Ацо Шопов: Предвечерје*

Душко Наневски

Преведувањето на нашите поети на други јазици, кое зачести последниве години, секако е знак на зголемен интерес, со отворени можности за потврда на вредноста и продор во нови поднебја. Особено кога се застапени со солиден избор, што добива одредено значење и за една поизразита афирмација на нашиот поетски збор. Во таа смисла Ацо Шопов има извесна предност, како досега најмногу преведуван македонски поет. Покрај низа зафати во разни панорами и антологии на нашата поезија, веќе се појавија и неколку книги од негови избрани стихови: на словенечки Слеј се со тишината, на унгарски Оној што вечно чека, на руски Ветрот носи убаво време, и еве сега на српско хрватски Предвечерје.

Она што и на прв поглед го одликува ова издание, тоа е обилноста на објавената поезија, во избор и препев на Сретен Перовиќ. На стотина страници, овој избор опфаќа приличен број песни, од повеќе творечки периоди и развојни фази на Ацо Шопов, така што се чини комплетен и заокружен, сосема достатен да ја претстави неговата поетска личност и инспирација, низ разновидни мотиви и својствени облици.

Повеќе од обилниот зафат, прави впечаток сигурноста на самиот избор што го направил Перовиќ со едно осмислено компонирање. Тргнувајќи од „песната“, како мото на сфаќањето дека таа е потпора во постоењето на поетот, почнува со „Раѓањето на зборот“ како негова прва мака и екстаза, во целина ги донесува „Молитвите“, тие свети поеми на љубовта што е животна метафора и негова доминантна тема, потоа во неколку циклуси ја разгрнува неговата богата поетска интима, предимно низ последните достигања од Небиднина, додавајќи ги кон нив и лирските елегии од претходните збирки. Така оваа книга донесува и поврзано единство на поетските светови и уедначен избор по линија на врвни остварувања, што го презентира поетот во една антологиска светлина.

Меѓутоа, вистинска изненада за нас претставува успешниот препев на неговата поезија. Тоа што Перовиќ и самиот е поет, секако била првата заложба на овој успех. Но, тој ги надминува очекувањата не само со познавање и разбирање на поезијата од Ацо Шопов, туку повеќе со едно навлегување во јазикот наш заради неа, и со напорот што несомнено го вложил детално да ја сфати и преобликува на друг јазик. Дали имал афинитет кон песната на Шопов, или бил понесен од неа во текот на работата, Перовиќ речиси спонтано и мошне автентично ја предава нејзината ритмика. Притоа задржува и сѐ што можело да стои во првичен облик, ползувајќи така една согледана можност за чести допири со оригиналот. Кон тоа одат и пронајдените архаични облици на зборот, со коренска блискост, боја од бигор или камен, и со иста судбинска патина во пределот на поетската слика. Но, креативноста на препевот е најизразита кога ја ублажува острината на зборовите и го наоѓа нивниот склад во меки тонови и питоми мелодии, како чисто доловени обележја на изворната поезија.

Ова не значи дека преведувачот не оставил траги на брзање, со извесни превиди и мали неснаоѓања. Негде ќе сретнеме неточно восприемање на нашиот збор, кога на пример „камена тврдина“ е преведена со „камена подлога“. Некаде со буквално пренесување на зборот се губат нијансите од контекстот, како при замената на „земјата ја корнам со чело“ со „земљу ја чупам челом“. А често има и изместени или додадени значења во една поетска слобода, која претвора „разголувам“ во „разуздам” или „стежна“ во „окива“. Делум ова доаѓа од една тешкотија да се преведува и од македонски, како кај „камена шума изѕемнина“ со „камена шума смрзотина“, каде е заменето чувство со предметен поим. Или тоа се неизбежности од непреводливата природа на самата поезија, како со фатумот „Небиднина“, чија многузначност е сведена на „непостојање“. Во секој случај, тоа се несполуки на едно инвентивно пресоздавање, на превосходно поетски начин, со подреденост на битната смисла и основното настроение, што на препевот му дава вредност на посебно поетско достигање.

Низ чинот на преведувањето, барајќи израз за секој збор, Перовиќ бил во ретка состојба да следи внатрешни текови, да проникнува во синтагми, да открива суптилни преливи на еден поетски говор. И низ длабоко, креативно доживување, да дојде до едно свое разбирање и чувствување на оваа поезија. Покрај дадените значења и облици во самиот превод, тоа особено се огледува во неговиот краток есеј „За интимата на Ацо Шопов“, што е печатен како поговор. Видливо упатен во повеќе критички оцени и толкувања, тој од еден свој агол го согледува местото на поетот во светот на поезијата, ги поврзува неговите творечки мотиви со идеите на времето, ги означува одликите на неговиот стих со кои се издвојува меѓу поетските струења денес. Иако притоа акцентира некои гледишта и одредби на критиката, со свои продуховени проекции доаѓа и до извесни нови согледувања на поетската специфика. Според него, Ацо Шопов во основа е „поет со романтична инспирација“, кој затоа што „не може да се помири со надворешниот, материјален ред во светот“, се повлекува во својата интимна поетска реалност, каде открива простори за една подлабока хуманизација. Дури на едно место забележува и дека неговата меланхолична природа намерно се препушта на интимната нирвана, одбирајќи го патувањето низ поетските светови, во кое „ја ублажува и својата болка до најголема можна мера“. Но, веднаш препознава и еден сосема современ сензибилитет, кој под пресија на модерната кибернетика, „постојано бара и не наоѓа уточиште“, низ едно движење од брег до брег, „во чиј процес и тек е и неговата смисла“. Потоа доста погодено ја досега и лирската суштина на неговата поезија, како „флуидно сликање на сопствени неостварености, на платно од праисконски човечки желби“, со „носталгија по загубени вредности“ и „озрачени соништа“. А со тоа наедно ја одбележува и автентичната појава на поетот, кој во едно “тихо движење низ динамиката на современиот свет“, со моќ „секогаш да останува питом и топол“, хуманистички ги премостува доживеаните колизии, преобразувајки ги „во слика и ритам“ на својата елегична поезија.

Низ еден вака сериозен и задлабочен третман, што сам по себе ѝ укажува доволен респект, Перовиќ веќе ја сугерира и смислата и вредноста на преведената поезија. И тоа во една искрена препорака, сосема ненаметлива, со оставен простор за поинакви интерпретирања, од желба да има најавтентично дејство и подолго траење.

_________________
* НАНЕВСКИ, Душко: Ацо Шопов: Предвечерје, (Титоград, Графички завод, библиотека Антеј, 1966). — Современост, 1966, XVI, 1, стр. 86-88.