Трајни и неодминливи траги*

Георги Старделов

Стоејќи пред изминатиот пат на поезијата на Ацо Шопов, читањето нејзино во 1992 година ме доведе до сознанието дека кај вистинските поети не се случува само тоа нивниот живот да се остварува во нивната поезија, туку и нешто повеќе, нивната поезија да се остварува по нивниот живот. Кога од оваа дистанца од десет години ја читаме неговата поезија чувствуваме дека некои од неговите капитални песни биле провиденцијални, дека не само што продирале длабоко, туку и гледале далеку. Еден од, меѓу другото, доказите за вредноста на неговата поезија, која останува во фондот на она што е најубаво во македонската поезија, е во нејзината моќ, како и секоја вистинска поезија, да гледа на драмата на човечкaтa егзистенција не само од ракурсот на своето време, туку да ја открива неа sub specie aeternitаtis. Тоа е можно и затоа што поезијата најинтензивно го доживува она што е и она што било во животот на поетот и во животот на неговиот народ, па на тој начин и го открива и формулира не само она што било и поминало, туку и она што надоаѓа и ќе биде.

Би сакал тоа да го поткрепам со две големи теми од неговата поезија: Македонија во неа, од една страна и од другата небиднината што се надвиснала над нас во нејзиниот современ вид.

Кога деновиве повеќе пати ја препрочитав неговата последна книга Дрво на ридот, објавена две години пред неговата смрт, 1980, а последните книги на поетите се обично тестаментални, бев просто изненаден од толку честото споменување на Македонија, речиси во секоја негова песна. Во с​​è-на-сè 14 песни колки што има оваа негова последна книга, Македонија се споменува околу 20 пати, што, инаку, не беше случај со ниту една претходна негова книга.  Се замислив над тој факт. Како што е познато во Дрво на ридот во еден болендојчински штимунг, смртта навира од сите страни. И чувствувајќи како смртта чука на неговите порти, Ацо Шопов во последните свои поетски објави настојува да оствари речиси потполна идентификација на својата поезија со својата татковина. Но, како го прави тоа?

Веќе во првата песна од Дрво на ридот, под наслов „Оздравување на болниот“ во еден трагичен восклик:

„Јас сум ви тешко болен, и ќе ме снема,
ме дави и гуши подземна стија.
Млад сум а душата ми е остарена
од љубовта моја неостварена, љубовта Mакедонија“.

Ацо Шопов, пишувајќи ги своите последни песни, не може повеќе ништо да скрие во некоја метафоричка енигма и е речиси дури упростено експлицитен. Само во оваа песна („Оздравување на болниот“) Македонија се споменува дури шест пати. Таков еден суптилен и толку мудар лиричар каков што беше тој, не можеше да не биде свесен дека со таа експлицитност неговата песна станува и премногу реторична и дека во некои делови ја губи својата поетска сугестивност.

Но тоа сознание повеќе не помага, тој сака, и тоа тој го прави, ја жртвува песната за да формулира еден нов историски видик пред новите поколенија на својата татковина, преку стиховите „Македонија е во светот, а светот во Македонија“ варирајќи ја таа идеја на повеќе начини само да ја наметне неа како ново македонско становиште разимирано во оној познат стих од претходната негова книга Песна на црната жена за која дури и ќе рече дека во неговата идеја е изразена највисоката смисла на неговиот живот: „Да ја открие родината откривајќи го светот/и откривајќи го светот да ја открие родината“ („Настан на езерскиот брег“). Затоа во триптихот „Езеро на животот“, обраќајќи му се на својот роден крај на кој му се враќа, како рече изморен, остарен но и преобличен од светот, тој како да им се обраќа на новите македонски поколенија да го фрлат, како ќе рече, сиот тежок трагичен товар на минатото во бунарот на историјата.

за да из’рти едно ново детство
признато и прифатено од сето човештво
како добрина и Македонија.

