Поезија на животната свеченост*

Анте Поповски

Поводот е повеќе од трогателен.

Ацо Шопов е автор на еден егзистентен поетски опус зачнат во најдраматичните искушенија на нашата Револуција, 1941, во која ги положија своите животи неговите другари и соборци: Коста Рацин, Никола Јанков Вапцаров, Коле Неделковски, Мите Богоевски, Ацо Караманов и др. Не треба да се копа подлабоко низ македонското време и невреме за да се согледа истоветноста на македонскиот поет со судбината на неговиот народ: поетот на тој народ е и негов ѕвездоносец, но и негова прокоба; поетот и народот остануваат низ времето: „неразделни како куршумот и раната“.

Со смртта на Ацо Шопов уште повисоко се издигна моралниот обелиск на македонскиот писател и полека, со неговото исчезнување, како да се најавува затворање на еден нов круг во македонската духовна историја! Тој круг, таа генерација, ја започна својата книжевна егзистенција малку пред или во самата Револуција, за со своите сопствени коски и ребра да го избори правото и слободата на македонскиот збор. Точно на таа генерација, на која ѝ припаѓа и Ацо Шопов ѝ падна во чест да го оконча вековниот ôд по македонските премрежија и да го оствари сонот на бројните генерации и на илјадниците знајни и незнајни македонски мажи чии крстови никнуваа место жетва по македонските полиња. Таа генерација едновремено беше и првата која заедно, рака за рака со слободата, влезе во македонскиот дом, стапна на македонска почва, како празник на празниците, како прв меѓу идеалите во сите негови многукратни значења во овој наш национален простор и идентитет.

Тоа е таа црвена нишка на македонското истрајување, тоа е тој континуитет на духовната борба и преродба што се протега непрекинато веќе два века наназад, за некаде кон средината на ова наше столетие да бидат остварени целите и идеалите на таа борба и на тој народ. И, точно на Ацо Шопов му падна во чест, исто така, својата прва книга поезија да му ја подаде на својот народ уште во 1944 година, во неговите Бели Мугри, како прва книга на слободниот македонски збор. Со сиот занес на младич, на чие тело уште не беа зараснати раните војната, како показ дека вистинскиот збор се идентифицира и брани само со животот на поетот. Лузните подоцна се покажаа.

Зборувајќи за Ацо Шопов, за посебностите на неговиот поетски опус, не е неопходно некое идно време за да се оцени дека тој е еден од најсамобитните автори на нашата и југословенската современа поезија. Самобитен – што значи совршено препознатлив, особено според искреноста која претставува органски најсуптилната честичка на неговата поезија.

Поезијата на Ацо Шопов уште од нејзините зачетоци носи печат на една чудна резигнација, на една прокоба и довик, на едно обраќање себе си, кое кај нас традиционалистичките книжевни толкувања го поедноставија и изедначија симплифицирајќи го со синонимот на интимистичка рефлексија и исповедност. Точно е дека станува збор за еден човечки исповед подолг од четири децении но и препознатлив низ времињата по нас. Долго ќе одзива низ времето неговата молитва за непронајдениот збор, збор што како Адамово ребро открива сила на пресоздавање и сила на оган. Тој оган во поетскиот микрокосмос на Ацо Шопов е доминантна филозофска категорија, е вистинскиот центар, од каде лесно се откриваат и препознаваат неговиот сон и белезите на неговата траума.

Сонот на Ацо Шопов низ поезијата е да го отгатне животот, неговата свеченост и плавност. Се чини, меѓутоа, дека мачејќи се да го осознае животот, Ацо Шопов како да ја одгатна смртта, апокалиптичноста на нејзиното битие. Пепелта е таа што го опкружува како излез од огнот: и кога гаснат ѕвездите, и кога се скаменуваат крилцата на неговата пеперутка но и тогаш кога ги преведува драматичните слики од војната: Тој ги преведува низ симболите на пепелта. Пепелта останува опсесивна тема на неговата поетска вокација и поетско искуство и една од доминантните посебности на неговата филозофска порака.

