Словенечките преводи на поезијата на Ацо Шопов: Дваесет години од смртта на поетот*

Намита Субиото

Во прилогот најпрво ќе наведеме неколку општи информации за објавувањата на словенечките преводи на поезијата на Ацо Шопов и за рецепцијата на неговата поезија во Словенија, а потоа ќе се обидеме да направиме анализа на преводите од словенечкиот поет Иван Минати на стихозбирката Слеј се со тишината, поточно со песните од циклусот „Убавината”.

Словенечките преводи на поезијата на Ацо Шопов

Поетското творештво на Ацо Шопов на словенечката публика ѝ e претставено во три антологии на македонската поезија, а во целост е преведена и неговата стихозбирка Слеј се со тишината. Според прегледот на преводите на современата македонска поезија на словенечки јазик од Ирена Новак Попов (1997), до сега на словенечки јазик се преведени и објавени околу дванаесет книги од македонската поезија, во тој фонд се трите спомнати антологии, но во последниве дваесет години словенечки преводи од современата македонска поезија се многу ретки, посебно како одделни книги. Ситуацијата малку се подобрува со повеќејазичните зборници на поетската манифестација „Виленца“, со преводи од современите македонски поети во периодиката (списанието Апокалипса) и со елктронскиот проект „Бабилонија“.

Словенечкиот читател за првпат поконкретно и на свој јазик со македонската поезија можел да се запознае од антологијата Македонска поезија (1948) со изборот и преку предговорот на Фран Петре. Во неа од Ацо Шопов објавени се песните „Очи“ и „Истранка“, во превод на словенечкиот поет Богомил Фатур (стр. 91-96). Во преводите на Фатур можат да се препознаат некои симболистички и ескпресионистички искуства, па би можеле да речеме дека тој поезијата на Шопов ја преведувал според сопствените лични афинитети на планот на поетското искуство.

Во втората Антологија на современата македонска поезија на словенечки јазик со наслов Sodobna makedonska poezija (1963), составена од Алексндар Спасов, се наоѓаат следниве песни од Ацо Шопов: „Промената“, „Ах таа убавина“, „Го барам својот глас“, „На езеро“, „Лов на езеро“ од стихозбирката Слеј се со тишината и уште пет песни од поранешните стихозбирки.

Во третата антологија Блаже Конески, Ацо Шопов, Анте Поповски, Јован Котески: Песми (Љубљана, Младинска књига, 1976) составена од Георги Сталев, со песни на Ацо Шопов од збирките Небиднина и Гледач во пепелта, а како преведувачи се јавуваат Северин Шали со десет и Јоже Смит со шест преведени песни.

Поезијата на Шопов во Словенија за првпат самостојно е претставена со стихозбирката Слеј се со тишината (Zlij se s tišino), во превод на Иван Минати (1957). Тоа е и прва стихозбирка на некој македонски поет печатена на словенечки јазик. Како автор на предговорот пак, се јавува Фран Петре, којшто, како што запишала Бистрица Миркуловска „со цел во словенечкото јазично подрачје да се одржи континуитет со она што е веќе познато од првата антологија од 1948 година, а пред Слеј се со тишината додадени се два циклуса; „Очи” со песните „Ljubezen“, „Oči“, „Sanjarjenje ob bregu jezera“ − на восхит кон херојската борба за ослободување на татковината, меѓутоа веќе се насетува поврзување на општото со интимното; и „Разговор са сином” со песните „Sanje, ki ne bodo umrle“, „Razgovor s sinom“, „Trepet“, „Ne ljubi me“, „Življenju naproti“; кога човекот − херој во борбата, станува осаменик, сонувач, туѓинец меѓу блиските, човекот со пукнатини во љубовта и искршени семејни односи, неспкоен бегалец низ животот“.

Рецепција на поезијата на Ацо Шопов кај словенечката публика

Преводот на збирката на Шопов добила одлични оценки и пофалби од страна на словенечката критика на страниците од весниците: во списанијата Ljudska pravica (Janez Menart), Večer (Jagoda Florjančič), Knjiga (Rapa Šuklje), Naša Sodobnost (Marjan Brezovar), Naši Razgledi (Lozje Krakar), Delo (Ciril Zlobec). Марјан Брезовар во својата критика се обидел да ја оцени адекватноста на преводите од Минати. Во словенечката јавност сите три споменати антологии биле добро прифатени. (Попрецизна анализа на рецепцијата на поезијата на Ацо Шопов кај словенечката публика во цитираната статија на Ирена Новак Попов).

