Ацо Шопов како сатиричар*

Јус-универзум, ислустрација на Дар Мар

Јус-универзум, ислустрација на Дар Мар

Миодраг Друговац

„Во младоста бил нежен лиричар,
а сега е лут сатиричар.”
А. Шопов

Творечката биографија на Ацо Шопов е пред сè биографија на суптилен лиричар, којшто, метаморфозирајќи од првите песни напишани во ученичките години спроти Втората светска војна и во текот на НОБ и Револуцијата, како учесник во неа, до песните во збирката Дрво на ридот од годините на неговата полна творечка зрелост, е поет на љубовта, борбениот и градителскиот ентузијазам, тенкогласната и не ретко префинета, топла и меланхолична интима, лирската рефлексија во која, како во некое подвижно животно огледало, се препознаваат поетовите дилеми и неспокојства пред човечката и националната драма, во еден лирски времеплов каде што меѓу рефлексијата и интимата се воспоставени многубројни семантички нишки на дијалектичка поврзаност, поетичка подразбирливост. Тој и таков Ацо Шопов, се чини, е без дилеми пред критиката, општоприфатен од неа и од културната јавност, со свое мошне истакнато место во македонската книжевна историја. Фактот што и книжевната историја веќе во овој момент е без дилеми во однос на трајноста на поетското дело на Шопов, бездруго е најсигурен индикатор на естетските, националните и општохуманистичките достоинства на ова дело, зашто не е секој поет, припадник и на првата повоена генерација македонски писатели, со обезбедена легитимација на книжевната историја.

Но, Ацо Шопов ни е познат и како поет-сатиричар: во 1968 година е објавена неговата во многу нешта единствена книга на сатирични песни Јус-универзум, во издание на скопска Мисла, со која книга поетскиот свет на овој наш дотогаш исклучителен лиричар е проширен со една и нова и специфична димензија, и во чие сатиричко артикулирање тој внесе многу од своја лирска природа и интелектуална честитост. Кога се појави, уште пред да биде објавена во книга, тој вид поезија како да претставуваше извесен куриозитет, а за скептични духови и повод за размислувања околу прашањето за натамошната лирска судбина на овој поет! Како да отпрвин и не можеше да се сфати дека поетот на небиднинското во човечкиот и националниот времеплов, само ги смени аглите на опсервацијата и само ги смени средствата за артикулирање пак на небиднинските свои преокупации, сеедно што овојпат тие се всредоточени на некои, секако и профани, митови на секојдневието, со обид да бидат демитологизирани и тоа со самиот факт што ќе бидат симнати од својот висок, својот торжествен пиедестал – како што е речено еднаш по повод алегориско-сатиричната песна „Пат“ на Бранко Радичевиќ!

Но, тоа е нешто друго: Бранко ги демаскира личностите и појавите од еден историски времеплов што ги зафаќa бреговите од три книжевни епохи – славеносербската и рационалистичката, класицистичката (псевдокласицистичката) и романтичарската, со широк спектар на мотиви: од пресметки со првиот антивуковски ешалон, чии копјаници се и писатели, и црковни великодостојници, и уредници на пештанската Матица српска, до карловачките професори и србијанските политичари и чиновници на династичките режими. Мотивите во сатиричната поезија на Ацо Шопов, сепак, немаат таков широк историски распон; тие како да се од почвата на едно време и на прв поглед со секојдневна, профана орнаментика со ограничена или барем незнатна референцијалност за преминување преку Рубиконот на секојдневното. Мислам дека еден ваков впечаток е можен, пред сé поради факторот на директноста на сатиричниот исказ на Ацо Шопов, без оглед што во одделни песни („Јус-критичар“, „Јус-поет“, „Јус-прозаист“) алузивниот слој, тука и таму дури и премногу флуиден, е гарант на еден семантизам на нивната структура со препознатливи лични генералии на оние кои што го инспирираа поетот за првиот акорд на песната.

