Пресилености во термини*

Димитар Солев

Ќе се обидам во оваа дискусија, апстрахирајќи се од извесни најавувани и пак најавени, повеќе или помалку видливи и апострофирани, релативни реченици или пак цели пасуси што − иронични, потценувачки, извртувачки и пресметани да депласираат − очевидно се пропиени со едно настојување да направат конечна пресметка со нешто и со некои; ќе се обидам, велам. Го изделувам од рефератот она што може да биде повод за една понужна, попринципиелна и посериозна дискусија, која би требало да напарави рекапитулација во извесна смисла на нашите искуства, настојувања и резултати во изминатава и во изминатите години. Ќе се запрам најнапред на еден проблем, или појава, што може да се озаглави.

За генезата на некои поими и за нивното терминолошко пуштање во циркулација

Сведоци сме, навистина, а и учесници, на постојаниот развиток на нашата литература на нејзините секојдневни чекори и успеси, на нејзините остварувања итн. итн. Но јас не мислам да продолжам со овие конвенционални генералии, зашто е непотребно да се нагласуваат бидејќи ни се познати. Би ве повикал за сведоштво на една друга страна од нашиот развиток, на една присојна страна, на која милозливиот и афирматорски осмев на критиката не благословил досега да ја фрли за момент својата цената светлина. Би ве потсетил на извесни фази од едната, токму таа присојна страна, од нашиот развиток, што ни се познати, преку официелни и неофициелни извори, како: „академски поети“, „есењиновци“, „млади“ и најнакрај „хемингвејци“ и „модернисти“.

Веднаш треба да констатирам, и да го подвлечам тоа констатирање, дека овие термини доаѓаа од онаа страна која не беше во врска со оној познат круг на кого му се наметнуваа овие етикети. Тие бездруго се појавуваа после секој обид, после секое настојување, после секоја нужност да се прошират нашите видици, да се рашири и да се помести линијата на нашиот хоризонт, да се внесе во културната ризница на нашата усвоеност она што е нужно да го има таму, за да може да се оди понатаму. Тие настојувања, меѓутоа, се карикираа во нашите услови уште во првите моменти од нивното поочигледно пројавување. Се хиперболизираа, се надуваа и се осветлуваа од еден бездруго недобронамерен аспект, се хиперболизираа до таа мера што од извесни интерпретирања добиваа изглед на страшила и изродски појави против кои е неодложно потребно да се преземат најбескруполозни мерки. Но карактеристично е, и тоа треба да се подвлече, дека целиот тој отпор, писмен или усмен − сеедно, по канален или неканален ред − и тоа сеедно, дека целиот тој инертен отпор на крај се завршуваше со едно премолчено и премолчувано, скришно помирување и усвојување на она што било предмет на исмевање, одречување и револтирање.

За да ја објаснам поопипливо оваа појава, ќе се запрам на последниот пример од нашата литературна реалност.

Модернизам, модернисти, помодарство, Хемингвеј, хемингвејштина.

Како се појавија овие термини кај нас и како понатаму продолжија да циркулираат во различните написи што беа или не беа во врска со нив?

Во еден есеј за проблемите на прозата, покрај другото јас укажав на тоа дека постои и една друга и поинаква литература од онаа што ни е позната и што по некаков необјаснив навик и априорно ја сметаме за наша и за не туѓа. Во врска со тоа, како што е познато, и за моја несреќа изгледа, го споменав и Хемингвеј. Тоа беше повод да се подигне една бука, која премина во една систематична, зајадлива, еднострана, револтирана и навредлива кампања, спроведувана анпасан, во релативни реченици или пак во цели пасуси спроведувана со очевидна цел да се депласира едно настојување за проширување на нашиот хоризонт, спроведувана и во такви написи кои по својот карактер, функционално и објективно, не пружаа место и повод за неа или за употребување на нејзиниот тон. Во неа се појавија и оние изрази, заправо оние термини, што беа намерно раздувувани и смислено хипостазирани за да се олесни нивната неодржливост, нивната надуеност и безоснованост. Класичен закон е веќе дека најлесен начин на борба и најлесен начин на победување е оној кога:

а) ќе се земе во обзир еден компонентен дел од мислењето и ставот на спротивната страна;

б) тој компонентен дел, циталошки истргнат и апстрахиран од неговиот контекст, ќе се раздува со задна намера до една форма на неприемливост и невозможност;

в) и кога, потоа, тој компонентен дел раздуван од тоа злонамерно интерпретирање до неодрживоста на меурот ќе се прободе тој меур со еден единствен потез и во една единствена релативна реченица.