На самиот пак крај на песната, тој е свесен за таа своја идеја − водилка во неа, дека, и покрај сите диви ветришта што дуваат и корнат, езерото на животот на татковината не ќе се смири сѐ додека не најде утока во светот. И тогаш во тие црни луњи што злокобно пиштат Македонија му се причинува на Шопов како галија среде црни бранови која „ко ѕвезда им пркоси на брановите и со времето спори“ за да рече во самата поента на песната:

Разнишана од бури и породилна агонија
галијата плови низ бурите ту изчезнува меѓу брановите ту изронува од нив
со име Македонија.

Последната песна што воопшто ја напиша Ацо Шопов има, исто така, мошне индикативен наслов за неговото македонско историско становиште. Таа гласи: „Патување во родниот крај − средба со светот“. Во оваа песна преку трагиката на ранетиот војвода, Шопов ги открива најдраматските јазолни точки од историјата на Македонија. Во неа Македонија е населена во секој стих. Но во секој стих, истовремено, нејзината судбина е поврзана и неразделна од судбината на светот па ќе рече:

со црни дамки испрскана судбина на мојот народ
што се бори и збратимува со судбината на светот.

Ацо Шопов е свесен дека во оваа смисла македонската историја не е никаков исклучок. Откривајќи ја својата земја „распарчена и разграбена од темни братоубиствени војни„, тој открива дека во светот има многу народи со граници „што како нож го засекле живото ткиво на народите / и нивната единствена судбина на парчиња ја исекле / па место својот живот да го живеат / го калемат на туѓи судбини и небиднини“. Затоа и доаѓа до капиталната своја идеја да ја испреплете судбината на Македонија со судбината на светот, свесен дека со народите е исто како и со луѓето − не можат да се сфатат и откријат себеси ако не ги откријат и сфатат другите во себеси. И тоа беше последната поеткса порака на Ацо Шопов. А денес пак кога ужасите на војната на некогашните југословенски простори се шират од север кон југ, кога монструозната хиена на оваа војна татни низ мрачната, заканувачката, пакосната, злокобната балканска ноќ, сакам да речам дека неговата поезија беше и остана против самиот дух на мракот, против начелото на темнината во човекот и затоа ние можеме во неа да најдеме денес душевна база за понатамошен напредок на свеста за еден почовечки фундиран живот.

А кога вечер гледал како и зората зазорува црна од неговото црно сонце, со крвави траги од бесмисленото убивање, кога ги слушам злокобните артилериските стрелби и урнатините во душите и лелеците на луѓето јас го слушам гласот на Ацо Шопов, оној познат рефрен од неговата поезија „Треба да бидеме подобри!“, бидејќи Ацо Шопов живееше и пееше во името на градителските сили во човекот дури и тогаш кога пееше за човекот како празнина што самата се пали и за земјата пустелја од мртов плач израсната. Метафизичките и етичките јанѕи што извираат од неговата поезија доаѓаа од оние навистина капитални прашања кои неговата поезија, особено во Гледач во пеплта, ги постави и пред кои сме денес исправени со уште поголема загриженост од кои ни доаѓа не само морничавоста, туку и онаа катадневна ментална трема што ја живееме денес пред големата неизвеснот на човечката опстојба, пред речиси апокалиптичните слики што толку констернирано ни ги открива неговата позната песна „Долго доаѓање на огнот“:

Својата последна клетва реките ќе ја речат,
и ќе секнат, ќе престанат да течат.

Небото ќе се сруши.
Ќе се стркалаат планини. Ќе завладеат суши.

Ќе се измешаат ѕвезди и ѕверови, отрови и ниви,
и нема да се знае повеќе ни кои се мртви ни кои се живи

Тие прашања се предупредувачки и имаат длабока хуманистичка база. Ако се преведат oд јазикот на поезијата на јазикот на философијата би можеле да гласаат: Зошто и покрај тоа што материјалните и технолошките благодети во нашата цивилизација брзо се шират, хоризонтите на добрината, сепак, како сѐ повеќе да се стеснуваат? Зошто човечноста меѓу луѓето и народите, и покрај речиси милениумските крвави репризи, наместо да се озарува низ Земјава, таа како се повеќе да избледнува и исчезнува:

