Просторот и времето во поезијата на Aцо Шопов*

Науме Радичевски

Науме Радически (1953-2014), македонски писател и критичар

Науме Радически

Времето невреме вистинско е време
Ацо Шопов 

Поетското дело на Ацо Шопов, бездруго, претставува една од најзначајните вредности во совремaнта македонска поезија. Неговиот поетски профил е еден од најкарактеристичните, еден од најспецифичните и најостварените кај нас. Во индивидуалниот развој на овој поет, навистина, дојдоа до израз и некои од доминантните текови во повоената македонска поезија. Но, како автентичен и суптилен лиричар, изразувајќи ги македонскте специфични поетски компоненти, тој не останува имун ни на некои глобални творечки промислувања, што е својствено за сите оригинални и филозофски насочени поети. Оттука, нашето интересирање во овој прилог се однесува токму на преокупациите на Шопов со категориите како што се просторот и времето и со нивните еквиваленти, на кои тој им даде не само сопствени и автентични, туку и навистина, филозофски, универзални вредности и аспекти.

Просторот и времето се посебно забележливи во поновите фази од развојот на поезијата на Шопов, односно во времето кога неговата оригинална лирика влегуваше во благородна симбиоза уште и со една, исто така, оригинална рефлексија. Особено во песните од книгата Небиднина (1963), во кои наидуваме на цел ред суптилни варирања на поетовиот и на поетскиот опфат на просторот и на времето, на нивните меѓусебни проникнувања и симбиози. Се разбира, овие поетски аспекти имаат благ нагорен ритам на присуство уште пред Небиднина, а исто така благ ритам на нивни промени и напуштање во поетските објави на Шопов што следеа по Небиднина.

Просторот и времето, односно елементите што ги одразуваат нив, своето позабележливо функционално присуство во поезијата на Ацо Шопов го најавуваат уште низ првите рефлексивни навеви од Стихови за маката и радоста. (1952), а посебно во Слеј се со тишината (1955) и во Ветрот носи убаво време (1957). На планот на поетскат во раскрсувачките и насочувачки Стихови за маката и радоста се забележуваат сликите на врвот на планината, на румениот залез, на ѕвездениот покрив и слични на нив. Во оваа поезија тие имаат една надреална и првенствено поетска, лирска, отколку филозофска функција. Брзо може да се констатира дека поетот овде е ориентиран главно кон надворешниот простор. Од друга страна, може да се рече дека временската димензија сѐ уште ја нема, па не само што поетскиот хронотоп [во Бахтиноска смисла] е скоро нецелосен, туку, со претходните слики сѐ уште не се ни навестува поетот којшто подоцна, преку еден специфичен егзистенцијален пркос, ќе константира дека „времето невреме вистинско е време“. Со погоре истакнатите слики само се посочува дека овој поет веќе не е „службеник“ на дневно-политичката или на актуелната стварност, туку заточеник на чисто поетските и на индивидуалните творечки пориви, на поетската мисла воопшто.

Самите насловни синтагми на двете следни книги, пак, Слеј се со тишината и Ветрот носи убаво време, веќе упатуваат на поетските истражувања надвор од личниот, надвор од интимниот свет на поетот. Тие се уште и со забележлива насоченост кон проникнување, односно кон промислување на просторот и на времето, како и на разни нивни, главно обединувачки, хронотопски, варијанти и елементи. Овде се сретнуваат веќе бројни поетски одредници на просторот и на времето. Особено се впечатливи суптилните споредби на елементи од просторот со делови од телото. Таков пример се споредбите на очите со брегови во песните „Кон галебот што кружи над мојата глава“ и „Сосем налик на сите брегови“. Покрај тоа, имаме говор на елементи од просторот, па имаме дури и нивно оживотворување, со што и кај Шопов има една поетска актуелизација на митското мислење. Сепак, највпечатлив поетски дијалог со просторот во овој дел од неговата поезија е обраќањето кон небото во песната „Кажи ми небо“ од Ветрот носи убаво време. Целата песна е една извонредна метафора, една исклучителна споредба на човековата индивидуа со просторната бесконечност. Станува збор за едно обраќање на малечкиот, но привремен и мислечки дел од просторот – кон просторот што е бескрај, што е вечност и којшто ако воопшто мисли, мисли според некои за нас несфатливи закони на мислењето. Веднаш се досетувате дека тоа обраќање е искажано со стиховите: „Кажи ми: Небо. Мое небо./ Кажи ми: Небо на тишината“.

