Македонскиот препев на Хамлет*

Томе Арсовски

Во неколкуте попознати имиња што во нашата преводна литература веќе се афирмираа, сè посериозно се зацврстува и името на Ацо Шопов. Освен релативно помалите потфати од рангот на Змај, Багрицки (со Јаневски) и др., во негов препев последниве години имавме можност да добиеме и три крупни поетски дела од светската класика. Тоа е извонредниот Сирано од Ростан, потем Сид од Корнеј и деновиве – Шекспировиот Хамлет.

Овие три капитални дела од светската литература, за среќа, не се веќе осамена појава, ниту случаен избор. Ним им се придружуваат порано препеаниот Отело и Горски венец (обата од Б. Конески), Пушкиновиот Евгениј Онегин (Г. Сталев) и уште некои други (на пр. одличните препеви на Гане Тодоровски). Според тоа, може да се смета дека почетните чекори во оваа област се веќе далеку зад нас, дека полека создаваме еден мал и драгоцен капитал што треба да послужи, ако не за дефинитивна систематизација, тогаш барем за сигурна ориентација во натамошната преведувачка активност кај нас.

***

Трагедијата Хамлет се убројува меѓу најголемите трагедии на Шекспир: Ромео и Јулија, Јулиј Цезар, Отело, Крал Лир и Магбет. Притоа, Хамлет е можеби една од версификаторски, стилски и драматуршки најчистите драми, во што, се разбира, влегува и веројатно најкомплексниот интелектуален лик на насловниот јунак, за кого некој духовито забележал дека е единствениот од Шекспировите јунаци што би можел да ги напише неговите драми. Но стилски, драматуршки и версификаторски најчистата Шекспирова драма, веќе затоа што е Шекспирова, може да биде или камен на кој ќе се сопне неопитниот препевувач, или интимен подвиг за добриот поет.

Ацо Шопов бил свесен (како што се уверивме и од неговата неодамнешна изјава во дневниот печат) дека „прави голем ризик“, но – во тоа можеме да бидеме сигурни – ризикот бил награден со резултат.

Првото што паѓа в очи во овој препев е – јасниот, течен и ѕвонлив стих на Шекспир. Читајќи го овој Хамлет ние скоро забораваме дека то читаме на еден чист, убав и извонредно едноставен јазик без лексички и метафорички ефекти, без непотребни примеси и – велат, понекогаш сѐ уште нужни? – позајмувања. Ниту еден единствен необичен збор, никакви невкусни кованици, ништо туѓо и непријатно за увото. Во книга од скоро 200 страници стихови најдовме (затоа што умислено ги баравме) само неколку лексички пропусти од видот на „вистрел“, „спреми се“ (наместо „приготви се“ и „Призрак“ – за кој збор во текстот имаме и адекватен превод: „сениште“.

Но не е само јазичната чистота она што еден превод го прави добар. И можеби тука имаат место некои констатации дека од изразито аналитичниот англиски јазик оригиналот на Хамлет бил првин транспониран на изразито синтетичниот руски јазик, од кој Шопов го препеал пак на аналитичен. Тоа своевидно „враќање“, се разбира, носело извесни опасности од веројатни отстапувања од оригиналот. Но во случајов, ни се чини, тоа не е пресудно. Не само затоа што Шекспир обата пати бил во одлични раце, што е, секако, мошне важно, туку и заради простиот факт дека во секој превод, а уште повеќе во секој препев, се подразбираат и тие евентуални отстапувања од буквален карактер. Пресудно е друго: суштината, амбиентот, поетичноста.

***

Позната е таканаречената „среќна смелост“ во стилот и во јазикот на Шекспир. Неговиот стих е збиен до најголема економичност на зборот, неговата мисла не ретко ги натфрлува границите на јазикот и на поетската фраза, но сепак не преку рамките на јаснотата која, за жал, не секогаш била запазена во препевите со кои сме се среќавале. Поетската сила на чувството кај Шекспир е неспоредливо посугестивна од сета версификаторска блескавост на модните куплети од сите времиња. Кај него се ретки римуваните стихови (во Хамлет сѐ на сѐ неколку десетици!), тој не бега од слободното користење на таканаречениот анжамбман (пречекорување на стиховите од еден ред во друг), видлива е понекогаш и брзината, искинатоста и настраноста на неговата говорна фраза, стегнатоста и елиптичноста на неговата реченица, неочекуваните драматуршки пресврти и премини. Сето ова стилско, јазичко и драматуршко богатство е она битното во секој препев на Шекспировите дела.

Во препевот на Шопов Шекспировиот стих, макар што често добил по еден слог повеќе, ја запазил својата железна едноставност и полнозвучност. Во стремежот да ѝ остане колку што е можно доследен на формата и особено на ритмиката, Шопов не си ја дозволил претераната слобода што често ја среќаваме во некои препеви и не го искршил, не го осакатил нашиот збор. Но тој не отишол ни во спротивниот апсурд – не ја претворил ни мислата во граматичка реченица во која сите синтактички категории ќе бидат на своето место, а ќе се жртвува поетичноста, емоцијата. Стихот на Шопов е пред сѐ јасна логична мисла плус говорна ритмичка фраза во која драматизмот произлегува од ситуацијата и атмосферата, а од подборот на зборовите. Тоа е пред сѐ драмска поезија, тоа е Шекспир, тоа е Хамлет, – а потоа неговото македонско издание. Во тоа е, по наше мислење, успехот на овој препев.

Македонскиот препев на Хамлет е драгоцен резултат на еден свесно вложен труд и уште едно сведоштво за солидните преведувачки можности на поетот Ацо Шопов. Тој е уште едно сведоштво и за зрелите можности и богатството на македонскиот јазик.

Во вредноста на книгата спаѓа, секако, и позајмениот поговор од Ж. Симиќ и С. Пандуровиќ, како и кусиот, повеќе информативен осврт на легендата за Хамлет и на истоимената трагедија од Шекспир. Можеме само да зажалиме за лошиот квалитет на корицата, што можело и требало да се избегне.

______________________
* Текстот е објавен во Современост, 1960, X, 9, стр. 925-927.

За пвој препев на Хамлет, прочитајте ги исто така критиките на Томе Момировски: Хамлет во македонски препев, Културен живот, 1960, V, 8, стр. 54, и на Иван Ивановски: Класични дела од светската литература на македонски јазик. — Македонија, 1960, VIII, 92, стр. 16.