Сонце во сонот*
(Околу песната „Има долу една крв“)

Влада Урошевиќ

Зошто токму ова песна? Откопувајќи пласт по пласт на минливите нанеси, таа оди кон јадрото на постоењето: и она колективно, и она лично. Всушност, во тоа јадро што оваа песна ветува да го открие, личното се препознава во општото, општото во личното. Органското во оваа визија го условува она што е духовно, историското она што е денешно. Предокот и потомокот се препознаваат низ крвта, си подаваат рака. Се меша крвта низ векови: крвта − носител на некакви дамнешни колективни искуства и крвта − потстрекнувач на личниот немир. Личната судбина е предодредена со судбинските патишта на предците; националното постоење продолжува низ безбројните врутоци и вители во крвта на поединците. Два круга на крвта − едниот во поединецот, другиот во колективот − се затвораат во еден.

_________
*Текстот е објавен во Нова Македонија, 11.12.1966, стр. 11.