Тоа за Шопов е својствено и во други песни, главно подоцнежни, во кои ја варира, односно ја преоживува и ја нијансира оваа споредба. Не може а да не се забележи дека, бидејќи обраќањето во песната „Кажи ми небо“ се однесува кон просторот што е бескрај, што е вечност, кон небото, просторната одреденост е проникната и со временска одреденост. Имено, небото е совршено лапидаризиран синоним од народниот јазик и од народниот светоглед, не само за просторот, туку и за времето, односно за просторот и за времето во нивното неразделно единство. Оттука, можеме да констатираме дека вечните и егзистенцијалните поетски трагања на Шопов од Слеј се со тишината  и од Ветрот носи убаво време, видено и само од аспект на погорниот пример, се насочени кон просторот и кон времето истовремено. Во песната „Кажи ми небо“, имено, просторот и времето се споени уште со еден обединувачки агенс – тишината, која го надоместува недостатокот на времето во некои аспекти на поетската слика. Тишината не само што го исполнува времето во неговото двојство со просторот, туку суптилно ги обединува просторот и времето во една неразделна универзалност. Така, Бахтиновиот термин хронотоп (инаку не непознат и пред него), во случајот на Шопов – се разбира, како поетски хронотоп –, е сосема употреблив уште во оваа песна.

Поетските проникнувања на Ацо Шопов во општите и во посебните категории на просторот и на времето најзабележлива и квалитативно највисока оствареност имаат во песните од Небиднина. Во нив имаме веројатно еден од најсуптилно остварените споеви меѓу лирската и филозофската компонента не само во поезијата на Шопов, туку и во современата македонска поезија пошироко. Појдовната ориентација, односно едно претпоставено поставување во просторот и во времето, имаме во основата дури и на самата поема „Небиднина“. Тоа е највпечатливо соопштено во неколкупати повторениот и многузначен стих „Стебло што самееш на ридот“. Ридот е најприсутна, односно најчеста просторна ознака во поезијата на Шопов, а бидејќи станува збор за нешто што е повисоко во однос на околината, тоа подразбира увид и поглед кон други, кон пошироки и подалечни простори. Одредницата на времето, пак, овде е поконкретно изразена првенствено преку глаголската придавка самување, односно преку глаголот самее. Тој збор има носивост на неодредено, а што значи и на бесконечно траење. Тоа значи дека од една страна имаме конкретизиран простор – ридот, а од друга страна имаме бесконечно време, бидејќи со ништо не е ограничено времето, крајот, на самувањето. Стеблото, пак, што самее на ридот, кое упатува и на длабоките траги на митското мислење на поетот, ја претставува, се разбира, човековата, односно поетовата индивидуа. (Оваа синтагма подоцна е креативно проширена, ако не и збогатена со насловот на книгата Дрво на ридот, како и во песните од неа и, се разбира, заслужува повеќестрано аналитичко внимание.)