Анализа на преводите од циклусот „Убавината“

Првиот циклус во збирката Слеј се со тишината со наслов „Убавината“ се состои од девет песни: „Убавината“, „Во тишина“, „Промената“, „Ах таа убавина“, „Кога ти е најтешко“, „Младост“, „Го барам својот глас“, „Кон галебот што кружи над мојата глава“ и „Нотр Дам“. За римата и метриката во словенечките преводи на овие песни и за прозадиските разлики во системите на двата јазика пишувала Бистрица Миркуловска (1993). Во оваа анализа ќе се обидеме да направиме една споредба помеѓу оригиналот и преводот во рамките на семантичкото ниво на песните од циклусот “Убавината” и ќе ја провериме констатацијата на Ирена Новак Попов (2000; 265), дека Минати го преведувал Шопов така што конгениално го дополнувал и објаснувал, веројатно од аспект на сопствената поетика. (До слични заклучоци дошол и М. Брезовар, кој рекол дека Минати надополнува едноставен и концизен израз на Шопов).

Ако првин ги споредиме насловите на песните од овој циклус, можеме да видиме дека тие скоро сите се преведени без некои особености, значи семантички сосема се прекриваат. Некои разлики има само во насловите „Ах таа убавина“, во превод „O, kakšna radost“ и „Кога ти е најтешко“ во превод „Kadar ti je težko“. Во првиот пример именката „убавина“ Минати не ја преведува со соодветен словенечки збор „lepota“, туку ја заменува со именката „radost“, со што попрецизно ја илустрира (да не речеме ја толкува) атмосферата на песната: зборот „radost” овде го зголемува восхитот, возбудата односно еуфоријата на лирскиот субјект, додека во вториот пример ситуацијата е малку поинаква. Насловот „Кога ти е најтешко“ Минати го превел како „Kadar ti je težko“; суперлативот „најтешко“ го заменил со позитивот „тешко“, со што попрецизното значење станува поопшто, односно порелативно; наместо значење „(само) кога ти е најтешко“ добиваме значење „(секогаш) кога ти е тешко“.

Поголемата прецизност на поетската слика или пораката на песната, во преводот може да се види и во песната „Во тишина“. Веќе првиот стих „ако носиш нешто неизречено“ Минати го преведува со додатокот „če nosiš v sebi “, додека за синтагмата „нешто неизречено“ наместо директен неутрален превод како „nekaj neizrečenega“ тој синтагмата ја заменува со „zamolčana beseda“, со што значењето на синтагмата станува попрецизно, но истовремено со ова песната губи некои конотации: „нешто неизречено“ претставува едно поенигматично, помистериозно значење отколку „zamolčana beseda“ (премолчан збор). Освен тоа, синтагмата: „zamolčana beseda“ носи и значење на „нешто што некој не сака да каже“ а не „нешто што некој не може да каже“, односно да искаже. Пак, во преводот Минати останува верен на концептот на разбирање на оваа синтагма, што може да се види и во последниот стих коjшто завршува „tišina jo („zamolčano besedo“) zama to izdala“. Значи, премолчаниот збор, што поетот односно лирскиот субјект го носи во себе, тишината само ќе го открие, издаде, предаде (а не „рече“ односно „каже“). Токму во оваа песна (најмногу) доаѓа до израз констатацијата на Блаже Китанов (1998: 95) дека тишината кај Шопов е симбол на плодноста, а посебно дека таа имплицира говор и претставува еден внатрешен крик на битието.

Заклучок

Анализата на преводите од циклусот „Убавината“ (од стихозбирката Слеј се со тишината  / Zlij se s tišino) на Ацо Шопов на словенечкиот поет Иван Минати покажа дека Минати одлично го разбрал поетскиот израз на Ацо Шопов, дека влегол во подлабоки слоеви на неговата поезија и дека од таа длабочина и ги интерпретирал, односно подобро го прецизирал едноставниот и концизниот поетски израз на авторот. Од ваквите интерпретативни преводи понекогаш може да се загуби некоја од останатите можности за разбирање на оригиналот, но Минати со помош на сопственото поетско искуство никогаш не ја нарушува внатрешната логика (односно порака) на оригиналната песна, а со своето интерпретативно нијансирање на оригиналните песни на Шопов на словенечкиот читател понекогаш дури и му го олеснува читањето.
______________________

Литература:

  • Блаже Китанов, Ацо Шопов: живот и дело, Скопје, Култура, 1988.
  • Бистрица Миркуловска, Слеј се со тишината – Zlij se s tišino
  • Творештвото на Ацо Шопов, 1993
  • Ирена Новак-Попов, “Sodobna makedonska poezija v slovenskih prevodih во зборникот Македонско-словенечки научен собир (јазичните, литературните и културните релации меѓу Македонија и Словенија, Охрид, 22-23 август 1997). Редакција: Нада Петковска, Људмил Спасов, Скопје, Филолошки факултет „Блаже Конески“, 2000, 261-286.
  • Фран Петре, Македонска поезија. 
  • Aco Šopov, Zlij se s tišino, prevedel Ivan Minatti.  Spremna beseda „Makedonski pesnik“ Fran Petre. Ljubljana : Državna založba Slovenije, 1957. 72 str.
  • Ацо Шопов, Песме, избор Георги Старделов, Београд, Народна књига.

_______________________
*Текстот е објавен во Современост,  бр. 1, 2003, стр. 13-16.