Во една етапа на својата поезија Ацо Шопов со изострен поетски слух и претчувство наслути дека постои еден невидлив но за секој случај препознатлив синоним на пепелта. Тоа беше неговата небиднина, која во една историска релевантност прецизно одразува дел од македонската егзистенција низ вековите. Ацо Шопов низ суптилна парабола го поставува огнот на зборот и неговиот модар пламен во кој треба да изгори поетот наспроти радоста. Зборот се покажува од темнината и свети неговиот оган и што значи тука човекот наспроти зборот? Зад поетот останува вистинскиот живот, останува неговата песна која ќе го надживее низ времињата. Ацо Шопов ја изнајде тајната на тој збор што стои наспроти огнот и отаде пепелта. Отаде небиднината. Името на тој збор е – љубов.

Но, бидејќи љубовта е свеченост, бидејќи е голема, света и вечна тајна, има зошто поетот нејзе да ѝ робува и служи. Маgијата на тој збор, нејзината спиритуелност и бесконечност, од поетот прават заробеник и аскет. Ацо Шопов сам се преведува од јазикот на љубовта на прекрасниот јазик на недојденото, како негов заробеник.

Тука зачнува неговата поетска религија зашто во пепелта тој гледа само крај на мудроста на огнот но и почеток на немирот на крвта, што „надоаѓа во диви ритми, како да идат сите коњи дории од кои татнат сите кории“.

Исклучително ретко во поезијата на Ацо Шопов ќе наидеме на спокојство и мир. Тоа се, речиси непостоечки оази во бесконечната пустина што ја населува пепел и под неа немирните игри на огнот, водата и ѕвездите. Ова свето тројство на неговата поезија ја вознемирува неговата крв, ги раѓа неговите лелекања и чекања. Но чекања на што? Не на проклетство, не на фатум, туку на „време што не знае за стареење“, туку на песна од „земја-црвеница“, туку на „златен прав на вишните“ во неговата татковина. Тоа татковинско чувство, низ симболиката на нејзината трагика, се поистоветува со неговото чувство на осаменост и црнеење низ времето. Точно во оваа дијалектика треба да се побара моралната димензија на неговиот однос кон животот и зборот. Далеку се, невидливи, под таинствен превез на некоја замаглина, пасторалните предели на спокојот… Тие како да не постојат во поезијата на Ацо Шопов, која коби и не ќе престане тоа да го прави и сега, по неговото исчезнување.

Само така: во поезијата на Ацо Шопов треба да се открива апологија на животот наспроти смртта, апологија на радоста наспроти неговата бела тага, апологија на слободата наспроти пепелта. Ако е тоа речено во некои посонорни тонови, напати со назначен црн мол, тоа се само одрази на поетска меланхолија, тоа се одрази на рефлекс формиран исклучиво во посебноста на неговата медитација и прошетка низ животот. Зашто, животот му го одзеде правото на зборот, го згрчи неговото грло и им ја одзеде силата на рацете. Тој, животот, го научи Ацо Шопов да го наслутува огнот и да го претчувствува крајот. Дури и својот.

Што ќе му е на поетот живот без збор? Како одговор на таа неправда што му ја нанесе животот одземајќи му го зборот, Ацо Шопов, со право, ѝ се приклони на пепелта.

Ацо Шопов живееше онолку колку што му е судено на поетот на оваа земја. Од Константина Миладинов и Прличев, до Рацина и Вапцаров, до Шопов, сите некако си умреа во иста доба. Зошто ова парче земја и ова небо не му даваат на поетот право да си поживее подолго? На што му се лутат и за што предвреме го казнуваат? Не треба да се изуми дека цели две децении, налик на Прличев и на Константина и на сите други и Ацо Шопов гребеше и се мачеше да живее. Последните недели, последните денови, тоа беше само инкарнација на своите темни претчувства. Ние сите го паметиме поинаков: во елегантен сако, исправен, со љубичеста кравата (како во познатите платна) усаменик и боем, и со една загадочна насмевка наспроти неговиот молк. Ацо Шопов останува заробеник на својата сопствена песна: вистински да бакнува рака на жена меѓу македонските поети знаеше само тој. Не случајно: во својата поезија тој ја поистовети љубовта кон жената – како љубов кон животот. Така, скаменета останува таа претстава во свеста: елегантно наведнат ја бакнува раката на животот. Зашто, ако веќе човекот нема право на избор на своите родители и народот нема право на избор на своите поети. Тие се раѓаат сами за среќа на народот.

__________________
* Текстот е објавен во Нова Македонија, 25.04.1982, и во Просвета, 10.05.1982.