Во стихот „Стебло што самее на ридот“ имаме една целосна драмско-егзистенцијална сцена, на која стеблото би можело да функционира како внатрешен, а ридот како надворешен (според Г. Башлар) простор. И стеблото и ридот, пак, како микро и макро простор се изложени во бесконечноста и над просторноста на време-просторот, обединет и изразен преку самувањето. Затоа, сугестивната лирско-филозофска метафора небиднина претставува и еден исклучително слоевит и длабок лирско-филозофски хронотоп. Тоа е хронотоп кој ги обединува и просторните и временските аспекти на поетското поимање на Универзумот. Бидејќи има и егзистенцијални, и чувствени, и мисловни аспекти и  носивости, тој, всушност претставува обогатен или проширен хронотоп, па како таков не може да биде ни разгледуван преку елементарните мерки за времето и за просторот, туку преку најдлабоки и најсуптилни мисловно-опсесивни и чувствени мерки за простор и за време. Во прашање е егзистенцијата како производ на просторот и на времето, односно човекот како најразвиено битие. Во прашање е смислата најпрво на бидувањето, а потоа и на небидувањето, па во густите небиднински слоеви, всушност, заседнува еден совршено суптилен, еден префинет поетски хронотоп од лирско-филозофска провениенција.

Покрај бројните и различно нијансирани еквиваленти на просторот и на времето, кои ја обогатуваат варијантноста на поетскиот хронотоп на Шопов, во другите песни од Небиднина посебно внимание привлекува поетовото спротивставување на просторот. Тоа претставува навистина повисок квалитет во однос на стремежот за негово (на просторот) мисловно опфаќање. Така, во стиховите од „Осма молитва на моето тело”, поетот изразува дури и една пркосна, бунтовна настроеност кон бескрајноста, односно кон „вишините”. Тоа е изречено уште во првата логична целина од песната или во стиховите:

Под овој меч,
под овој меч на тишината,
под ова отворено небо
овие трепетлики,
лежи ова в неврат издолжено тело.

Истото е поентирано со двата завршни стиха од таа целина, кои гласат:

со око стрела в око на вишините,
земјата ја корне со чело.

Во овие два стиха е згуснат пркосот кон бескрајот, односно во нив се насетува еден антагонистички однос меѓу микро и макро просторот. Во оваа песна имаме уште и една спротивно насочена спрега. Имено, имаме враќање од рефлексивното кон лирското или имаме една не лирско-филозофска, туку филозофско-лирска метафора. Тоа е соопштено во стиховите: „Земјо, ти веќе не си земја,/ ти си грутка надеж”, каде просторот, поточно макро просторот е именуван, спореден со еден препознатливо чувствен, со еден не само индивидуален, туку и имагинарен феномен – надежта. Проектирана на планот на нашава анализа, иако со тоа и се осиромашува во своите значења, надежта е носителот на временската компонента во овој хронотоп. Таа изразува едно неодредно бесконечно време на чекање. Со тоа имаме уште еден пример на креативно единство меѓу лирското и рефлексивното, меѓу поетското и филозофското во поезијата на Шопов.

Поетовиот однос кон основната и кон другите категории на времето, како на времето вон од неговото единство со просторот, така и во рамките на хронотопската неразделност, понатаму го следиме и во лапидарно претставеното спротивставување на поезијата наспроти времето. Тоа е искажано веќе со насловот на последниот циклус од книгата Небиднина – „Песната и годините”. (Во овој циклус, патем речено, е поместена и песната, односно кусата поема „Небиднина“, а завршува со истоимената песна: „Песната и годините“). Во неколкуте песни од овој циклус, покрај повеќето временски одредници, главно во спрега со просторните, односно по суптилните метафори, како „тишината на вековите“, (самата по себе еден исклучително интересен хронотоп, во кој примарно место има времето, односно времето е втопено во просторот, којшто овде е само тишина), потоа „црнеам од времето“ е итн., само во песната што е именувана како „Песната и годините“, имаме, бездруго, доста автентичен материјал за анализа на ова прашање во врска со поезијата на Шопов.

