Избор од поезијата на Шопов на германски*

Миодраг Друговац

Под овој карактеристичен наслов, „Wiedergeburt einer Sprache“ („Пpeродба на еден јазик“) и со поднаслов Zu den Gedichten des mazedonischen Lyrikers Aco Šopov (За песните на македонскиот лиричар Ацо Шопов), Ина Јун-Брода објавува мошне инструктивен есеј за поетското творештво на Ацо Шопов во австриското списание Literatur und Kritik (Литература и критика), што излегува во Салзбург. Во истиот, октомврискиот број за 1969 година, на ова реномирано списание, се објавени и десет песни на А. Шопов во препев на Ина Јун-Брода, всушност еден солиден, антологиски избор од неговото досегашно поетско творештво и тоа од онаа фаза на тоа творештво која не без причина се смета пресвртничка во поетската еволуција на овој наш поет, а меѓу другото се смета за пресвртничка и поради фактот што токму во неа дојдоа до израз неговите најсуштествени творечки ефекти, како такви релевантни и за односите, внатре, во аксиологијата на ова поетство, а и за акциологија на македонското современо поетство во целост, односно за македонската книжевна историја.

Ина Јун-Брода веќе и досега ни беше позната како познавач, толкувач и амбасадор на југословенската литература во својата земја. Со есејот „Преродбата на еден јазик“ и изборот на песните, таа ни се претстави и како солиден познавач и компетентен толкувач на поеизјата на Ацо Шопов, но и многу повеќе од тоа: како проучувач и толкувач на македонската книжевна историја во општо, критичко-есеистички набљудувајќи ја паралелно од книжевно-историски и естетски позиции и вреднувајќи ја со мошне рафинирано чувство за нејзините текови, раскинати континуитети, подеми и вредности. На пример, таа сосема точно забележува, дека − би можело да се рече − оти постојат некои општи преокупации кај современите македонски поети, според тоа и кај Шопов, а некои од тие општи преокупации, како што Ина Јун-Брода наведува, се македонскиот „јазик и збор, нивното значење за националната супстанца“, за македонската национална самобитност.

Тој проблем, тоа животно чувство на Македонците, Ина Јун − Брода го согледува низ една, речиси, дијалектичко-историска призма на сите оние процеси низ кои поминувала оваа нација и нејзината литература, почнувајќи дури таму од зародишните, потоа преродбенските мигови на свеста, па сè до миговите кога 1945 година дојде и до официелно, државно-политичко конституирање во рамките на југословенската федерација, односно до излегувањето на Македонскиот речник со 64.500 зборови во редакцијата на поетот и лингвистот Блаже Конески. Така, маркирајќи ги некои најзначајни датуми во историјата на македонската култура и литература, Ина Јун − Брода се задржува и за првиот македонски роман Село зад седумте јасени на Славко Јаневски, а попатно се обидува да го согледа Јаневски и како „своевиден и модерен лиричар“, потоа преминувајќи на најглавната тема на своето инвентивно критичко-егзегетично пледоаје, на поезијата и личноста на Ацо Шопов.

За Ацо Шопов, Ина Јун − Брода вели дека е поет со извонредна поетска дарба, дека во неговата поезија се чувствуваат импулсите на модерните поетски струења, меѓутоа во оваа поезија суштествуваат и некои елементи на поетската традиција, а имено во смисла на нејзиното натамошно творечко надградување. Барем нешто од тие, сепак непотполни констатации, може да се најде и во изборот на поезијата што го објавува списанието Литература и критика, во сето она што зрачи од песните „Раѓање на зборот“, „Август“, „Долго живеам на ова место”, „Љубов“, „Езеро крај манастирот“, „Песна“, „Трета молитва на моето тело“, „Hoќ над езерото крај манастирот“, „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“ и „Последна молитва на моето тело“. Покрај сето речено, на крајот од списанието се поместени и биографските податоци на Ацо Шопов, со што читателот од германското јазично подрачје стекнува една поцелосна слика за неговото творештво и личноста.
_________________
* Текстот е објавен во Вечер, бр. 2036, Скопје, 13.12.1969, стр. 9, под наслов „Преродба на еден јазик (Ацо Шопов: Избор, списание Literatur und kritik, Салзбург, 1969)”