Средба со Шопов*

Лазар Манчевски-Пинџур

Денеска, по 40 години, со извесна романтика ја доживувам средбата со мојот соученик и соборец Ацо Шопов. Оваа средба во мене беше потсилена со фактот што во градот на Брегалница не одев со намера да се сретнам со него, туку одев по задача и конспиративно да ја извршам таа; одев кај другар од штипската партиска организација. Тоа ако не се лажам беше во пролетта, ако не и порано, во 1943 година. Ми беше поставено од Велес итно со воз да заминам за Штип по задача од скоевската организација (а СKOJ-от ја добил задачата од МК на КПМ во Велес) за да однесам поверливо писмо до одговорен другар во Штип.

Колку се сеќавам, според реконструкцијата по ослободувањето, тоа беше братот на првоборецот од Штип Мијалчо Ивановски-Мало по име. Успеав многу брзо да го најдам, според претходното објаснување, маалото и куќата на семејството Иванови. Поседовме со другарот во малата сoбичка, па откога ја извршив поставената задача, се упативме кон градот. Тој одеше многу оддалечено од мене. Во еден момент, на патот кон жел. станица, ми даде знак да затстанам. Помислив најлошо, па се преправав дека си ги уредувам чорапите, така наведнат. Но, за среќа излезе ретка и несекојдневна средба. Од спротивната страна ми се приближуваше слабичко и црномурно момче, мои години. Откога застана момчето до нас, другарот, без двоумење, ме запозна и му го кажа името.

Тоа беше Ацо Шопов. – Јас одвај го изустив своето, помислувајќи на конспирацијата што бевме должни да ја спроведуваме. Потоа, другарот се сврти кон мене, па мислејќи дека сум од Велес, ми вели:

„Вие во Велес го имате Кочо Рацин, ние во Штип Ацо Шопов. Нашиот поет е многу помлад, но борбата ќе го созрее.“

Јас молчев за себе, но повторно го фатив Ацо за рака, го стегнав поцврсто и се прегрнавме.

Мене ми стана потполно јасно дека се среќавам со другар и младинец кој пишува песни. Другарот, партиски активист, нѐ напушти и се врати кон градот. Со Ацо стоевме не повеќе од неколку минути; опасно беше подолго да се задржиме заедно. Јас морав да брзам за возот и по час-два да дадам извештај на другарите, односно на мојот другар Анче Андреев, за извршената задача.

Ацо и јас се бевме ослободиле, па тој директно ме прашаше што пишувам сега, Јас му реков „малку пишувам“, па му ја кажав песната „Илинден жив е… Тиранот див е…“ Ацо се впушти во кажување на стихови од свои песни, но ми спомна неколку од кои можев да видам дека ова 19-годишно момче многу повеќе создава од мене. Не знам колку за него, но за мене средбата со Ацо беше редок настан и силен поттик да се пишува поезија, пред сѐ, борбена поезија во ова време.

Потоа нашиот пат водеше во затвори, интернации и оружена борба против фашистичките окупатори и сите непријатели на македонскиот народ. Но, со оружје в рака пред сè, а и со песна, ја извојувавме слободата, па кога ќе се сретневме во слободата, средбата од Штип во мрачната 1942 година, ни беше живо и сеќавање кое никогаш не се заборава.

__________________
* Лазар Манчевски-Пинџур: Живо и незаборавно среќавање со Ацо Шопов во окупаторската 1943 година.—  Современост, 1983, год. 33, бр. 4, стр. 87-88