Се разбира, не можеме а да не речеме дека, како во поемата „Небиднина“, така и во „Песната и годините“, поетот и мислителот се меѓусебно неразделно проникнати. Во и низ стиховите и од оваа песна е присутно, тече, едно време што не изминува, што трае постојано. Тоа е „времето што не знае за стареење“. Се работи, всушност, за една лирска категорија на временско проникнување. Поетот дури му пее и пофалба на таквото време. Како што се гледа од тие стихови, времето и просторот, просторот и времето кај Шопов се неразделно проникнати меѓусебно во својата причинско-последнична каузалност, односно, се наоѓаат во едно единство. Како што рековме и понапред, тоа единство е изразено низ поетскиот хронотоп, иницијално сфатен онака како што го толкува Бахтин, но и како што остава можности за поинакви толкувања. Бидејќи просторот и времето, како две сознајно-насочувачки рамки за промислување на светот, во поезијата неретко се две „метафори“ на бесконечноста, тие се и сочинители на општото, на сештото, на Универзумот, кон нивното единство, кон нивната неразделеност, нашиов поет се стреми дури и кога меѓусебно ги спротивставува, кога ги сочелува. Карактеристичен пример за тоа имаме во првите стихови од „Песната и годините“:

Твоите години и моите години
два брега,
два камена,
две небиднини.

Во „Песната и годините“ имаме хронотоп во кој двете негови компоненти меѓусебно се идентификуваат и се поистоветуваат. Годините се поистоветуваат со бреговите, со камењата, а небиднината како најсуптилен хронотоп се индивидуализира.

Кога се зборува, пак, за просторот и за времето во следните книги на Aцo Шопов, не може а да не се констатира уште еден цел спектар од поетски аспекти. Веројатно тоа е посебно забележливо кога станува збор за просторот, при што не смее да се испушти од предвид внатрешната временска димензионираност на неговите ознаки за простор, односно чувствителната проникнатост на времето и на просторот, иако неретко едната компонента е на прв поглед помалку изразена. Така, поетскиот хронотоп на Шопов посебно и богато е вариран во песните од Гледач во пепелта (1970). Тука тој добива дури и нешто поинакви димензии, веројатно несвојствени за други автори. Во песните од циклусот „Долго доаѓање на огнот“, на пример, тоа се изразува со елементите на ѕвездите и со неодреденото, со бесконечното, односно космичкото време. Просторот, пак, на кој поетот се ориентира во песните од циклусот „Гледач во пепелта“, во истоимената збирка, е земјата, планетата на животот, а времето тука го откриваме во две забележливи варијанти: како „златен круг на времето“, во истоимената песна, една прилично таинствена синтагма, од една страна и како „време невреме“, во песната „Невреме“, од друга страна. Својот поетски однос кон времето овде Шопов најлапидарно го промислува со исказот „Времето невреме вистинско е време“, во чии длабински мисловни слоеви не може да се проникне ни брзо ни лесно, а никогаш до крај. Имено, растајнувањето на енигмата на времето треба да се насочува првенствено кон неговата негација или барем преку неа. Забележливо е дека овде не може да стане збор за хронотоп, но само ако се земе погорната синтагма изолирано од целината на строфата и на песната воопшто. Спротивно, просторната компонента во овој поетски хронотоп е изразена со водата, со утробата, со планетата. Тоа поубаво, посликовито, го илустрираат самите стихови:

Плачи водо, завивај утробо, завивај кугло запалена.
Времето невреме вистинско е време.
Под тебе земјата лежи од умора премалена
и црн коњаник иде плодот да си го земе.

Сепак, еден од највпечатливите и обеднувачки симболи на просторно-временските поетски хоризонти на Ацо Шопов, можеби дури и пандан на „Небиднина“, еден од неговите најцелосни, најбогати, најсуптилно згуснати поетски хронотопи, сега е „грозомор“ од истоимената песна. Тоа е оној:

Огромен камен. Лузна. Нејасен немушт збор.
Пролетта му е мајка и маќеа зла и вешта.
Пепел на сонот, сон на пепелта. Грозомор.

