Илинка Митрева

Илинка Митрева

Тишините на Шопов*

Илинка Митрева 

Ако една од големите дефиниции на уметничкото дело во овој век гласи дека тоа, делото, е она што човекот успева да го оттргне од случајот, тогаш поезијата на Шопов е, сигурно, она што тој успеал да го оттргне од тишината. Ова уште на самиот почеток упатува на една нужна симплификација или, поточно, формализација: воспоставување на активниот дуалитет говор/тишина, дуалитет кој ние сакаме да го читаме не само како и низ односот на опозицијата туку и како однос на две комплементарни категории, бескомпромисно и фатално впрегнати во еден од клучните процеси на човековата мисловност: процесот на создавање смисла. 

Што може човекот? е прашањето што си го поставува господинот Тест, алтер егото на Валери. Човекот може да говори и да биде господар на светот, зашто јазикот е најчистата форма на моќ во него. Оној што зборува е моќен и жесток. Тој ја поседува власта на именувањето, едновремено најреакционерната и најпродуктивната, онаа која од немоста на изговореното со еден единствен гест, или, ако сакате, со особен вид декрет, создава нова природа, насочена и звучна. Во тој чин на именување, демиуршки по својот карактер, е впишана севкупната интелигибилност на светот: тој чин е ништо повеќе и ништо помалку од „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“, како тоа поетички стегнато ќе го изрази Шопов во насловот на една од своите клучни песни. 

Вториот елемент од веќе воспоставениот дуалитет, тишината, освен онтолошката вредност на небиднина, поседува и еден антрополошки квалитет: кај Шопов таа се здобива со димензиите на организирана мрежа опсесии. Тишината не како е како спокој, не како мир, ниту како смрт. Парадоксално, но не и вообичаено за автор кој поседува еден вид посттрагички сензибилитет, е трагиката да ја замени со моменти на блага апокалипса.

Постојат повеќе рамноправни планови на читање на тишината кај Шопов, од нив може да се идентификува еден елемент на истоветност: таа е сватена како креативен принцип. Притоа, не е толку значаен исходот од креацијата, туку нејзиниот тек. 

На едно прво рамниште тишината се јавува како состојба на присила. Поетот е осуден на тишина. Таа е негова судбина:

Нема никој „збогум“ да ми каже
иако е сѐ живо и будно 

Дури и тогаш кога поетот е оној од кого тргнува комуникацијата, кога тој е оној  што сака да говори, па макар и во форма на монолог, неговиот говор се остварува низ полутшина: 

Збунет шепнам 

Овој копнеж по збор, по општење, во средината на која таа форма ѝ е примерена − земјата на луѓето −  се радикализира кога поетот ќе се најде среде природа:

Како често, в таа зора блага
Сам сум овде… ниту еден вик

Нема заедништво меѓу човекот и природата. Тој може да ги ослушкува нејзините звуци:

Темниот удар на крилото
Темно ја сече тишината 

Да му се восхитува на вегеталниот и космичкиот поредок на нештата, но тој никогаш нема да може да остварин нешто повеќе од поглед што не му се возвраќа: 

Јас сум лотка осудена
на судир со непознатото
 

Останува третата можност: ако човекот е осуден на тишина и од човекот и од природата, тогаш, за да биде, за да постои, тој мора да прибегне кон врвна итрина, кон метафизичка измама: од самата тишина да направи соучесник, да ѝ даде призвук на антропоморфност, да ја умилостиви низ бодлеровската инвокација, интимно и просто да изговори: mоn ѕеmbаblе, mоn frеrе. 

Така и само тогаш се остварени претпоставките за дијалектичност во парот говор тишина: 

Ако носиш нешто неизречено
нешто што те притиска и пече
закопај го во длабока тишина
тишината сама ќе го рече.

Со обрт на маѓепсник, низ спасоносен жонглерај −  и најпосле −  зошто да не: како сводник меѓу говорот и тишината, поетот стасува до песната. Станува јасно дека тој што низ песната извршил чин на судбоносно кладење го има правото неа да ѝ го постави највисокото барање: 

Забоди се непогрешно в срце 

Тишината сега е именувана во песна. Со тоа, од неа е избиен нејзиниот онтолошки или антрополошки набој. Таа станува само еден од елементите на писмото. Но тоа е почеток на нова слобода. Осиромашена, прикратена, соголена од својата философска димензија, тишината влегува во нова авантура: во она кревко, а сепак огромно и речиси несогледливо треперење на смислата кое му дава форма на светот и чие име е литература.

* in Творештвото на Ацо Шопов: симпозиум по повод 70-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, Скопје, 1993