Од таа директност до дидактичноста на искажувањето е само еден чекор. Од прагматичноста на мотивот до неговиот изразно-стилски адекват патот не е толку краток колку што е предвидлив со јасни идејни меѓници: поетот е тука да сигнализира, да ѕвони на тревога, да бара отчетност за девијантните појави од кругот на одредени конфесии, писателски, политички и други профили на општествени дејности и функции, покажувајќи со својот духовен показалец каде се наоѓаат бункерите на човечките искривоколчености и општествените црнила.

Во сатиричните песни на Ацо Шопов појавите, до колку се и персифлирани, тоа е проследено со остра иронија што секогаш е во служба на најдиректното атакување против неименуваните носители на општественото зло, според лозунгот: важни се појавите, важно е самото тоа зло, кое треба да се регистрира, маркира, обелодени, а нивните носители и така и така не ни се непознати за да би морале да ги именуваме. Во тактичноста на Шопов не е тешко да се одгатне и една мудрост: имено, и како сатиричар тој е поет, а не политички референчик од каква општествена трибина!

Како да со Јус-универзум се пополни една голема празнина во македонската поезија, а не е безначаен и следниот податок: Ацо Шопов со сатирична поезија се јави во време кога негативните појави во нашето социјалистичко општество почнаа да му се закануваат на неговиот морален лик, девалвирајќи ги хуманистичките придобивки на нашата народна и социјалистичка револуција, дехуманизирајќи ги на тој начин односите меѓу луѓето и на поширок план поткопувајќи ги со тоа темелите на самата Peволуција. Како сведок на таа морална хаварија на одделни општествени структури, со закани извесни ексцесни состојби да прераснат во епидемија на алчности, сервилности, стоково-потрошувачка шизофренија, конференцијашка фразерска плиткоумност и идолатрија, Шопов како револуционер, општественик и поет со висока идејна и интелектуална чесност го крена својот глас, всушност, во одбрана на идеалите на својата револуционерна младост, го крена својот глас како што се крева меч против непријателот на татковината и хуманизмот на нашата самоуправно социјалистичка перспектива. Тој за момент ја одложи својата преднапрегната лирска струна со кантиленски и рефлексивни созвучја, прифаќајќи го предизвикот на времето и оддолжувајќи му се на повикот на својата револуционерна, граѓанска и уметничка совест.

Во збиркава се објавени 22 песни, со првата „Јус-критичар“ и последната „Јус-откупувања“, во кои не треба да се бара никакво, евентуално, симболично заокружување на оваа поетско-сатирична целост. Сепак, првообјавената песна како да најавува критички однос, критички тон, критичка пресметка со негативностите на општ и поединечен план, бидејќи тешко е да се сфати дека и Шопов како сатиричар им подлегна на чаршиските провокации дека, имено, критиката е единствен виновник за состојбите во нашиот книжевен живот. Не е само претпоставка ако се каже дека Шопов немал ни некаква лична причина за незадоволство спрема критиката, освен можеби во периодот на т.н. интимизам како во неговата така и, воопшто, во македонската лирика. Но, токму ова го претставува авторот на Јус-универзум и како објективен критичар, со чувство на одговорност пред мотивот на своето сатиричко актуелизирање, всушност – на еден критичарски егземплар познат не само во оваа, македонска книжевна средина, ами и пошироко:

Неговата стручна експертиза
има само ембарго или само виза.
И додека го гради овој пантеон,
додека на сите им кумува
не ја изумува
својата девиза –
девиза на камелеон.

Камелеонството на критиката е негација на нејзината улога и статус во книжевноста, уметноста, општеството. Секако дека не е само таа повикана да биде дежурен пожарникар, какво што инфантилно и прагматистичко сфаќање не ретко и денес се провлекува за нејзината функција или мисија, со прерогативи какви што таа не може да ги има во тoталитарни општествени системи, каде што отворено се става во служба на дневни политички цели на владеачката бирократија. Критичарот-камелеон е истовремено и јус-тактичар, и јус-догматичар, и јус-рекламер, и јус-дискутант итн., а токму за нив пишува Шопов во другите песни со исти или поинакви наслови. Еден таков критичар:

Цела деценија пишува критика,
но место естетски анализи и проблеми
тој ги решава своите дилеми:
како да се допадне на нечија политика.

