Празнично слово на душата, свеченост на интелектот*

Миодраг Друговац

Уште од Небиднина (1963), па и од некои песни на збирката Ветрот носи убаво време (1957), стихот за Ацо Шопов е празнично слово на душата, но и свеченост на интелектот, рефлекс на една модерна мисловност во која човечката драма се препознава како субјективна и колектинна историја во тек, како еден застрашувачки трагичен миг на денешнината, за чие откривање и запознавање се недоволни, оти се неадекватни, средствата на традиционалните поетики. Душевноста и интелектуалноста, имено, кај овој поет не се исклучуваат и кога во одделни песни очебијно надвладува едната од нив: еднаш со тенденција во необлигатни поетички варијации да се рационализира чувствениот мотив, тој да се десубјективизира со свеста за универзалноста на небиднини во човечката егзистенција; другпат со стремеж на чувственото да се осамостои во структурата на стихот како примарен идејно-уметнички корелатив.

Најдобра илустрација на реченото се токму песните од најновата збирка Песна на црната жена на Ацо Шопов: составена од три меѓусебно тематски и стилски еднородни циклуси – „Жена во иверинажот“, „Загледан во океанот“ и „Светлината на робовите“, така што се има впечаток дека циклусите се само одделни поглавја на една и иста, мошне кохерентна поетска структура, поема, збирката ја докажува целесообразноста на овој поетички курс, илустрирајќи со бројни примери дека зад благи струи и резонанс на еден делотворен интелект секогаш бдеат копнежливите очи на словенски широка и човечки вознемирената душа, дека проблемот на поетскиот образец не се репава само со едната од двете на прв поглед спротивставени искуства, итн. Всушност, кај поетот, т.е. во песната, надвладува свест дека историската и метафизичката судбина во регионални и надрегионални рамки станува лирски блиска, читлива и уверлива за еден модерен читателски дух, само доколку чувството е депатетизирано и емфазата заменета со една колку длабинска толку и ненаметлива мисловност, која во најдобри примери како да има исходиште во мудроста на исконот – дека, имено, човекот е роден да отстојува загледан во пространата шир и преку неа – во себе! Преку таа мудрост дискретно на се сугерира дека во ова време денес, се избришани границите и на љубовта и на загрозеностите, па универзумот на песната ќе е непотполн и нема да ја одразува вистинската човекова ситуација доколку е лишен од свеста за заедништвото, од можноста на препознавање на орфејското и трагичното во човечките судбини без оглед на нивните географски лоцираности, расните, социјалните или некои други специфичности. Оттаму овие т. н. афрички мотиви, во новата поезија на Шопов, можеби се тоа само со своите надворешни белези: еден збир би рекол – еден систем на нови симболи во кои чука големото срце на Човекот, а несомнено пред сѐ, на еден човек во чија лирска судбина се олицетворени и немирот и исконската негова жед низ искушенијата да ги намалува растојанијата меѓу себе овдешниот и себе на некој друг крај на светот, како и меѓу себе денешниот и себе вчерашниот и утрешниот! Движејќи се по трагата на светлосните емисии на свеста за тој човек, преку тие претежно нови симболи сублимно и речито пренесувајќи ни ја филозофијата на време-просторната размеѓеност, но истовремено и на нераскинливота на мостовите меѓу луѓето, Шопов ниту во еден миг не заборава дека душата е таа загатка од која почнуваат да се плетат мрежите на секакви тајни за тој човек, но наедно е и трансмисија, најтреперлив лирски инструменти без чиј звук во песната таа, бездруго, ќе е без својот елементарен сигнал на човечноста, во она на пр. обраќање до малечката светла точка во далечината, во чие блескотно око се препознава рељефот на родната грутка.

Иако дискретно на еден долго усовршуван и усовршен поетски начин, копнежот на релјефот на родната грутка е насетлив и во песната „Молитва за сињарката – моја наречница“, со сета трогателност што ја носат субјективно интонираните стихови од завршницата:

Отклучај ги портите на ноќните патувања на поетот
да ми се валка главата низ зелените треви на cвeтот
зашто сам така и татковината ко ѕвезда ќе ја краси.
Отклучај ги тие порти, излечи ме, или – проклета да си!

