаа особена наклоност во тие книги кај Шопов, во неговите наредни стихови дојде до некој вид урамнотесување меѓу звучноста и значењето како едни од најважните конституенти на поетскиот јазик. Може да се рече дека дојде до редукција на мелодизмот, во резултат на што неговата поезија стекна поизразити медитативни валери. Таа редукција се огледа во еластичниот однос наспрема метричките модели, во ориентацијата наспрема мелодиски блокови кои подлежат на вертикална симетрија, наспроти моделот на мелодиска единица изразена во рамките на стихот, која подлежи на законот хоризонтална симетрија, сѐ до примена на техниката на ослободениот односно на слободниот стих.

Како што дојде до ограничување на поетската мелодичност, така дојде и до значенско збогатување на неговата поезија. Неговиот стих станува лапидарен и елептичен, споредбите се ограничуваат, а метафората добива поширок простор. Понекаде таа се развива до степен на свои краіни можности, за што сведочи неговиот циклус „Црно Сонце”. Посочениве својства на поезијата на Шопов доаѓаат до израз во неговите книги: Ветрот носи убаво време (1957), Небиднина (1963), Гледач во пепелта (1970). Во тие книги Ацо Шопов ги легитимира и своите највисоки поетски вредности. Неговата изворна лирска вокација, облагородена со елементи на суптилна медитација осведочено ја збогатија македонската поезија со неразминливи вредности: Најчиста пак и најсублимна поетска функција тој (авто) биографизам, така сфатен, кај Ацо Шопов има во книгите Небиднина и Гледач во пепелта коишто се врв на неговото творештво и со кои тој си обезбеди, според нас, место во врвовите на современата македонска поезија (Ефтим Клетников).

Во книгите Песна на црната жена (1976) и Дрво на ридот (1980) се бележи дискретна ориентација наспрема разговорниот стил.

Шопов стекна многу признанија за поезијата (АВНОЈ), беше член на МАНУ како и познат општествено-политички работник.
_________________

Користена литература

Димитар Митрев, Поезија на трајни вредности, – Скопје, Современост, 1954, 4.
Александар Спасов, Слеј се со тишината. – Скопје, Разгледи, 1956, 4.
Георги Старделов, Нуркање во длабините на битието, во Антеј бара почва. — Скопје, Македонска книга, 1971.
Георги Старделов, Поетското искуство на Ацо Шопов. — Скопjе, Современост, 1967, 9-10.
Ефтим Клетников, Поезијата на Ацо Шопов, во Лузна/Ацо Шопов. — Скопје, Мисла 1981.
___________________
* Текстот е објавен под наслов „Ацо Шопов (1923-1982)” во Литературен збор, XXX, 1983, кн. 3, стр. 3-5