Тој е карикатура како човек и како критичар: малечок, денес бонвиван, утре нервчик, којшто има развиен слух за туѓи становишта, идеи и оценки, обично јавувајќи се со своја синтеза по другите, мудрувајќи менторски од високиот трон на својата камелеонски освоена позиција за плусовите и минусите, како што би рекол Шопов, на книжевното дело или појава! Тој не го прифаќа ризикот на истражувањето и вреднувањето од позиција на критичар со сопствено идејно и естетско определување, сопствена критеристика, ами како звучник, трансмисија, продолжена рака на некој клан, група, често и генерација, а кога е тоа потребно служејќи се и со националните и класните симболи во остварувањето на своите политикантски цели. На крајот еден таков критичар обично останува без дело, па кај него се јавува отпор, дури и омраза спрема креативниот дел на критиката. Најпосле – трагичноста на неговата ситуација е толку безизгледна, бидејќи ни позицијата на камелеон повеќе не му гарантира ни најелементарно живуркање од книга до книга, поточно: од една до друга книжевна манифестација.

Гротескноста на еден таков лик од нашето книжевно (уметничко) секојдневие Шопов ја прикажува со мошне едноставни поетско-сатирични средства, често со неколку линии, во контури, препуштајќи им на читателите со асоцијации натаму да го дооформуваат тој лик во сета негова трагично-комична карикатуралност.

Сличен е и ликот на јус-поетот од истоимената песна. Со развиен усет за каков мал, но карактеристичен детал, Шотов до конкретна препознатливост ќе ја извлекува комично-гротескната димензија во скулптурата на тој генерациски шериф со јус-еполети:

Тој е суптилен, тој е фин.
Поезијата од него не се засрамила.
Јава на својата пегаз-камила
повешто и од бедуин.

Во сатирата на Б. Радичевиќ пегазот е – „кљусина јака“, со што е исмеана и лирски девалвирана една митолошка симболика со големи претензии во класицистичката поетика; сатиричната инвектива на А. Шопов е со сличен идеен и уметнички хоризонт (,,пегаз-камила“), иако на удар кај него се појавите од кругот на поинакви поетички провениенции. Зашто:

Чудна е неговата поетска душа:
дома пее, а надвор слуша.

И натаму:

Во неговата поезија има безброј изми.
И никој не може да ја прегази таа поетска река
па макар и да обуе од седум милји чизми.

И во дешифрирањето на целосната смисла на оваа песна како да ни е потребна, како и воопшто, една минуциозност во културата на читањето, дури и со неопходно потсетување на времето и приликите кога тие „безброј изми“, на еден или друг естетски шлагворт, со едно или друго (модернистичко) педигре, се загнездуваа, се забункеруваа и во нашата поезија, перчејќи се со овој свој помодарски флерт дури и кај поетите со превосходно селски сензибилитет и рустикалност во лирската инспирација. Како и секоја литература со дисконтинуиран, задоцнет развиток, така и македонската литература мораше токму во чизми од седум милји да го пречекори растојанието меѓу својата судбина и културата на изразот на историски посреќните европски народи, често и без чувство на критичка селекција преземајќи од тие култури и она граѓански анахроно и она уметнички отфрлено како естетско промашување и рецидив на минатото! Мислам дека и во овој момент (1968) и по овој повод („Јус-поет“ – „Јус-прозаст“, итн.) Шопов ја почувствувал сета противречност, сета дисонантност на тие надживеани изми и сензибилитетот на нашиот човек (поет), т.е. уметничките императиви на нашето време и на нашата општествена перспектива. Главниот плацдарм за ширење на тие изми во нашата литература, од нашата критика е оквалификуван како естетизам, со различни маски, од кои ларпурлaртистичката е само една од најпознатите. На ова укажуваат и следните стихови за јус-поетот:

Страшно го разгневија
нашите банални секидневија.