Така, од првиот акорд, од насловот на збирката, до последните нејзини каденци што и ритмики и фонички и содржински се во функција на овој лирско-котемплативен, структурно мошне хармонизиран летопис на постојниот неименуван, но не малку препознатлив и интимно близок јунак на оваа поезија, јунақ што е ту помал ту поголем и од океанот, носејќи се со океанот во себеси како со своја небиднина! А таа е и жена и земја, и збор, и судбина: да се коннее од далечина по најсаканото и во песната да му се продолжува трагата на најубавото – како идеал, а можеби и како наполно остварлива цел. Не треба посебно да се нагласува дека тој идеал е естетски проектиран, а етички димензиониран во мера на една поетска дарба за која критериумот на основата на стихот претставува врвно творечко начело.

Но, ако се трага по основното симболно значење што го носат овие песни, а што наедно е и нивен филозофски лајтмотив, несомненно е дека тоа не се наоѓа толку во стиховите за човекот и океанот, што рефренски, но во очигледна смисловна инверзија нѐ повикуваат на размислување од песната „Загледан во океанот“ („Океанот е огромен, а човекот мал“, односно „Човекот е огромен, океанот мал“), колку во стихот „Откривајќи ја родината да го открие светот“, чиј филозофски корелатив а не антипод претставува стихот „да ја открие родината откривајќи го светот“, во песната „Настан на езерскиот брег“. Всушност, сѐ што настанува во овие песни на Шопов, настанува на двата привидно различни, иако стварно оддалечени брега – на океанот и на езерото, а човекот е оска на секој настан и тој човек е секогаш еден и ист, само копнежите еднаш го носат преку океанот кон езерото, а другпат преку езерото кон океанот. И сѐ е тука, на едно место: и реквиемски звук од понорот на сознанието за ништожноста, оти поминливоста е општа и незапирлива; и нежна кантилена во облека на едно љубовничко предавање на она тело што е црна маслина; и нешто галактично, уочено под небото и пред океанот на афричкиот брег, но исто така – и не само со асоцијации и претпоставки – како препишано од историскиот и судбинскиот летопис на Македонија, оти и Штип и Жоал имаат „исти љубови (исти бранувања) и исти поетски маки и сонувања“ (во песната „Во Штип и во Жоал“). Цела една флилозофија на егзистенцијата, со свои митски и метафизички бои и созвучја, со лирски суптилитет на една исклучителна и толку речита изнијансираност, потсетува на себе од овие стихови за маката и радоста, и за небиднини, што се и израз на поетскиот континуитет на Ацо Шопов, а истовремено крупен зачекор подалеку од претходното поетско искуство, наедно со тоа и многу самосвојствено за окружување на еден творечки циклус, кој е и дообјаснување на претходвиот, оној од Небиднина (1963) и Гледач во пепелта (1970), негов естетски резонанс и една нова свест во поетиката на Шопов, свест што можеби ја откриваат и стиховите за татковината: „светот не е поголем од збор што од секаде моќно се огласува“ (во песната „Те спомнам ли“). И дрвото баобаб тука не е само обично растение, украс на природата, сеедно во кој кат на земјата; баобаб – тоа е симбол на народната отстојливост пред луњите на вековите, на неуништивоста на човекот; баобаб е симбол на животот, една од најтрогателните оди во македонската поезија за неговата вечна обнова. Дури и она заминување „со галии во непознати и далечни туѓи континенти“ (во една од песните на поемата „Светлината на робовите“), ако се чита песна а не стих, ако се ослушнува таговниот глас на поттекстот, ќе се сфати дека од прошталната мелодија на песната се извишува една печалбарска социјална и звучна вистина, пред која поетот не е неутрален и рамнодушен.

Така, ниту човекот е мал и ништожен пред огромноста на океанот, ниту е можно да се пренебрегне стоичката мудрост за отстојливоста на народот, ниту светот е поголем од збор со безгранична моќ на распространување, ниту е можно да се открие родината без да се открие светот, по чија една светла точка во далечината копнее поетот, обрнувајќи ѝ се во мислите и кога тоа на прв поглед на го сугерира употребениот симбол. Се разбира, работата е во тоа да се симне лушпата на симболот, да се ѕирне под неговиот површиски слој…

__________________
* Текстот, објавен по повод излегувањето од печат на книгата Песна на црната жена, Скопје, Мисла, 1976, е објавен во Нова Македонија, на 18.07.1976, стр. 11