Такви начини беа применувани и сѐ уште се применуваат за да се дисквалифицира еден стремеж кој, меѓудругото, иде да одговори на една нужност пред која е дојден нашиот развиток. Тие начини, бездруго, беа ефективни со тоа што се избегнуваше да се излезе директно и отворено на ринг, што без тактички спроведувани во епизодни и споредни форми и што се ослонуваа да придобијат со својата вицкастост.

Но, за куриозитет, се завршуваа прилично апсурдно: се завршуваа со тоа што со тек на време се доаѓаше до откажување од нив, навистина, непризнаено и непризнавано откажување, но сепак откажување или бар помирување и ползување со она што било предмет на напаѓање, одречување и дури грозење. Се завршуваа со своето сопствено негирање, но дури тогаш кога спротивното би значело само испаѓање од колосекот на развивањето. Не би сакал во моментов да ве потсетувам на оние недалечни времиња кога извесен дел од помладите беа инкриминирани како декаденти и слично со својата послободна и таканаречена интимна лирика и кога, само по кус временски период, токму оние што ги навлекуваа тие термини на нивните творби дојдоа во ситуацијата сами да ја примат, сами да ја творат, сами да ја бранат истата таа „декадентна“ и „интимна“ лирика.

Во сегашнава ситуација можеме да најдеме подобар пример за тие метаморфозирања, макар што тие сѐ уште се во полн ек. Имаме случаи на пример, и тие би биле интересен предмет за проследување, имаме велам случаи вакви: од една страна со најголема упорност, макар и сомнително аргументирано, да се нафрлуваат извесни луѓе врз она што донесува освежувања во нашата литература; а од друга − истите тие луѓе, молкома и крадум да се користат во своите текстови од истите тие освежувања против кои го дигаат својот здрав глас. Но мојата тема не е тоа. Јас би сакал друго да кажам: ќе запрашам, заправо: ќе се заплашам:

Зошто секој напор, зошто секое настојување да се поместат меѓите на нашите видици и да се освежи нашата литература, зошто секој таков обид се фиксира кај нас со екстремни, инкриминаторски и дури инсинуаторски термини? Јас за ова појава (ја наречувам појава зашто таа е веќе тоа) имам само еден одговор: за полесно да се дисквалификуваат, полесно да се претстават како депласирани оние искрени напори што идат на тоа да му дадат посовремено обележје на нашето денешно творење, што идат на тоа да го прошират поимот за реализмот што кај нас не ретко се идентифицира со фотографија, со просечност, со дескрипција. Напорите за осовременување се крстуваат со еден збор: модернизам, а потоа се креска против тој термин, против тој модернизам, којшто од тоа е претворен навистина во обична ветерна мелница.

Мислам дека може да биде само од интерес на нашата литература ако се престане еднаш со тоа намерно погрешно и смислено екстремно терминолошко инсинуирање на појави кои во својата основа се позитивни и перспективни за творешкиот развиток на нашата литература. Да се престане еднаш со тие термини: модернисти, модернизам, помодарство, хемингвејштина и слично.

Кога, објективно и субјективно, не сме во состојба да направиме аналитичка и аргументирана разлика помеѓу помодно и модерно, помеѓу ново и „ново“ , помеѓу епигонство и оригиналност − тогаш, мислам, дека е далеку поумно и далеку подалекусежно да престанеме со мрморење на општо основание, со она негирање на општо основание, кое може многу лесно да нѐ доведе покрај растурената вода од коритото да видиме дека сме го фрлиле и детето.