Стиховите на Шопов отвораат, всушност, една значајна теоретска заграда за отсекогаш актуелната расправа околу едно превосходно естетско прашање: има навистина различни и токму „банални секидневија“, но зарем вистинскиот поет е повикан својот дух да го ангажира само загледан во пурпурот на зајдисонцето и во височините и длабочините на оној јас-универзум врз чии конвулзии се мултиплицираа стихуваните енигми со различни интимистички, а во последно време и неонадреалистички и неосимболистички поетички еха, најчесто и под знакот на лабораториски, механички, чисто церебрални фаќања за тој спасоносен чамец (на една, фактички, рационална, лукаво исфантазирана надреалност!). Па, парадно дефилираат покрај нас се некои навидум нови и тешко сфатливи симболи, со егзотични и поинакви, лексиконски учени и недоволно проучени генеалогии, со маскенбални естетски претензии, а со преплетување на детски инфантилното и естетски нонсенсното, со неологизми од епруветите на една помодарска, впрочем и лесно препознатлива јазичка лабораторија (чии експериментирања во една друга наша јазичка средина се оквалификувани како поетска логореја!), а сѐ со цел – и во случајов! – да се забатшоти вистината за конкретната глетка, она, ако сакате, „банално секидневие“, иако е тоа банално само за банални духови, т.е. за крајно асоцијални, ахумани, отуѓени поетски индивидуалности. Зашто, лирското задлабочување во мотивите на секојдневната животна стварност бара и многу поголема човечка храброст и уметничка автодисциплинираност, одошто да речеме вербалност флерт со хиероглифските шари од над влезните порти на каков наш древен безистан!

А, Шопов, имено, со својата песна меѓу другото сакал и да нѐ предупреди, дека тие „банални секидневија“ можеби и не се толку банални какви што ни се чинат на прв поглед и какви што им се отсликуваат на оние поети кои што една жива, животно вистинита, динамична, социјално и национално и естетски авторитетна симболика, едноставно ја премолчуваат, ја пренебрегнуваат, слепи пред своето а видовити пред туѓото, распеани до запенетост пред магијата на една хиероглифска илуминација, од својата фантаскно-неонадреалистичка волшебна кула, се разбира, и не сфаќајќи што тоа толку човечки трогателно секидневно се случува под нивните апостолски нозе од седум небанални (да не речам: небалкански!) милји!

Тоа е, всушност, слика и прилика исто така и на оној наш јус-прозаист којшто:

Усвитен тргна во поход, во авантура,
а се врати назад со обична згура.

и којшто по таа ацо-шоповска логика на нештата, но и воопшто, бидејќи физиономиите во огледалото на песната „Јус-прозаист“ се релјефно оцртани и без да личностите бидат именувани:

… не признава повисок литературен рид
од Хемингвеј, Давичо и Жид.

Нашиот сатиричар и натаму се придржува кон начелото, дека се важни појавите а не нивните носители, меѓутоа по некој карактеристичен детал од песнава е, речиси, со директна сугестија, и како да тоа и не е сугестија, туку високо кренат показалец со посочување на една или повеќе сосем конкретни личности. Зашто:

За нас напиша безброј возбудливи страници,
а го загреа читателот зад граници.

И, натаму, со уште подиректно посочување во исказот, небаре сака да ја дооформи претставата за ликот:

Се роди во нашите конфронтации
и веднаш се извиши над сите нации.

Ацо Шопов е активен учесник во естетската конфронтација реалисти – одернисти, и нему и личностите и појавите во неа му се изворно познати. Шармот на овие стихови е меѓу другото и во тоа: тие од историска дистанца нѐ потсетуваат на едно време кога со многу младешки елан, па и исклучивости, се биеше битка за нови, демократски односи во нашиот литературен живот, за правото на секој писател (уметник) на своја литературна (уметничка) постапка, свој естетски идеал. Од перспективата на Шопов еден од тие литературни копјаници:

Со поглед стемнет од чад и бура
нѐ убедува од својот естетски врв:
„Јас сум зачеток и јас сум прв,
со мене почнува вистинската литература“.

А тука е и јус-сценаристот, интересен како тип за психо-аналитичко проучување, човек со многу планови, снаодлив (како што би рекол А. Шопов) во сите кланови, претставник на една сомнителна полупрофесија, амбициозен аматер со неаматерски врски меѓу онаа посебна сорта луѓе коишто кај нас некако по инерција произволно се нарекуваат продуценти (?).

