Хамлет во македонски препев*

Томе Момировски

Во нашата современост Хамлет се смета за најголемо Шекспирово дело и за едно од ретките и најзначајните дела на уметничкото творештво воопшто. Во своите дела Шекспир навлегува во најскриените катчиња на човековата душа. Тој ја осветлува човековата страст и душевната состојба не само од гледиштето на своето време. Тоа осветлување се одликува со таква јасност и целост, та продолжува да трае со векови, живее во нас и патува во иднината. Шекспировите јунаци му зборуваат на современиот човек со истата онаа сила, со која му зборувале на човекот од седумнаесеттиот век. Но значењето на Шекспировите трагедии не се исцрпува само со психолошката точност на дејството. Во Хамлет Шекспир ја изразува смислата на епохата на преродбата, истакнувајќи ги и оние особености кои лежат во основата на иднината, така што Хамлет не е само филозофска трагедија на своето време — таа е, донекаде, и претставник на филозофијата на новото време.

Најинтегралниот писател во нашава современа македонска литература, поетот Ацо Шопов, познат и искусен препевувач на повеќе поетски текстови е оној што презеде голема обврска да го препее на македонски јазик епохалното дело Хамлет. Во таа своја согласност тој се исправи пред задачата да проникне во спецификата на Шекспировата трагедија, комплексниот лик Хамлет, посебностите на англискиот јазик и одговорноста автентично да ја предаде поетската реч на овој голем класик. Тоа значи не само да се препее една поезија, туку да се протолкува сложено дело.

Особеностите на Шекспировата драма можат накусо да се сведат на следното: прво, епска широчина на задачата (сложен комплекс од настани, широк простор на време и пространство, изобилство на дејствија, плејада од херои, драматично движење и борба, манифестации на волја, иницијатива на активност на човековата личност при полно отсуство на авторски лиризам; второ, сестрана разработка на личностите; трето, реализам; четврто, единство на трагичното и комичното и петто, полна слобода на техниката.

Драмата на Шекспир е рожба на новата епоха, на посложениот живот, разликувајќи се од класичната драма, а со тоа усложнувајќи ја работата на оној што се става во улогата на препевувач. Драмата на Шекспир е мошне сложена и мошне богата. Во неа се открива животот во сета своја широчина и разновидност, во убавината и долноста, на сцената се појавува животот, поимите и интересите на сите слоеви, се разоткриваат разновидни и посуптилни страсти, по многубројни стремежи и спротивни јазли.

Од друга страна, она што Хамлет го доближува до нашето време и што му дава светско и општочовечко значење, тоа е онаа вечно неспокојна, полна со страдања мисла. Урнувајќи го црковниот авторитет, мислата ја започнува својата дејност со сомневање. Било време кога разумот е прогласен за единствен бог, но човештвото подоцна почнало да се колеба, грижејќи се да одреди сфера за нашиот ограничен ум. Ете, зошто во размислувањата на Хамлет, кој се мачи над решавањето на едно од најголемите прашања на новото време, мнозина наоѓаат и секако уште долго ќе наоѓаат одѕив на своите сопствени мисли, сомневања и колебања.

Хамлет — доближен до филозофијата на Ѓордано Бруно, слободен мислител на преродбата, прв умен аристократ на своето време, кој пишува стихови, се занимава со музика и рецитира, страсно ја сака драмската уметност, не е само образована и естетска култура, — туку комплексен лик со критичка мисла, сознание за релативноста на нашите судови, страстен стремеж за вистина, настојување вистината да се открие по емпириски пат. Хамлет е истражувач на новото време и се одликува со претпазливост и сериозност во логичката постапка, прифаќајќи ги сложените потфати на новото мислење. Кај него се јавува превласт на анализата, филозофирање, наклоност кон размислување, колебање, меланхолична тага, темен песимизам, — изникнати како последица помеѓу новите идеали и стварноста, помеѓу една изветвена оштественост и новото. Судбината во тоа време, од средновековниот карактер бара брзина и решителност. Секој друг, освен Хамлет, одмаздата би ја сфатил како прашанье на чест, како лична одмазда. Хамлет како мислител гледа многу пошироко; не се одмаздува за злочин, туку сака да го открие злочинот на општеството, во кое се движи и во светот. Хамлет може да го убие Клаудиј во чинот на молитва, но според него со тоа не ќе биде решен аморалот на блискиот и превласта; спрема бракот на мајка си тој не се однесува како навреден син и не зборува за својата жалост, туку за женската нискост. Така Хамлет е повеќе од еден психолошки оправдан лик. Тој е најтипична фигура на преродбата, каде што се судираат старите религиозни преданија со новите естетски барања и првите сомневања што ги роди еманципацијата на човековата мисла.

Освен структурата и ликовите во драмата, Шекспировиот стих како изразна компонента е слободен, длабоко логичен контемплативен, полн со суштини и длабоко мисловен, често и варијабилен, за да се расчленува во многуcтрано значење. Отсуството на фиксност за преведувачот е мошне компликувана даденост. Овде се надоврзува спецификата на англискиот јазик во секој поглед, уште и шекспировски усложнет.

Затоа кога сме во ситуација на недостатно познавање на англискиот јазик, што ќе рече недоволно рафинирано познавање на јазикот од страна на преведувачите, сосема е нормално и природно во наши услови за еден наш интегрален поет како што е Ацо Шопов, преводот на еден Борис Пастернак, најдобар преведувач на Шекспировите дела, да биде најсигурната и главна основа за препев на македонски јазик. Сосема разбирливо, оваа состојба ќе мораме да ја сметаме за нормална и напорите ќе треба да бидат стимулирани, иако останува вистината, дека препевот од директен оригинал не е ист како од посредно дело.

Ако ја имаме предвид сета сложеност на Шекспировата драмска структура, филозофско-естетската нишка, поставеноста и профилот на главниот херој и другите личности, како и неговиот јазик, препевот на Ацо Шопов е верна литературна верзија на духот и смислата на трагедијата Хамлет. Тоа е целосно и издржано дело кое претставува втор значаен препев на едно Шекспирово дело на македонски јазик, напоредно значајно достигнување на нашата национална култура.

Поетската фраза на Шопов е течна, мелодиозна, спроведена низ стегнат и јасен спрег од стихова метрика. Понекаде стихот е заменет со прозно раскажување и заедно со извесни скратувања тие не му одземаат ништо на делото. На места ќе се најдат некои недоработености, нескладности или упростување на стихот, како и јазични неусогласености што делумно не прилегаат на оригиналот, но нив ги сметаме за малубројни. За една масовна употреба и за вредноста на препевот како литературен акт и самостојно литературно дело, Ацо Шопов мошне направил.

___________________
*Текстот е објавен во Културен живот, 1960, V, 8, стр. 54.

За овој препев на Хамлет прочитајте ги исто така критиките на Томе Арсовски: Македонскиот препев на Хамлет, Современост, 1960, X, 9, стр. 925-927, и на Иван Ивановски: Класични дела од светската литература на македонски јазик. — Македонија, 1960, VIII, 92, стр. 16.