Што се однесува пак за она дека: „Под плаштот на модерното ќе сретнеме на својот пат луѓе кои фаќаат на карта повеќе кои ќе се обидат свирејќи на жица − и да се провлечат како писатели“, би го додал само ова: дека со истата веројатност може да се тврди и тоа дека под плаштот на установеното и коњуктурното некои луѓе се провлекле веќе како писатели. За извесни луѓе и едното и другото може да послужи како плашт. Но, за тоа е депласирано да се збори зашто е несериозно и зашто се изречува во афектација. А јас го реков затоа за да ги ставам на иста нога и двете возможности.

Но едно е факт: дека нашата литература, во сегашниов нејзин стадиум, кога допрва се крева на своите детински и уште неокоскени нозе, дека во сегашниот стадиум од нашата литература би се направил само еден рахитичен изрод, кога би се настојувало на тоа да израснува во својот сопствен вакум. Меѓудругото, тоа е и апсурд: зашто уште Плеханов има речено дека литературата на една економски и културно позаостаната земја неизбежно е под влијание во својот развиток од литературата на оние земји што се економски и културно поразвиени, се разбира: ако е во економски или културен контакт со нив. А ние сме во таков контакт.

А сега нешто за критиката:

С. Јаневски во својот реферат вели:

„Почнавме да теоретизираме. Се јавивме и како ревизионисти во името на модерното. Тогаш кога ќе имавме по еден или два, да дозволиме и три раскази, мислевме дека сме го освоиле литературниот Монт Еверест. Тогаш станувавме опасни теоретичари. Треба вака а не треба вака да се пишува. Како во Библијата“.

„Станавме некои теоретичари на брзина, филмски“.

Не мислам да го анализирам овде тонот на овие цитирани места, како и тоа каква содржина крие тој зад себе како и тоа на што и на кого се алудира, како и тоа на што е и на што може да биде симптом, како и тоа каква му е чисто ефективната цел.

Факт е едно: дека во критиката се појавија нови имиња а со нив и нови разбирања. Точно е тоа дека некои станаа (т.е. станавме) теоретичари и критичари, во извесна смисла, макар и не набрзина, макар и не баш филмски. Меѓутоа, зар само пред една година, на минатото годишно собрание, а и порано, доскоро единствениот наш критичар Д. Митрев не апелираше за појавување на нови критичарски имиња и зар тоа апелирање не беше не само еден апел, туку и една потреба на нашата литература, која по општото признание се разви и дојде до еден повисок степен а спрема тоа и ги покачи барањата на критиката? Мое лично мислење е дека нема ништо трагично во тоа што можат да се чујат повеќе критичарски имиња, ставови и аспекти. Напротив, тоа може да биде само полезно за една литература што е склона да не ги затвора ушите пред критичкиот збор за неа. Со повеќе критики за една творба или за една појава се постигнува таа (творбата или појавата) да биде осветлено од повеќе страни, а спрема тоа и критичкиот суд за неа да биде пообјективен. Нашата критика досега, глобално и општо земено, патеше од тоа да биде литерарна на последно место. Патеше од најразлични обзири, одеше во вулгаризација со применување на марксистичките принципи, го запоставуваше естетскиот критериум, имаше во себе повеќе стратегија и тактика одошто литерарна анализа, критичарска синтеза и настојување да се одреди она што е литература од она што е обична писменост. Појавувањето на нови имиња во критиката може да биде само од полза и на критиката и на литературата. Јас дури мислам дека во овој период од нашиот развиток со критика е потребно да се зафати секој што осеќа во себе способност за тоа, зашто − колку што е важно да се твори исто толку е важно да се осознае она што е постигнато и што е створено, зашто инаку се доаѓа во опасност квантитетот да не преминува во нов квалитет секогаш. А на критичарското поле има уште многу работи. За секого. Зашто во нашата литературна нива има уште коров. Примитивизмот, да речеме, во сите негови форми на постоење и манифестирање, привитивизмот на кого треба искрено да му се помогне што поскоро да ја испее својата лебедова песна.
_____________________________
*Текстот е објавен во Разгледи, год. I, бр. 4, 14.02.1954 стр. 5-6