Сега сме два света, два врага, две завојувани страни,
сега сме војна без излез и кама против кама.
Кој е победен? Кој победник? Кој со изгрев на осмислени рани?
Изгасни песно во огнот што го запали сама.
(„Гледач во пепелта“)

Зошто вечната и крвава загатка на тоталниот проблем на човечката егзистенција и понатаму, покрај сѐ, останува без хуманистички расплет, па наместо една среќна човечка Земја над нас се повеќе да се надвиснува она речиси митско црно сонце што црни истура дождови:

Кој тоа над нас стои, кој тоа над нас ѕида
за да нè закопа живи во мртва пирамида.
(„Црно сонце“)

Најпосле, во што е големината на човекот, зошто е, како ќе рече Шопов, човекот огромен, а океанот мал, кога сѐ на светов завршува на еден ист и неизменлив начин − со и во небиднина и кога цел живот само патуваме од себеси до својата небиднина?

Одговорите на сите овие навистина примордијални прашања во најдлабок и во најконцентриран вид ги среќаваме во неговите најзначајни книги: Небиднина, Гледач во пепелта и Песна на црната жена. Тие се поетски артикулирани на следниов начин: Драмата на човекот и со самото тоа драмата на поезијата е во човекот фаустовски и прометејски отпор против силите на злото и на човечкиот злостор, во нивното спротивставување на времето и минливоста, на исчезнувањето, на фуриите на историјата, на заборавот. Ацо Шопов длабоко веруваше дека само човекот остава трајни и неодминливи траги кои го прават него жив и кога тој си заминува од животот, дека само тој ја победува смртта и небиднината, вградувајќи го својот дух, или својата песна во големите столбови врз кои се држи, трае и одвива бескрајот на човековата историја и историјата на човековиот бескрај.

Нуркајќи така до јадрото на битието и небиднината, Ацо Шопов не ја најде смислата на егзистенцијата во ништотноста на животот. Напротив, тој веруваше дека човечкиот свет не е царство на мртви и разурнати нешта, дека животот во својата највиша човечка пројава, токму како поезијата, значи победа над смртта и небиднината кои својата беспомошност наспроти поезијата ја откриваат дури низ самата поезија, во која се разголени, во која го добиваат својот израз, т.е. својата смисла, но не само како престанок на животот, туку и како почеток на едно ново негово одвивање, кое, иако трае само во памтењето, не е ништо помалку живо и животворно. Смртта значи не ја уништува поезијата. Само поезијата како највиша еманација на човечкиот дух, ја трансцендира смртта. Токму затоа што е така, Ацо Шопов, поаѓајќи од фактот толку неумолив, дека на секоја неизбежен крај небиднината ги исполнува сите места, ја воспеја големата и непрекинлива борба на човекот и на поезијата да се надмине минливоста, ништожноста, смртта, ентропијата воопшто. На тој начин, поезијата на Ацо Шопов даде маса сугестивни поетски аргументи дека човекот кој ја носи небиднината како свој сопствен крст е посилен и потраен од самата небиднина, од смртта и пропаѓањето како такво, зашто човекот во светот не одминува како прашинка, туку се воспоставува трајно во него кревајќи со своето дело паметници на духот кои се потрајни од него самиот. И големата, трајна хуманистичка порака на поетското искуство на Ацо Шопов во која е и самиот вграден го резимирам во неговата длабока вера дека ништо до што допрел човековиот дух, дека ништо од она на кое е втисната неговата трага, човечката трага на умот и духот, не пропаѓа во ништотност, дека човекот во историјата трае толку трајно колку што по него трае неговото сопствено дело. А песната на Ацо Шопов, и по десетгодишнината од смртта на нејзиниот автор, не само што истрајува, туку и сѐ повеќе ја зголемува својата поетска сила. Најпосле стиховите што ги испеа најповеќе се однесуваат нa нeгo самиот:

Крстот им беше лесен, пепелта не им е лесна.
Мртвите ќе умрат тогаш кога и нивната песна.
(„Долго доаѓање на огнот“)

_____________
* Текстот е објавен во Лик, културен додаток на Нова Македонија, 22.04.1992