Како и „небиднина“, тоа е типичен лирско-филозофски хронотоп. Во него не се згуснати само просторот и времето во нивната елементарна општост, туку и зборот, сонот (кои не се толку хронотопични елементи, колку што се самите совршени и сложени хронотопи), потоа нивните белези, т.е. белезите, лузните на времето итн., итн. Тука може да стане збор, бездруго, за едно дијалектичко единство меѓу надворешното и внатрешното.

Надоврзувајќи се на проширените поетови опфаќања и меѓусебни и квалитативно подлабоки проникнувања мегу просторот и времето, како една ретко суптилна хронотопска синтагма ја откриваме и прифаќаме и синтагмата „црно сонце“. Таа е доминантна во неколкуте песни од циклусот со истиот наслов. Иако првично наликува само на просторна категорија, во синтагмата „црно сонце“, односно и во овие песни пошироко, е кондензирано едно космичко времетраење. Бездното од стиховите

Црно сонце, птицо преправена во ѕвезда,
кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна.

бездруго, не само бездно во просторот, туку уште повеќе бездно во времето. Констатацијата дека и во оваа синтагма имаме еден редок поетски хронотоп ја потврдуваат не само овие два посочени стиха, туку и песните од овој мал циклус во целина.

Во последните две книги на Ацо Шопов, пак, во Песна на црната жена (1976) и во Дрво на ридот (1980), покрај впечатливото враќање кон мотивот на телото, односно телото на црната жена во првата од овие книги и болното тело во втората, посебно внимание привлекуваат поетските опфаќања и споредби на елементите од просторот. Особено се впечатливи споредбите меѓу родниот крај и светот, меѓу родниот град Штип и градот Жоал во Африка. Споредбата меѓу два простора, навистина, не е нешто ни непознато ни ново, но, она што е поинтересно овде е позицијата на авторот во однос на просторот и времето од оваа негова поезија. Додека во Небиднина и во Гледач во пепелта авторот го гледавме, го откривавме во позиција надвор од просторно-временскинот контекст за кој пишува, го откриваме на некое надворешно лирско-медитативно и филозофско рамниште, овде него го откриваме во самиот просторно-временски контекст, во самиот хронотоп.

Особено е забележливо дека поетот сега покажува индивидуален пристап, покажува проникнатост и интимност во односот и кон двата поларно спротивставено простора. Таквата спротоставеност ја имаме и на релацијата микро простор и макро простор, односно на релацијата човек-простор. На бескрајната големина на просторот, на океанот, спротивставена му е физичката ништовност, но и егзистенцијалната големина, бескрајот на/во човекот. Оттука и двете рамковни искажувања, две поларизирани, но меѓусебно условени констатации, два стиха, еден скоро од почетокот на песната „Загледан во океанот“ и „Човекот е огромен , океанот мал“. Дека  тие се и пошироко познати, не треба дури ни да се спомнува.

На крајот, врз анализата на поетскиот однос кон просторот и времето, односно по откривањето на најинтересните примери на поетските, поконкретно на лирско-филозофските хронотопи во поезијата на Ацо Шопов, би можеле да заклучиме дека неговиот поетски гениј не се стреми кон некакво опфаќање, кон мисловно совладување на просторно-временската бесконечност. Преку спротивставувањето кон таа бескрајност, всушност, тој се стреми кон осмислување и приближување на просторот и на времето (и посебно и во нивната неразделност – универзумот) кон човековата универзална индивидуалност, односно кон нивно сведување кон/на можностите на човековите сетива. Во тоа се и причините за органската, за живата сраснатост на просторните и на временските рефлексии во неговата поезија во еден единствен поетски хронотоп, како и за сраснатоста на лириката и на рефлексијата.

________________________

* во Творештвото на Ацо Шопов: симпозиум по повод 70-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, Скопје, 1993
Статијата е исто така објавена во Современост, 1-2, 1993.

Прочитајте ги исто така студијата „Ацо Шопов и Бранко Миљковиќ” и написот „Нова фаза во поезијата на Ацо Шопов” (Студентски збор, 4.IV.1981. work in progress) од Науме Радически.