Тревожен глас од ридот*
(Ацо Шопов: Дрво на ридот, издавач: „Мисла“ од Скопје)

Бранко Цветкоски

Пред десетина години забележавме една изјава на Ацо Шопов, концизна и строга, но истовремено неограничена во опфатот: „Заедничко за сите мои книги е љубовта кон човекот, кон жената и убавината“. Читајќи ја најновата стихозбирка Дрво на ридот, едноставно, не може да се одбегне зрачењето на авторовата констатација за виртуелните исходишта на неговата поезија, но овојпат љубовта кон човекот трансмисира кон еден фокус на лично, интимно исповедување за сопственото, универзално поставено, за човековото немирно, дури тревожно доближување до конечноста на животот. Љубовта кон жената и убавината пак како еминентни точки во поетското проседе на овој наш автор во Дрво на ридот и тематски и стилски ја претставуваат светлата компонента на тревожниот пев.

Воведната песна „Оздравување на болниот“ можеби уште посуштински ја потенцира основната тема што разлеана се простира низ целата збирка. Тоа е темата на болното тело, подадена како резигниран личен емотивен приглас, но продолжена и одржувана како одек што ја преиспитува виталноста, живототворноста и мистеријата на природата. Очекуваната сентиментална исповед големиот лирик во ниеден момент не ја пренагласува туку низ чудесна верба во животот што продолжува тој пишува: „Твоите очи греат ко сонце / низ твојата песна уште недопеана“. Вербата и восхитот потоа го распламтува и љубовта кон татковината, па во чинот на оздравувањето како магиски исцелител се провира сознанието за срцевното растење на сопствената татковина, најоптимално изразено во финалето на спомната песна: „Низ Македонија шуркаа струи на здравје и свежина, / а болештиите се топеа како снегова грутка – тежина.“

Оптимистичкиот крик пред тежината и мрачната перспектива на болеста во друг случај, во песната „Клошарска песна на поетот“ е пренесено како стамено и спокојно осознавање на неминовноста на неумоливиот тек на постоењето. Во трите стиха „Како да станам да се борам?/ Треба да станам да се борам…/ Станав ли, не ли? – Не знам.“ провејува повезот на сомневањето што на осаменото дрво повторно му ја предочува силата спротивна на животот.

Тонот на резигнирано обновување на доживеаното, преживеаното и судирот со сетилното и емотивното реагирање во мигот кога животот стигнал до одреден врв се провлекуваат и низ двата циклуса „Гнездо во брановите“ и „Езеро на животот“. Карактеристичната лирска густина и подвижноста на чувствата на поезијата на Шопов, особено во збирките Небиднина и Песна на црната жена, отстапуваат не мал простор на реторичноста и на разреденото рефлексивно ткиво во книгата Дрво на ридот.

Оценка: + +
_________________
*Текстот е објавен во Екран, 19.03.1982