Првата книга на македонски јазик по ослободувањето е објавена во Куманово*

Тоде − Мали Саздовски

Читајќи ја деновиве книгата во два тома Македонскиот стих 1900−1944 од  Блаже Ристовски, ми падна в очи една информација што се однесува за првата стихозбирка на Ацо Шопов и прва книга на македонски јазик објавена по ослободувањето, под наслов Песни. Имено, во споменатава книга, том II на стр. 156, стои: „Отчукани на машина, овие песни ги однесла во Белград Брана Перовиќ кон крајот на 1944 год., каде што биле напечатени како „Издање, младог борца“ и со посвета: „Братској македонској омладини за њен II конгрес − Антифашистичка омладина Србије“. Добар дел од овие девет песни и пред тоа беа објавувани во разните публикации на нашите воени единици, а некои и сепаратно беа размножувани и растурани меѓу народот.“

Поаѓајќи од овој податок, направив една мини-анкета во научните и културните кругови и со жалење констатирав дека ова мислење е широко распространето и дека многу малку луѓе знаат дека првата стихозбирка на Ацо Шопов, под наслов Песни, е отпечатена во Македонија а не во Србија.

Што се однесува до таа збирка што е печатена во Белград, доколку и постои, таа е барем неколку месеци подоцна печатена од првата.

Со Ацо Шопов во партизани бев мошне близок, би се рекло другарувавме. Опседнати обајцата со поезија, многу често слободните часови ги минувавме заедно. Во овие часови на одмор што ние ги претворавме во работа, читавме негови и мои песни или други книги што јас ги носев од Куманово и со часови дискутиравме за поезија и за литература општо. Притоа, тој често ставаше забелешки на некои мои стихови и ме упатуваше како да ги преработам и усовршам, како да ги исчистам и ослободам од одвишни и неубави изрази, ми помагаше да заменам некои кумановски или српски зборови со македонски, итн. Ацо дури изврши и целосна редакција на мојата збирка која во тоа време требаше да биде отпечатена во илегалната печатница во с. Врановци, меѓутоа, и двете тетратки од тие мои тогашни песни, во една борба кај Кочани, беа пропаднале. Затоа јас се зафатив Ацовите песни да бидат печатени во Куманово. Ацо беше мошне строг спрема своите песни и долго ги дотеруваше. На пр. „Маршот на ІІI македонска ударна бригада“, иако беше готов и компониран, тој до крајот не се реши да го даде за печатење.

За тоа време дојде и капитулација на Бугарија. Веднаш по 9 септември 1944 година, со песните го задолжив Околискиот комитет на СКОЈ (тогаш „Срески“) да испита можност тие да бидат отпечатени во кумановската печатница.¹

Околискиот комитет во Куманово сериозно ја сфати оваа задача и додека во Куманово сè уште маршираа Германци во печатницата на Томо Глигориевски, преку неговиот син Драги Глигориевски, кон крајот на септември или почетокот на октомври 1944 година првата книга песни на македонски јазик го доживеа своето раѓање.

Книгата е во формат 32×23,5 циц., печатена на жолтеникава весникарска 60-грамска хартија, со нешто потемно жолти корици од исто така груба, но нешто подебела 80 грамска хартија. На предната страница од корицата стои: наслов „Песни“ со црни крупни блок-букви од 4 циц. Над насловот во левиот агол со букви цицеро аксиденц верзал стои името на авторот, „Ацо Шопов“. Под насловот, кој е поместен на горната половина од корицата, на долната половина има црна петокрака од 3 циц. а при дното, под петокраката, годината на печатењето „1944“ (шпационирано) големина цицеро. Под годината на печатењето, во еден ред, стои: „Срески (шпационирани гармонд букви), НОМСМ − (гармонд блок-букви), потоа тире на Куманово“ (шпационирани гармонд букви). („Срески НОМСМ − Куманово“). На самиот горен дел од насловната страница на 2 циц. одозгора надолу и долу на 2,5 циц. одоздола нагоре се поставени шари што се состојат од по две полуцрни линии, а меѓу нив шара во форма на 8 риби. Шарата и линиите се долги 16 циц.

Целиот овој слог од корицата е пренесен и на првата страница од збирката.

На втората, внатрешна страница на левиот долен агол под три фини линии долги по 8 циц., стои текст во три реда:

„Штампарница
Глигориевски
Куманово“

со гармонд бели букви.

Во стихозбирката, на 30 страници, се поместени 8 песни набрани на гармонд букви, додека насловите се печатени од цицеро мали букви и подвлечени со полуцрна линија. На крајот под секоја песна е отпечатена по една црна петокрака во големина 1,5 циц. Тука се поместени овие песни: „Борба“ 3-4 стр., „Сон“ 5-7 стр., „Претсмртното писмо на еден партизан“ 8-10 стр., „Одред „Гоце Делчев“ издаден“, посветена „На Ванчо − Сермен“ 11-14 стр., „Борбата на Дренак“, посветена „На Карпош“ 15-18 стр., „Карпош“ 19-20 стр., „Пробиштип“, посветена „На Доне“ 21-24 стр. и „Кратово“ 25-30 стр.

Оваа книшка уште пред ослободување на Куманово (11. XI 1944) беше донесена во Кратово и разделена на младинската организација и пионерските чети. Исто така, извесен број примероци беа разделени и на младинците што во Кратово беа собрани на курс за младински раководители. Овој курс, колку што сега си спомнувам, траеше еден месец, некаде од 20 септември до 20 октомври, што укажува на фактот дека збирката е печатена пред 20 октомври.

Од сето погоре речено јасно е дека оваа книшка е објавена пред онаа за која во својата книга Македонскиот стих 1900−1944 пишува Блаже Ристовски. И уште еден податок зборува дека кумановското издание е постаро од она во Белград. Во кумановското издание се поместени осум песни, а во белградското (според Б. Ристовски), девет песни. Во кумановското издание ја нема песната „Љубов“. Ова наведува на заклучок дека оваа песна е напишана или дефинитивно редактирана по издавањето на кумановската збирка, па е вклучена во подоцнежното белградско издание.

Што се однесува до податокот дека „Отчукани на машина, овие песни ги однесла во Белград Брана Перовиќ…“ е сосем наместо, зашто во тоа време Третата македонска ударна бригада, во која беше Ацо Шопов, водеше борби во завршните операции низ Македонија, па е можно до Ацо и до ПК СКОЈ пред одењето за Белград на Брана Перовиќ и да не пристигнала оваа збирка. Исто така, колку што сега си спомнувам, поради немање хартија, збирката беше печатена само во стотина примероци, па и тоа може да биде причина што таа не продре пошироко во Македонија.
______________________

1) Во тоа време јас бев секретар на Обласниот Комитет на СКОЈ за I (Скопска) област.
______________________

*Текстот е објавен во Современост, 1982, XXXI, 10,  стр. 70−73.