Тука е и јус-журналистот, којшто „седмата сила ја предводи како тореадор“, алармант-мајстор (со перо или со микрофон) распнат меѓу своите амбиции и диктатот на самата професија, никогаш доволно сигурен ни во едното ни во другото, обично пред време професионално деформиран и доколку повеќе професионално деформиран дотолку подобро (ќе е) за неговата кариера, зад која најпосле не останува буквално ништо: од весниците стариот Мифтар прави фишеци за семки и леблебии, а изговореното во микрофон се претвора во капка дожд или троа чад некаде меѓу сонцето и облаците!

Тие се многу слични на оние од прекрасната песна „Јус-сатирикон“, што е и една збирна слика на сите човечки глупости и промашености за кои Ацо Шопов ѕвони на тревога во оваа своја вонстандардна книга со јус-догматичари, јус-политичари, јус-дискутанти итн., со свои модели на однесување, свои рецепции и концепции, свои прогресивни анализи и парализи, свои вербални луфтбалони скапи по неколку милиони…

Секој јус-политичар
е одличен аналитичар:
тој анализира,
бира,
комбинира
и нема мира
сѐ додека со прогресивните процеси
себеси не се идентифицира.

Но, тоа не е сѐ! Јован Скерлиќ, иронизирајќи, своевремено пишувал за т.н. министерски пролетаријат кој по секој мандатен период се умножува бидејќи довчерашните министри и не се обидуваат да им се вратат на своите професорски, инженерски, правнички, агрономски и други професии, безделничејќи по кафеани и клубови, „бистрејќи“ политика, чекајќи момент повторно да ускочат во некоја министерска, началничка, дипломатска и слична фотелја.

Меѓутоа, кај нас – не од денес – не е така: сеедно по кој повод ќе го „снема“ од политичка сцена, често и по негова вина, дури и каква крупна политичка грешка, бивш функционер како да ужива доживотен имунитет, сега како пензионер со масни лични примања и други бенефиции, а сѐ благодарејќи им на некакви свои поранешни заслуги. Како да постои за него некакво богомдадено, тестаментирано право, дека тој политички грешник и потенцијален реконвалесцент може да биде и да значи нешто, ако значи, единствено како функционер/политичар „во структурата“, а секое друго занимање за него е или професија од понизок ранг или тој грешник едноставно и нема никаква конкретна професија; човек без професија и не е човек; човек без професија е трут, трагично-гротескна фигура на нашето совремие, затоа и толку арогантен кога е на власта, а обично недошколуван сенештар којшто еднаш ќе ја упропасти просветата, другпат земјоделието, третпат новинско-издавачката установа, и така во бесконечност! А. Шопов вели:

Тој принципите доследни ги гази
во лушпа од пароли и фрази.

Сѐ се менува, сѐ има своја логика и тек,
само тој ќе остане функционер до крајот на својот век.

Сето тоа прозвучува дури и не малку познато, здодевно, па и банално. Кој не го знае тоа? Па, сепак, Шопов е тој што алармира дека зад баналноста на таа вистина стои цел синџир на крупни општествени проблеми, бидејќи со нивното мултиплицирање се јавуваат дамките врз лицето на ова наше демократско, хуманистичко, социјалистичко општество. Тие дамки се перманентна опасност за неговиот морален лик; тие ја предизвикуваат јавноста и совеста на сите нас, наспроти оној блефер од песната на Шопов според кој „системот на работничкото самоуправување е систем на красноречиво надмудрување“. Тоа, самоуправувањето, според Шопов, според нас, не е засолниште на блефери, трутови или, како што би рекол Скерлиќ, детронизирани „министерски пролетери“, некогаш министерски а никогаш – пролетери!

___________________
* ДРУГОВАЦ, Миодраг: Ацо Шопов како сатиричар. — Современост, 1983, год. 33, бр. 4, стр. 89-97.
___________________

За сатиричната поезија на Шопов, прочитајте ги: