Воздигнување кон светлините на животот*
(Ацо Шопов: Дрво на ридот – „Мисла“, 1980.)

Кирил Бујуклиев

При првичниот приод кон поезијата во најновата книга на Ацо Шопов, Дрво на ридот, може да се рече дека болеста и осамата, жената и љубовта, и родниот предел, татковината и светот, се основните тематски координати. Тие во поетските доживувања и размисли се лоцирани повисоко и пошироко од своите елементарни значења и меѓусебно се испреплетуваат низ емотивни медитации и импресивни асоцијации, тие истовремено и се вкрстуваат во двете симболични фокусни ознаки – Изгревот и Залезот, меѓу кои се простира бескрајноста на исконските неминовности и судбини, на минливоста и обновувањето, на стравот и пркосот, на очајот и надежта, на мрачните напливи и светливи животни жуборења, па дури и на одгласите на историјата и на визиите на иднината.

Во тоа испретплетување и вкрстување на основните тематски координати и во тоа простирање на збиднати и очекувани процеси, состојби и појави, поетот излегува од својата интима и подалеку од неа се бара себеси, со тивка мисловна страст се бара во времето минато и времето идно, во родниот Штип и во Жоал, во пределите и луѓето на Македонија и Црна Африка, во видените и невидените пространства и „во огромната бучава на светот“, во кои со „тело закоравено“ и низ „облаци темни“ се загледува од врвот на штипскиот Исар (на „светскиот Исар“), од врвовите на Шapa, од „едно мирно бистро спроти Операта“ во Париз, од длабините на крвта што не мирува и што „ги длаби старите и отвора нови рани“.

Се бара така поетот и се пронаоѓа, се открива себеси (или дел од себеси) среде „темни ветришта“ и „грозоморни молњи“, „во некоја невидлива пупка на црвен трендафил“, во громот што „расцветува во звездана мисла“, во сраснатоста на двете раце (црната и белата), во своето детство – недетство и во неостварените желби на децата од разни меридијани, во пејзажите и судбината на својот народ и својата татковина, и во сличноста на таа судбина со судбините на многу народи во светот. Се бара така поетот и се открива надвор од себеси (а сепак во себеси) истовремено транспонирајќи ги во лирски созвучија спонтаните асоцијативни летови на срцето и мислите, трагите и предизвиците на времето и просторот и загатките и замките со кои се обрастени изодените и неизодените животни патишта. Откривајќи се себеси во една временска и просторна бескрајност поетот ја препознава и Македонија во светот, како што и светот го препознава во Македонија и во својата творечка интима.

И како резултат на сето тоа, надвишувајќи се над сенката на болеста и стремејќи се кон сончевината и кон разбранетоста на животот, на тоа „огромно пламено дрво“, во чиишто крошни „илјада други птици ноќевале… и исчезнувале со раните утрински шумови“, поетот на универзални релации воспоставува лирско медитативни односи кон смислата на човековото живеење воопшто, кон смислата на меѓусебната условеност на човекот, просторот и времето, и конечно – создава поезија на низа уверливи идентификации на посебното и општото, при што патриотското и космополитското чувствување имаат вредности на еднаквозначајни човечки достоинства, создава поезија со интензивен ритам и со низа каденци на емоциите и мислите, поезија со белези и својства на неговата нова творечка насока започната со претходната поетска книга Песна на црната жена. Таа поезија, низ која како опсесивна нитка се провлекува воздинувачката линија на вербата во светлините, во опојните вина на сончевината, колку што може да се карактеризира како лирско-исповедно отворање кон човекот, времето и просторот, исто толку (и повеќе) може да се именува како мисловен говор на срцето и крвта распеани и замислени над езерото, кое „се шири и додека не ја најде својата утеха во светот, не ќе може никој да го смири“. Тој говор не ги заобиколува течните глетки и сознанија, напротив, најдиректно се соочува со нив (се чини за да им пркоси), и од песна во песна и од циклус во циклус, сѐ повеќе се воздигнува кон убавините на животот, кон врвовите од кои може да се види и да се ослушне бескрајноста, кон висините од кои може да се гледа „идниот свет, а во него и Македонија“. Тоа, меѓу другото, заедно со веќе споменатата опсесивна нитка на вербата во светлините, ја осмислува тематската и ритмичката целовитост на поезијата во книгата Дрво на ридот, која уште по првите прочитани стихови го предизвикува љубопитството на читателите, и која, (треба на крајот неодложно и тоа да се каже), е збогатена и со извонредните ликовни прилози на Петар Глигоровски.
________________________
*Текстот е објавен во Комунист, 18.07.1980.